fbpx

Тест: BMW X2 xDrive M-Sport НОВ LIVESTYLE АДУТ НА БАВАРЦИТЕ

Креација развиена за оние фанови на брендот, кои навистина сакаат и бараат дополнителна емоција и емитување од својата машина, но во никој случај не се подготвени и не сакаат да направат чекор надвор од докажаното низ годините високо ниво на производите на брендот

Моделот X2 е насочен кон сосема нова потрошувачка група- таква која досега била надвор од семејството клиенти на брендот, без перцепција кон производите со строг стил, туку спротивно: кон нешто разиграно, свежо, атрактивно…, а сепак BMW-овски! Тешко дека некој може да понуди разумни аргументи и со искреност да каже дека производите на BMW во последните 4-5 години не се секогаш на највисоко рамниште.

Но, секогаш има и такви кои бараат „влакно во јајцето“, па ја критикуваат стереотипноста на предниот дел, едноставноста во внатрешноста… Но Баварците тоа го побиваат со фактот дека оваа формула се покажа неверојатно успешна. Формула прифатена со задоволство и призната од страна на потрошувачите, а многу елементи остануваат репер за тоа како треба да биде спроведено управувањето со инфо-комуникациски систем на секој еден автомобил, со подвозјето и потпирањето.

Сепак за да не бидат критикувани, експертите од легендарниот бренд, му подарија на светот едно поинакво BMW. Се повеќе млади луѓе живеат во урбана средина, водат активен животен стил и се совршено поврзани со дигиталниот свет. При изборот на автомобил (тоа го потврдуваат многу анкети) тие би избрале емоционален кросовер. За овие млади луѓе BMW го лансираше новиот компактен модел X2. Но, рака на срце не само младите се целната група на новиот модел. Исто така е наменет за луѓе, дури и со „побелена“ коса, кои уште го задржуваат младешкиот дух (на пример јас) и нема да се двоумат да влезат во модерен и возбудлив автомобил.

BMW X2 е привлечен и со своите светли бои и свежа визија го привлекува вниманието со кршење на стереотипите на сегментот и носи сосема нова димензија при управувањето.

Новината ги комбинира гените на еден типичен SUV со спортскиот дух на купе изведбите, реално неверојатно добро измиксирано. При првиот визуелен контакт вниманието го привлекува неговиот атлетски дизајн со кратки преклопи, правоаголни лакови на тркалата, голема хауба и остри странични здолништа. Новата решетка со „двојните бубрези“, која е веќе хексагонална и има обратна форма, се проширува до дното на предниот дел. На двете страни на решетката се поставени тесните фарови, слични на „очи на предатор“, кои опционално можат да бидат целосно LED, како кај нашиот тестен модел 1со проширени функции (вртливи елементи за брзини до 40 km/h и статичко вртливи до 70 km/h),

Калниците над трклата силно „набилдани“, а линијата на прозорецот со продолжена форма до областа на задните столбови. Малиот заден прозорец е покриен со стилски спојлер и широките „раменици“ се нагласени од страна во L облик. Во овој дел е специфично дозајнираниот браник и карактеристичните издувни цевки. Дополнителниот M Sport пакет вклучува аеродинамичен комплет за каросеријата и 19-инчни алуминиумски тркала (Y-spoke style 722 M), наместо стандардните од 17-инчи. BMW X2 е компактен модел со должина од 4,36 метри, ширина 1,82 и височина 1,53. Меѓуоскиното растојание од 2,67 метри.

Ова е најмалиот кросовер на BMW, базиран на платформата на X1.

Освен по ова, врската со BMW X1 е и во внатрешноста. Таа главно е направена со хоризонтални линии, а ентериерот изобилува со многу хромирани и алуминиумски детали. Компактниот трикрак управувач е мултифункционален и прекриен со пријатна кожа, а во областа на зафат со рацете е задебелен. Екранот во боја се наоѓа на врвот на средишната конзола и во нашиот случај беше од 8,8 инчи. Во листата на опции имавме и head-up со најважните податоци на ветробранското стакло. Централниот панел на BMW X2 традиционално е насочен кон возачот.

Работата на менито на системот се врши со помош на кружен џојстик на централниот тунел. Копчињата на аудио системот и Climatronic се мали и одделни едни од други, рационално распоредени и управувани интуитивно. Тука се HiFi систем за озвучување, 205 W засилувач, 7 звучници, како и „навигација Плус“, со можно планирање на рути во согласност со индивидуално дефинирани критериуми, прикажување на информации за растојание од-до одредена дестинација, предвидување на време на пристигнување…

Седиштата напред се прилично „крути“ и имаат добра странична поддршка, односно пакетот M Sport вклучува спортски седишта. Позицијата на седење е малку пониска отколку во X1, давајќи поспортска нијанса. Возачот и совозачот се одделени од високиот тунел на пренос. Рачната сопирачка е електромеханичка и зафаќа помалку простор од стандардната рачка. Ова овозможува да се зголеми големината на потпирачот за рака со кутија внатре. Вториот ред на седиштата во BMW X2 е малку повисок од првиот. Има доволно место за нозете, но патниците над 180 cm во висина чувствуваат одреден недостаток на простор над главите. Задното седиште не е премногу широко, па затоа за поудобно патување не е потребно повеќе од двајца патници. Волуменот на багажникот е 470 во нормална состојба и 1.355 литри со преклопени задни седишта.

Дизел моторите се со три верзии на моќност на добро познатиот 2.0-литарскиот четирицилиндерски мотор.

Најмалиот е со 150 коњски сили во варијантите X2 sDrive18d и X2 xDrive18d, следува моделот X2 xDrive20d со моќност од 190 КС, а најголемата варијанта X2 xDrive25d располага со 231 КС. Двата нови мотори се стандардно опремени со интелигентниот погон на четири тркала xDrive и 8-брзинскиот Steptronic автоматски менувач. За тест опција во М-Кар направиле избор BMW X2 xDrive20d, кој се очекува да биде најдобро продаван кај нас. Се напојува со веќе споменатиот 2.0-литарски турбо-дизел со моќност од 190 КС. Моторот го забрзува X2 од 100 km/h за 7,7 секунди, а максималната брзина е 221 километар на час.

Максималниот вртежен момент е достапен во интервалот од 1.750 до 2.500 вртежи, што е сосема доволно не само за пргав спринт од место, туку и за сталожено забрзување при претекнување со ограничена видливост. Новиот BMW X2 xDrive20d комбинира само 8-брзински Aisin автоматски менувач, кој префрлува во посакуваниот степен брзо и непречено. Освен тоа моторот е многу економичен и во град потрошувачката е под 8.0 l/100 km. На отворено може да падне и под фантастични 6.0 l /100 km (според нашите мерења). Придонес за последното има и одличната аеродинамика со коефициент на отпор на воздухот од 0,29 (0,28 за основната верзија).

Ова е плод на интензивните тестови во воздушниот тунел на BMW, кој следната година ќе ја прослави својата 10-годишнина. Од BMW не се плашат од никакви тестови и критики во врска со штетните емисии во реални услови. Бескомпромисната комбинирана технологија за обработка на азотните оксиди, вклучувајќи ги DeNox катализатор и системот за вбризгување на АdBlu, помага за постигнување на ниво Euro 6d-Temp. Уште еден од аргументите „за” – освен изгледот.

За подобра динамика на патот, моделот BMW X2 xDrive20d M Sport е опремен сериски со М-спортска суспензија со поцврсти пружини и амортизери, како и пониска за 10 mm.

Со опционалниот систем за контрола на динамичка амортизација, подесувањата за суспензијата се контролираат поединечно од зависност на условите на патот. Благодарение на изборниот систем за управување со М-сервотроник со електричен засилувач и подиректен управувач, автомобилот реагира брзо и прецизно на реакциите на возачот, овозможувајќи му да има целосна контрола врз автомобилот. Ако изберете спортски режим, воланот е поцврст, управувањето е директно, а при високи брзини станува се „потежок“. Благодарение на погонот на четири тркала од системот xDrive, новото BMW X2 е многу урамнотежен на патот, а добрата адхезија со подлогата овозможува и спортски менаџмент. Тежиштето на новата X2 е пониско во однос на X1, па управливоста е речиси на ниво на хечбек.

Овде законите на математиката се малку искривени. Ознаката „2“ во исто време е повеќе и помалку од „еден“. BMW X2 е позициониран по големина под X1, но ценовно е над него. Впрочем, оригиналноста и разновидноста се платени. Дури и ако го прифатиме BMW како неконвенционален, X2 е „неконвенционална” верзија на „конвенционалниот” X1. Тој е хетероген близнак, но со многу поинаков изглед, а за тоа треба и да се издвојат „повеќе парички“. Вака спакуваната верзија со сите опции кои ги набројавме чини во М-Кар 64.270 евра. Цената на основниот модел BMW X2 sDrive 18i изнесува 34.530 Евра.

Технички податоци за  BMW X2 xDrive 20d M-Sport
мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 cm3
пречник и од 84,0 x 90,0mm
степен на компресија 16,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 190 KС (140 kW) при 4.000 min-1
макс. вртежен момент 400 Nm при 1.750-2.500 min-1
трансмисија на сите четири тркала x-Drive преку 8-степен автоматски менувач Steptronic
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/60 R19  Y-spoke style 722 M
каросерија кросовер со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.360 x 1.824 x 1.526 mm
меѓуоскино растојание 2.670 mm
траги (напред/назад) 1.563/1.562 mm
тежина 1.675 kg
максимална тежина 2.245 kg
багажник 470/1.355 dm3
резервоар 51 литар
максимална брзина 221 km/h
забрзување 0-100 km/h 7,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,3/5,6/4,2 l/100 km
емисија на CO2 121 g/km
BMW X2 во Македонија
X2 18is 34.530e
X2 20is 37.970e
X2 20xi 43.140e
X2 18ds 36.440e
X2 18dx 38.550e
X2 20dx 1 43.980e
X2 25dx 53.100e
Повеќе информации во М-Кар или на тел. (02) 3096 600
Конкуренти:
Mercedes GLA oд 30.480 до 66.980 евра
Аudi Q2 oд 24.941 до 43.766 евра
Volvo XC 40
Jaguar E-Pace oд 39.990 до 77.500 евра

Поврзани вести

Back to top button