Тест BMW iX3 50 xDrive M Sport: Ресетирање на приказната

Нов дизајн, нова платформа, нова технологија, iX3 е првиот голем чекор на марката во ерата на Neue Klasse, оваа не е само нов електричен модел на BMW, туку најава за начинот на кој брендот ќе изгледа, функционира и вози во иднина.
На неколку декади BMW лансира модел кој не само што ја продолжува приказната на брендот, туку ја пишува одново. Со новата генерација на моделот iX3 која е изградена врз целосно новата платформа гордо наречена Neue Klasse, баварскиот производител го прави токму тоа. Ова не е уште еден електричен SUV со сличен дизајн на својот бензински близнак, туку возило замислено од нула, со чиста електрична архитектура, револуционерна технологија на батеријата и дигитален интерфејс кој ги менува правилата на игра во сегментот на премиум електрични кросовери.

Ново лице, препознатлив потпис
Постои одреден вид тишина што ја носи новиот iX3 кога прв пат ќе застане пред вас. Не е тоа тишина од отсуство на звукот од моторот со внатрешно согорување, туку визуелна смиреност и контролирана самоувереност во секоја линија на каросеријата, во вид на тивок авторитет. Кога ќе се доближите почнувате да ги забележувате деталите кои на прв поглед изгледаат едноставно, но всушност се резултат на бројни рунди инженерско-дизајнерски состаноци.
Легендарната бубрежна решетка на BMW тука не исчезнува, туку станува потивка и скоро скулпторски тенка, вертикално издолжените контури повеќе потсетуваат на графички знак отколку на класична решетка за воздух, дополнително осветлена, како тивок потсетник на идентитетот на брендот, а не како доминантен визуелен елемент кон кој е насочено целото внимание. Погледот природно се лизга кон предниот дел, каде тенките, хируршки прецизни ЛЕД светлосни склопови ја оцртуваат својата присутност со изразена графичка јасност, без непотребна драматика или преголема агресивност. Истата дисциплина продолжува и по страните на автомобилот, каде површините се обликувани со мазни, континуирани транзиции кои создаваат чувство на монолитност. Самите пропорции му го даваат на iX3 она чувство на присутност кое го очекувате од премиум СУВ, но без масивност која ја одзема елеганцијата. Всушност, впечатокот при директен контакт со возилото е дека тоа делува поголемо одошто сугерираат бројките на хартија, што пак е резултат на внимателно балансирани пропорции меѓу должината на предниот и задниот дел, висината на каросеријата и позицијата на тркалата.
Задниот дел на iX3 продолжува со истата филозофија на смирена прецизност со тенки, хоризонтално ориентирани светлосни склопови кои визуелно го прошируваат возилото и му даваат стабилен и цврст изглед. Секој премин помеѓу панелите, секоја игра на светло и сенка, изгледа испланирана со единствена цел, да создаде хармонија помеѓу естетика и функција, наместо визуелен шум кој бара внимание. Она што најмногу остава впечаток на надворешниот дизајн е моментот кога со секој нова средба се открива нов, внимателно вграден детал кој претходно не сте го забележале.
Кога ентериерот станува интерфејс
Ако екстериерот на iX3 раскажува приказна за смиреност, внатрешноста креира ново поглаглавје во уредувањето на ентериерот. Со самото отворање на вратата прво нешто што ве пречекува не е конзола преполна со копчиња, ниту студен, технички простор, туку амбиент кој делува топло, промислено и изненадувачки органско за возило толку напредно технолошки. Централниот елемент, оној што веројатно ќе го паметите најдолго откако ќе излезете од возилото е новиот BMW Panoramic Vision, проекциски систем со димензија од 43,3 инчи, кој се протега преку целата долна половина на предното стакло. На овој начин информациите доаѓаат директно во вашето видно поле, интегрирани во самото искуство на возење. Тој е комбиниран со 17,9 инчниот централен екран, изработен во нестандардна, трапезоидна форма. Заедно, овие два екрани го сочинуваат системот BMW Panoramic iDrive, потпомогнат од оперативниот систем BMW OS X, кој не само што изгледа модерно, туку и се чувствува интуитивно.

Технолошката поврзаност со секојдневниот живот на возачот е исто така на високо ниво. Возилото доаѓа стандардно опремено со безжична поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Стандардно е достапно и безжично полнење на телефонот, а можностите за дигитална поврзаност прават телефонот да може да функционира и како дигитален клуч за возилото, овозможувајќи заклучување, отклучување и стартување без класичен физички клуч. Преку официјалната BMW апликација, возачите можат далечински да го проверат статусот на полнење, да ја загреат или разладат кабината пред влегување, па дури и да контролираат одредени функции додека возилото е паркирано.
Материјалите зборуваат сопствен јазик на квалитет, рециклирани текстилни површини кои на допир делуваат природно и пријатно се комбинирани со внимателно избрани акценти кои додаваат сериозност. Седиштата не само што се удобни, тие се обликувани со разбирање дека луѓето поминуваат саати во нив, на долги патувања, со деца на задните седишта или со колеги на службен пат. Просторот за глава и колена, во двата реда е дарежлив, а рамниот под дополнително придонесува за чувството на ширина, всушност внатрешниот простор потсетува на нешто поблиско до поголемиот X5, отколку на СУВ кој е позициониран една класа пониско. Кога станува збор за практичноста, iX3 ниту овде не разачарува, минималните 520 литри на искористив простор се доволни за секојдневни потреби или куфери за подолго семејно патување. Со преклопување на задните седишта габаритот се зголемува до 1.750 литри, што отвора можност за пренос на поголеми предмети или спортска опрема за викенд надвор од градот.
Она што дополнително го издвојува е присуството на простор за складирање под предната хауба со капацитет од 58 литри, овој дополнителен багажник со дренажни отвори, овозможувајќи чист и практичен начин за складирање на каблите за полнење или влажна спортска опрема. На крајот како резултатот се добива кабина која не само што импресионира со количество технологија, туку со квалитет на искуството во кое секој сантиметар простор, секоја конекција и секој детал имаат своја јасна цел.

Електричен погон со BMW темперамент
Срцето на тестираниот iX3 50 xDrive M Sport е шестата генерација на BMW eDrive технологијата, изградена околу нова 800 волтна архитектура и цилиндрични батериски ќелии. Оваа комбинација овозможува значително подобрена енергетска густина, помали загуби на енергија и посуштинско зголемување на брзината на полнење во споредба со претходните електрични модели. Возилото користи двомоторен систем кој овозможува сериски погон на сите тркала. Задната оска ја движи електричен мотор кој испорачува 240 kW (326 КС), додека предната оска добива електромотор од 123 kW (167 КС) доволно за комбинирана излезна моќ од 345 kW, односно 469 коњски сили, кои се пропратени со соодветна влечна сила од 645 Нм. Наведените податоци се доволно за спринт од 0 до 100 км/ч за само 4,9 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 210 км/ч. Батеријата е со бруто капацитет од 115 kWh, а дозволува искористување од приближно 108,7 kWh и овозможува дострел во зоната од 800 километри според WLTP мерењата. Резултат кој го поставува iX3 меѓу возилата со најголем досег во класата.

Кога станува збор за полнење, бројките велат дека максимална брзина на DC полнење од 400 kW овозможува полнење на батеријата од 10% до 80% за околу 21 минута, или додавање на приближно 350 километри радиус на движење за само 10 минути пауза. За оние кои полнат дома, вградениот наизменичен AC полнач од 11 kW бара помеѓу 10 и 11 часа за целосен циклус, што е идеално за полнење преку ноќ. Реалната потрошувачка, се разбира, секогаш е приказна различна од лабораториските услови. Па така во текот на тестот, во кој беа изминати малку повеќе од 500 километри во комбинација од градска возење, регионални патишта и подолги делници на автопат, iX3 50 xDrive покажа просечна потрошувачка од 18,3 kWh/100 км, резултат кој во голема мера соодветствува со очекувањата. Со ваква просечна потрошувачка, реалниот дострел во мешани услови се движи во опсег од околу 590 до 600 километри со едно полнење. Но, техничките податоци, колку и да се впечатливи, не ја раскажуваат целата приказна за возните својства.

Зад воланот, iX3 открива карактер кој веднаш го препознавате, динамичен и прецизен, со онаа возачка комуникативност што одамна е заштитен знак на брендот, овој пат мајсторски преточена во електрична форма. Управувањето реагира директно, а рамнотежата во кривините останува препознатливо баварска, оставајќи впечаток дека возилото секогаш знае точно каде се наоѓа секое од неговите тркала. Во овој дел главната улога ја игра системот „Heart of Joy“ кој во комбинација со технологијата за динамична контрола на перформансите придонесува за возење кое делува интуитивно и спортски во секоја ситуација, без разлика дали „лебдите“ низ урбана гужва, „напаѓате“ серпентини на планински пат или едноставно посакувате поагилен одговор на автопат. А тоа е особина која кај возило со маса од речиси 2,3 тони ретко се среќава.
На крајот може само да додадеме дека iX3 не ветува иднина која треба да ја очекувате, туку иднината ја прави достапна веднаш, во дадениот момент. Тоа го овозможува преку формата на екстериерот, со кабината која поставува нови стандарди во дигиталната интеграција, технолошкиот пакет кој комбинира дострел и брзина на полнење, а меѓу другото тука се вешто инкорпорирани и возната динамика и карактерот што ги прави возилата на BMW препознатливи и уникатни.

Цена на тестираниот модел: 100.060 евра
Технички податоци за BMW iX3 50 xDrive M Sport
| Мотор | Електричен |
| Моќност на преден ел.мотор | 123 kW (167 КС) |
| Моќност на заден ел.мотор | 240 kW (326 КС) |
| Вкупна максимална моќ | 345 kW (469 КС) |
| Макс.вртежен момент на преден ел.мотор | 255 Nm |
| Макс.вртежен момент на заден ел.мотор | 435 Nm |
| Вкупен макс. вртежен момент | 645 Nm |
| Трансмисија | На сите четири тркала преку директен автоматски едностепен менувач со фиксен пренос |
| Потпирање | напред двојнa зглобна оска со телескопски амортизери, стабилизатор, назад петкрака оска со одделно поставени пружини и амортизери |
| Сопирачки | напред вентилирачки дискови назад вентилирачки, ABS, DSC, ASC, DTC, CBC |
| Пневматици | напред: 255/45 R20 назад: 255/45 R20 |
| Каросерија | СУВ со пет врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.782 х 1.895 х 1.635 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.897 мм |
| траги (напред/назад) | 1.628 / 1.633 мм |
| Тежина | 2.285 кг |
| максимална тежина | 2.825 кг |
| багажен капацитет | 520 – 1.750 литри (плус 58 л преден багажник) |
| максимална брзина | 210 км/ч (електронски ограничена) |
| забрзување (0-100 км/ч) | 4,9 секунди |
| капацитет на батерија | Расположиви 108,7 kWh (нето), напон 698,9 V |
| декларирана просечна потрошувачка на ел.енергија | 15,1 – 17,9 kWh/100 km (WLTP комбинирано) |
| времетрање на полнење | AC 11 kW 0-100% 11ч, DC 400 kW 10-80% 21 мин. |
| автономија на движење | Декларирани 679 – 805 километри (WLTP) |
| емисија на CO2 | 0 г/км |
BMW iX3 во Македонија:
| Škoda Superb Essence 1.5 TSI-e 150 HP | 38.870 евра |
| Škoda Superb Selection 2.0 TSI 204 HP | 45.060 евра |
Повеќе информации во М Кар, на (0) 2 30 96 600 или на www.bmw.mk
Конкуренти:
| Audi Q6 e-tron | од –.— до –.— евра |
| Mercedes-Benz GLC Electric | од –.— до –.— евра |
| Volvo EX60 | од –.— до –.— евра |
| Tesla Model Y | од –.— до –.— евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.




















































