fbpx

Тест Dacia Duster: Совршен спој на едноставност и иновација

Во ера кога автомобилите се преплавени со напредна технологија, сложени системи и футуристички решенија, новиот Duster доаѓа како освежување што го издвојува од остатокот со својата едноставност и практичност. Овој компактен, но сепак робустен SUV кој е сега во својата трета генерација, успева да го задржи автентичниот карактер, истовремено внесувајќи подобрувања што го прават подготвен за модерните предизвици. Неговата привлечност лежи во пристапот кон суштината, секогаш да биде подготвен за урбани предизвици и авантури надвор од асфалтот.

Динамичен стил и теренски акценти

Новиот Duster го задржува автентичниот дух на претходните генерации, но со дополнителни акцентирања и стилски движења кои ја истакнуваат неговата авантуристичка природа. Дизајнот е значително освежен со квадратни линии и заштитни детали околу каросеријата, што го нагласува теренскиот карактер на овој компактен SUV. Еден од најиновативните елементи е материјалот Sparkle, кој се користи за изработка на заштитните панели на надворешноста од каросеријата. Овој уникатен материјал е отпорен на гребење, а воедно содржи 20% рециклирани материјали, што додава вредност на неговата одржливост и еколошка настореност.

Логото на Dacia доминира на предниот дел и се поврзува со светлосните групи, кои сега вклучуваат LED фарови со структура инспирирана од буквата “ипсилон”. Од профил, Duster задржува атлетски и динамичен изглед. Високата линија на каросеријата е нагласена со изразените заштитни елементи над тркалата. Пропорциите делуваат идеално за SUV сегментот, со чисти и агресивни линии кои дополнително го истакнуваат неговиот карактер. Задниот дел е облагороден со нови LED светлосни групи кои го продолжуваат “Y” потписот кој се протега како мотив и во внатрешноста на возилото. Вратата на багажникот има  дизајн со интегриран спојлер, кој не само што изгледа спортски, туку и ја подобрува аеродинамиката.

Со должина од 4,34 метри, пропорциите остануваат непроменети, но новата CMF-B платформа, која се користи и кај модели како Jogger, Sandero и Clio, носи низа технолошки и функционални подобрувања кои гарантираат подготвеност за предизвици, од урбани авантури до теренски искушенија останувајќи верен на традицијата која ја поставија неговите предходници.

Убавината на едноставноста

Внатрешниот дизајн е инспириран од структурирани мотиви кои го прават севкупниот амбиент атрактивен и модерен. Отворите за воздух и панелите на вратите ја нагласуваат конзистентноста на стилот и деталите кои се користени и при дизајнирање на екстериерот. Пластиката од која е изработена кабината е со цврста компонента која ветува голема издржливост и долговечност создавајќи чувство на робусност.

Во кабината на новиот Duster, технологијата и ергономијата одат рака под рака. Пред рачката на менувачот има практична површина за безжично полнење на телефонот, додека веднаш над неа се наоѓа дополнителна преграда за ситници. Возачот има на располагање 7-инчен дигитален инструмент панел и сосема нов 10,1 инчен централен екран за инфозабава, што ја интегрира најновата технологија за поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Системот е едноставен и интуитивен за користење, а при тоа е богат со функции, додека физичките контроли за климатизацијата го олеснуваат секојдневното користење.

Задните седишта нудат доволно простор за колената и главата, што го прави патувањето комфорно и за повисоки патници. Големите прозорци дополнително придонесуваат за чувството на просторност. Дека се мислело и за потребите на патниците на задниот дел покажуваат и USB приклучоците на централниот тунел, но тука е и единствениот недостаток кој го забележавме, а тоа е отсуството на отвори за воздух на задниот дел. Багажниот простор изнесува 505 литри, а доколку се собори задниот ред седишта расте до речиси 1.600 литри нудејќи дополнителна флексибилност. Една од иновациите кои Dacia за прв пат ги преставува токму кај овој модел е системот за прицвстување наречен „YouClip“ што може да се користи во транспортниот дел, а има свои позиции и во кабината. Системот овозможува лесно прилагодување за различни потреби, од додавање LED светилки, дополнителни куки за транспорт, па се до држачи за чаши.

Тест Dacia Duster Extreme 1.2 TCe 130 4x4

Хибридната иднина пристигна и во Duster

За прв пат во својата историја Dacia Duster станува хибрид и тоа во две различни изведби, а токму тестираниот примерок го движи една од нив. Во случајов станува збор за блага хибридна моторизација која користи комбинацијата на 1,2 литарски мотор со три цилиндри кој работи според Милеровиот циклус, опремен со турбо полнач кој има променлива геометрија и хибриден модул од 48V што делува како стартер/генератор. Зачуваната кинетичка енергија се складира во батеријата од 0,8 kWh, што му овозможува на електричниот мотор константно да го поддржува бензинскиот агрегат во сите ситуации, особено во моменти на максимален напор, олеснувајќи ја работата на малиот трицилиндерец. Така, потрошувачката е подобрена, но во исто време се добива и „помазно“ чувство при употреба на возилото.

Излезната моќност изнесува 130 КС, додека влечната сила е еднаква на 230 Нм. Тоа значи за да стигне до 100 км/ч се потребни околу 11 секунди, додека максималната брзина е 180 км на час. Неколкуте денови на патиштата низ нашата земја, главно движејќи се на автопат со брзина помеѓу 100 и 120 км/ч, измеривме просечна потрошувачка од 6,8 литри/100 км. Благиот хибрид со трицилиндричен мотор оди и во комбинација со погон на сите тркала која може да се добие единствено со 6 степена мануелна трансмисија, истата дополнително го истакнува неговиот авантуристички дух. И да, потврдуваме дека тоа е оној Duster кој добро го познаваме од предходно, иако под неговиот поклопец повеќе ни во сон не може да се добие со дизелски агрегат. Некако, самиот ве тера да го испробате и да бидете за нијанса на погрубата страна, на локации каде повеќето модерни т.н. „теренци“ не би знаеле како да се справат. Проверените можности на пристапниот агол од 31° и одстапниот агол од 36° се дополнети со одалеченоста од тлото која изнесува речиси 22 см кај оваа изведба што ни овозможи да се стигнеме до некои предели за кои предходно не ни сме размислувале дека ќе ги посетиме со возило.

Платформата на која е поставен Duster овозможува усвојување на разни активни системи за помош при возење. Но, она што посебно се издвојува е фактот дека сите „електронски асистенции“ можат да се деактивираат преку еден физички прекинувач поставен лево од управувачот, нудејќи едноставна и максимална контрола во секоја ситуација.

Моделот Duster ги комбинира најдобрите елементи на модерниот автомобил со практичноста и пристапноста што отсекогаш ја дефинирале марката. Со новата хибридна технологија, функционалниот дизајн и проверените теренски способности, останува верен на своето наследство, истовремено надминувајќи ги очекувањата, неколкукратно.

Цена на тестираниот модел 30.330 евра

Техничка спецификација за Dacia Duster Extreme 1.2 TCe 130 4×4

Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,5 x 89,3 мм
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 4.500-5.500 min/-1
макс. вртежен момент 230 Нм при 2.100-3.500 min-1
капацитет на батерија 0,80 kWh (Li-Ion) 48V
Трансмисија на предни тркала преку 6-степен мануелен менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиска оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/65 R17 (напред) 215/65 R17 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.343 x 1.813 x 1.656 мм
меѓуоскино растојание 2.657 мм
траги (напред/назад) —- мм
Тежина 1.390 кг
максимална тежина 1.895 кг
багажен капацитет 505/1.595 литри
Резервоар 50 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување 0-100 km/h 11,0 секунди
потрошувачка (просек) 6,1 Л/100 км
емисија на CO2 137 г/км

Dacia Duster во Македонија:

Dacia Duster Essential 1.0 Eco-G 100 21,450€
Dacia Duster Expression 1.0 Eco-G 100 24,040€
Dacia Duster Expression 1.2 TCe 130 25,540€
Dacia Duster Expression 1.2 TCe 130 4×4 28,290€
Dacia Duster Expression Hybrid 140 29,840€
Dacia Duster Journey 1.0 Eco-G 100 25,350€
Dacia Duster Journey 1.2 TCe 130 27,190€
Dacia Duster Journey 1.2 TCe 130 4×4 30,080€
Dacia Duster Journey Hybrid 140 31,650€
Dacia Duster Extreme 1.0 Eco-G 100 25,600€
Dacia Duster Extreme 1.2 TCe 130 27,190€
Dacia Duster Extreme 1.2 TCe 130 4×4 30,330€
Dacia Duster Extreme Hybrid 140 31,900€

 

Повеќе информации во Аутомотив Груп на тел. (02) 27 27 200 или на www.renault.mk

Конкуренти:

Renault Captur од 20.750 евра до 33.831 евра
Škoda Karoq од 29.320 евра до 37.050 евра
Ford Puma од 23.900 евра до 29.300 евра
Toyota Yaris Cross од 25.200 евра до 39.900 евра
Suzuki S-Cross од 26.990 евра до 36.990 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button