fbpx

Тест Chery Tiggo 8 Pro: Нов играч со силни атрибути

Откако поминавме неколку дена со новиот Chery Tiggo 8 Pro може да кажеме дека ги потврди позитивните впечатоци што ги стекнавме за време на регионалната презентација. Овој стилски SUV ги исполни и ги надмина сите очекувања, па дури и донесе моменти на позитивно изненадување што не се случува многу често со комплетно ново возило.

Најпрво би сакале барем за момент да ги тргнете на страна сите предрасуди што ги имате за возила кои доаѓаат од кинеските производители и својот фокус го насочите стриктно кон самото возило. За нештата да бидат појасни, на самиот почеток важно е да се знаат и некои основни податоци за куќата од каде што доаѓа моделот. Компанијата Chery од своето основање во 1997 година константно вложува во развој и имплементација на најнови технологии. Имено, освен во матична земја, свои развојни центри има на европскиот континент, како и во северна и јужна америка. Во целината се вклучени и 10 фабрики низ целиот свет во кои се призведуваат возила за преку 80 пазари.

Покрај соработките со големи играчи од IT секторот, од типот на Huawei и Horizon Robotics, компанијата соработува и со автомобилски компании, а како пример ќе го наведеме партнерството со Land Rover и Jaguar за кои произведува одредени модели од гамата наменети за кинескиот пазар. Затоа, нема потреба од зачудени погледи кога прв пат ќе се сретнете со Tiggo 8 Pro кој се идентификува како „up market“ модел.

Складна елеганција

Да започнеме со изгледот кој е изведен по „movement design“, јазикот на компанијата што ги преплетува биониката и естетиката за да создаде возило што има течен дизајн, додека одржува впечатливо присуство. Однадвор, тродимензионалната решетка е инспирирана од ѕвездите во галаксијата, што го привлекува окото и јасно го истакнува неговиот облик и длабочина. Иако е потешко да се одржува чиста, ние ја претпочитаме црната метализирана боја бидејќи навистина ги истакнува пропорциите на надворешноста на Tiggo 8 Pro.

Chery Tiggo 8 Pro Тест

Изразено тенките и целосно автоматските Matrix-LED предни светла со двојни дневни светла, наречени „tiger eyes“ се срцето на впечатливиот визуелен потпис на возилото, во исто време изгледаат „луто“ и софистицирано. Под фаровите се наоѓаат отворите за воздухот, кои патем се функционални единици, тука нема лажни отвори. Заокружувањето на изгледот во предниот дел е заштитната завршна плоча во сребрена боја. Профилот на Tiggo 8 Pro изгледа пропорционално, изведен по принципот кој му дава соодветна SUV силуета со висока странични линии и големи прозорци.

Како дополнување на складната и елегантна силуета доаѓаат 18-инчни алуминиумски тркала со повеќе краци на кои се поставени пневматици со димензии 235/55. На задниот дел, Tiggo 8 Pro носи вкусно изразен спортски стил. Почнувајќи од кровот со антената во облик на перка од ајкула и спојлерот монтиран на покривот со интегрирано стоп светло, а потоа спуштајќи се до LED задните светла со впечатлива структура одава впечаток дека е подготвен за акција во секое време.

Луксузно и максимално практично

Со самото влегување во кабината првото нешто што ќе го забележите се луксузните кафени кожни седишта кои изгледаат првокласно благодарение на модерното штепување. Возачкото седиште доаѓа со електрично прилагодување во шест насоки заедно со лумбална поддршка и функција за меморија. Пронаоѓањето на совршената возачка позиција е супер лесно. Потпирачите за глава се со прилагодливи „јастучиња“ слични на оние што можете да го сретнете во високолуксузните автомобили.

Вториот ред на седишта е повеќе од удобен, аголот на потпирање е прилагодлив, а исто така може да лизгаат напред и наназад со што се зголемува просторот за нозете. Зад нив е скриен уште еден ред седишта кои се со помали димензии, сосема удобни за деца, но ниту возрасни лица нема да се пожалат на пократки дестинации. Дека во Chery мислеле и на патниците од крајниот ред покажуваат отворите за вентилација и држачите за пијалоци. Седиштата во двата задни реда можат целосно да се преклопат со што се добива рамна површина која во едно го прави Tiggo 8 Pro многу практичен.

Chery Tiggo 8 Pro Тест

Зад електрично задвижуваната задна врата, кога се сите седум седишта во функција имате на располагање речиси 200 литри багажен простор, доколку го соборите третиот ред просторот се зголемува  на 1.179 литри, а ако и тоа не доволно, тогаш го соборувате и вториот ред седишта и добивате „комбиевски“ 2.100 литри кои треба да ги задоволи сите потреби за транспорт.

Високо ниво на напредни технологии

Во поглед на дигитализацијата кабината е покриена со три посебни екрани. Првиот е пред возачот и ја преставува таблата со инструменти која ги презентира податоците на екран со големина од 12,3 инчи со висока резолуција. Екранот не само што ги прикажува потребните информации за возилото, туку динамично се прилагодува на потребите на возачот.

На врвот од централаната конзола е поставен инфозабавниот систем со HD квалитет кој брои 10,25 инчи. Истиот се грижи за приказот на секундарните функции како и пресликување на вашиот мобилен телефон кој може безжично да се поврзе преку преку Apple CarPlay и Android Auto. На овој екран се репродуцира сликата од камерите окулу возилото кои се со одлична дефиниција на квалитет и се дел од стандардната опрема. Третиот екран се наоѓа веднаш под инфозабавниот систем. Тоа е помал капацитивен екран во кој се сместени контролите на климата, греењето и ладењето на предните седишта.

Моделот Tiggo 8 Pro нуди интегрирана подлога за безжично полнење, како и квалитетна музичка репродукција преку систем на Sony со осум звучници. Интелигентна гласовна контрола преку виртуелен асистент работи изненадувачки добро, а преку него можете да го командувате и големиот панорамски подвижен кров. Квалитетот на употребените материјали и нивото на завршна обработка се нешто што сме навикнати да сретнуваме кај возила од високата класа на европските производители. Во контекст на наведената припадност се и физичките команди за контрола на гласот, подесување на температурати и брзината на вентилацискиот систем кои се изработени со исклучително внимание и филигрански мотиви.

Chery Tiggo 8 Pro Тест

Рафинираност во возењето

Моделот Tiggo 8 Pro се напојува од 4 цилиндричен турбо бензински мотор на Chery со директно вбризгување и интелигентна контрола. Од 1.6 литарска зафатнина испорачува излезна моќност од 186 КС при 5.500 вртежи во минута и солидни 275 Нм влечна сила низ значително широк опсег кој се движи помеѓу 2.000 вртежи во минута и 4.400 вртежи во минута. Моторот е поврзан со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка (7DCT) кој ја испорачува силата на предните тркала, произведен e од реномираната германска марка Getrag и зад управувачот поседува педали за рачна промена на брзините. Во склоп со него работат и трите режими за возење (normal, еcо и sport) достапни да обезбедат непречено задоволство во секоја прилика.

За забрзување до 100 км/ч потребни се солидни 9,1 секунди, а максималната брзина е округли 200 км/ч. Во поглед на потрошувачката, таа се движи во зоната од 10 литири на секои 100 изминати километри. Онаму каде што Tiggo 8 Pro навистина блеска се управувањето и суспензијата. Возилото одлично се справува со свиоците, особено кога се зема во предвид неговата големина. Во урбаната џунгла прави подеднакво одлична работа во „пеглањето“ на сите нерамнини и дупки на градските улици, сетирањето на целото возило е насочено кон комфорот и рафинираност во возењето.

Врвна безбедност на патиштата

Друго оружје што ви помага да се борите со секојдневниот сообраќаен метеж се камерите со импресивена репродукција и квалитет од 360 степени што го прават маневрирањето низ град максимално релаксирано и безбедно. Дека безбедноста е високо рангирана кај Tiggo 8 Pro покажува и податокот каде покрај стандардната опрема за сигурност вградени се и низа напредни системи за помош на возачот (ADAS) што прави ова возило да биде едно од најбезбедните на патот.

По неколку дневното дружење можеме да заклучиме дека Chery со моделот Tiggo 8 Pro не се обидува да ги задоволи основните потреби, туку зема целосен сет на луксузни состојки како своја појдовна точка и потоа започнува да го гради ова возило кое позитивно изненадува. Етаблираните играчи во автомобилскиот свет со право стравуваат од кинеските автомобилски комапнии. Овој пат алтернативата доаѓа во форма на Tiggo 8 Pro, чиј сооднос помеѓу цената и квалитетот едноставно не може да се добие во нивните салони. Како потврда дека Chery максимално верува во своите возила е гаранцијата од 7 години или 150.000 километри.

Chery Tiggo 8 Pro Тест

Технички податоци за Chery Tiggo 8 Pro    

Цена на тестираниот модел: 36.990 евра

Мотор Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 см3
пречник и од 77,0 x 85,8 мм
степен на компресија –,-:-
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 186 KС (136,5 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 275 Нм при 2.000 – 4.000 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 235/55 R18 (напред) 235/55 R18 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, седум седишта
должина х ширина х висина 4.722 x 1.858 x 1.746 мм
меѓуоскино растојание 2.710 мм
траги (напред/назад ) —-/—- мм
Тежина 1.587 кг
максимална тежина -.— кг
Багажник 193/1.179/2.100 литри
Резервоар 51 литри
максимална брзина 200 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9.1 секунди
потрошувачка (просек) 8,1 л/100 км
емисија на CO2 — г/км

Chery Tiggo 8 Pro во Македонија

Chery Tiggo 8 Pro                                                      36.990 евра

Повеќе информации во Гранд Ауто на тел. (02) 30 73 103

Конкуренти:

Peugeot 5008 од 38.890 до 50.270 евра
Toyota Highlander од 59.990 до 70.990 евра
Škoda Kodiaq од 33.110 до 53.850 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button