Тест DFSK Glory F5: Нов ветер доаѓа од истокот

По преставувањето на Авто Салонот во Пекинг 2018 година DFSK започнува и комерцијализација на F5 на домашниот пазар, но на европските пазари се презентира од средината на оваа година покажувајќи ги своите квалитети

Доколку пред некоја година некој ви кажеше дека кинеска компанија подготвува lifestyle возило кое ќе биде компатибилно со европските норми со сигурност би го погледнале зачудено. Верувам и дека повеќето од вас така реагираа кога за прв пат на улица се сретанале со некој автомобил кој доаѓа од земјата со најголем број на авто производители во светот. Во меѓувреме азиските компании напредуваат со незапирливо темпо и сигурност во своите производи. Затоа сега започнуваат да испорачуваат модели кои имаат сериозни намери да ги разбијат досегашните предрасуди. Еден од првите кој се обидува да ја сруши таа бариера на европско тло е токму е моделот Glory F5.

Динамичен стил

Несекојдневниот изглед и неконвенционалниот пристап во дизајнирањето на надворешност резултираа како сосема оригинален финален производ со нетипичен изглед кој е јасна демонстрација на слободната креативност. Иако на моменти изгледа дека за инспирација се користени некои возила од етаблираните европски и јапонски марки. Гледано однапред во потполност наликува на трендовски преставник од SUV класа со спектакуларен изглед на маската која ја игра главната улога.

Glory F5

Ситуација се менува кога на автомобилот ќе му пријдете од страна. Тогаш се забележува неговата повишена силуета, остро поставеното предното ветробранско стакло и обликот на страничните прозорци како и опаѓачката линија на кровот. Ова не е типичен SUV, туку негова купе изведба. На задниот дел доминираат тенките LED светлосни склопови кои се поврзани со светлечка лента по целата должина. Вратата за пристап до товарниот дел го зазема целиот просотор и оди речиси до крајот на долниот дел. Со тоа е овозможено лесно внесување на погабаритни предмети во багажниот. Сè на се дизајнот делува свежо и несекојдневно. Доволно „гласен“ и неконвенционален за да Glory F5 не биде по грешка помешан со некој друг автомобил (иако потсеќа на неколку). Сепак, првиот впечаток што едно возило го остава е преку неговиот надворешен изглед. А на тоа поле Glory F5 ги освои сите симпатии.

Glory F5

Модерни нијанси на луксуз

Со отворање на вратата и пристапот во кабината на Glory F5 веднаш се забележува дека тука сè е изведено по највисоки нормативи и дека не се правени компромиси. Секој елемент е изработен со максимално внимание и прецизност. Неминовно е да се споменат и употребените материјали кои се со висок квалитет. Дијаметрално спротивно од она што се провлекува како печат за нешто што доаѓа од Кина. Кожните преслеки и меката пластика дополнително го подигаат нивото на комфор за степен повисоко. Јасно е дека марката не отстапува од стандарди кога станува збор за градење на внатрешноста. Сепак, секој елемент е изведен умешно, ергономски и на ниво на кое може да позавидат дел од конкурентските модели.

Во кабината се седи повисоко што носи доста поени кога е прегледноста во прашање. Просторот пред возачот е изведен едноставно, прецизно и е прегледно поставен, едноставно нема простор за замерка. Комодитетот е на највисоко можно ниво и тоа не само на предните две седишта. На задната клупа предвидено е место за три патници кои без никаков проблем може да патуваат на подолги дестинации. Багажниот простор од 525 литри е повеќе од доволен за просечно семејство. Неговите габарити може да се зголемат со соборување на задната клупа со што се добива простор за транспорт и на погабаритни предмети.

Glory F5

Трендовскиот минималистичкиот стил е постигнат со поставување на само неколку физички команди. Остатокот од управувањето се изведува преку двата LCD екрани. Едниот за управување со климатизацијата и големиот 10,25-инчен поставен во средината на конзолата кој освен стандардните секударни функции овозможува и поврзување на интернет, со што се гарантира максимална забава и прецизно движење со навигацијата во текот на возењето. Овој екран исто така се користи и за прикажување на погледот од предната и задна камера на автомобилот, што е многу корисен елемент. Позитивен впечаток остава опцијата на предната камера која е сместена во централниот ретровизор и овозможува фото и снимање на движењето на патот пред вас. Комфорот е засилен со големиот сончев покрив. Дел од него може да се отвори со што го надополнува и онака пријатното возачко искуство.

Сигурен и удобен пакет

Досега сè оди во корист на Glory F5. Останува да видиме што е понудено под предниот поклопец и како таа моторна опција работи со останатите механички склопови. Тестираниот примерок беше во единственото ниво на опременост што се нуди на нашиот пазар. Што од друга страна подразбира речиси сè што денес е норма во однос на безбедносни системи и електронски помагала. Во тој аспект немаме никаква замерка. За движење е задолжен 1,5 литарски агрегат кој е опремен со турбо полнач. Истиот испорачува максимални 137 КС и влечна сила од 220 Nm достапна во распон од 2.000 до 4.000 врт/мин.

Glory F5

За дистрибуцијата на силата кон предните тркала се грижи CVT трансмисијата која работи коректно и е малку под најдобрите изданија кои се вградуваат најчесто во јапонските модели. Функционира мазно, единствено тонот го покачува кога агресивно ќе се притисне педалата за забрзување. Впрочем, тоа е случај кај сите менувачки кутии од овој тип. Перформансите кои се на располагање се сосем доволни за задвижување на SUV модел со тежина нешто над 1.630 килограми. Maксималната брзина изнесува 170 километри на час. Во просек потрошувачката изнесуваше 13 л/100 км, но со повнимателно користење може да се спушти за литар до литар и половина пониско. Подвозјето спремно одговара на предизвиците. Сепак од него не треба да се бара премногу во поглед на спортски аспирации. Пред сè неговите афинитети тежнеат кон удобно патување во комфорно опкружување.

Првиот повиско позициониран модел на DFSK со кој настапува на европско тло ја поседува моќта да изненади и овозможи многу повеќе одколку што од него се очекува. Ова е податок кој ветува дека компанијата се движи во вистинската насока. Затоа сметаме дека моделот Glory F5 со сите свои атрибути има задача да биде предводник кој го отвара патот за многу нови возила кои допрва треба да ја дополнат гамата.

Цена на тестираниот модел 24.990 евра

Технички спецификации за DFSK Glory F5 220Т

моторEuro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина1.449 см3
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ137 KС (101 kW) при 5.600 min/-1
макс. вртежен момент220 Nm при 2.000-4.000 min-1
трансмисијаНа предни тркала преку (CVT) континуирана варијабилна трансмисија
потпирањенапред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици235/50 R18
каросеријаSUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина4.685 x 1.865 x 1.645 мм
меѓуоскино растојание2.790 мм
траги (напред/назад)1.580/1.570 мм
тежина1.630 кг
максимална тежина2.155 кг
багажен капацитет525 литри
резервоар58 литри
максимална брзина170 км/ч
потрошувачка (отворен пат/град/просек)11,8 л/100км
емисија на CO2220 г/км

Повеќе информации на официјалниот сајт на ABC Brother или на телефонскиот број 02 26 17 191

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close