Tesla се соочува со големи проблеми поради централниот екран
Американската агенција за безбедност во сообраќајот отвори истрага за откажувањето на мултимедијалниот систем на Tesla во некои примероци на Model S
Најголемиот проблем, кој може да се покаже како голема грешка за американскиот производител на електрични автомобили, е тоа што речиси сите функции и физички команди во автомобилот ги смести на екранот чувствителен на допир кој е дел од инфозабавниот систем. Американската агенција за безбедност во сообраќајот (NHTSA) отвори официјална истрага откако прими неколку обвинувања и жалби за откажување на овој систем на 11 примероци на Model S произведени меѓу 2013 и 2015 година. Според наводите, во случај да се потврди дека нешто не е во ред со централниот екран, односно инфозабавниот систем, во потенцијална опасност се сопствениците на околу 63.000 Tesla Model S автомобили.
Инаку, во срцето на овој систем се наоѓа Nvidia Tegra 3 микропроцесор со интегрирана eMMC NAND флеш меморија од 8 гигабајти. Станува збор за меморија која има ограничен животен век во зависност од бројот на работни циклуси на програмот. Првите знаци дека овој уред е пред откажување, меѓу останатото, се продолженото време потребно за негово вклучување, како и повременото губење на навигацијата во возилото.
Истата флеш меморија е и во Model X
Доколку управувачката единица на мултимедијалниот систем откаже во целост, се губат сите негови функции, вклучително и навигацијата, можноста за пребарување на интернет, прикажување на помошните камери за возење наназад. Како што се наведува, дефектот на оваа единица може да доведе и до проблеми со контролата на клима-уредот, но и до неможност за максимално полнење на погонската батерија при полнење со електрична енергија.
Во една од тужбите до NHTSA, еден сопственик на спорниот Model S се пожалил дека по откажувањето на уредот не можел да ги одмагли стаклените површини бидејќи не можел да пристапи до командите од клима-уредот. Во друга жалба, сопственик тврди дека од иста причина бил оневозможен да ги контролира функциите поврзани со Tesla автопилотот, што е потенцијално најопасниот проблем од сите наведени.
NHTSA соопшти дека Tesla спорната флеш меморија освен во Model S (2012-2018) ја вградувал и во Model X (2016-2018), но овој електричен кросовер засега не е опфатен со нивната истрага.