fbpx

Тест DR Automobiles 6: Апенинска алтернатива

Искрен и практичен се атрибути со кои моделот DR 6 се претставува на европската јавност, доработениот дизајн со значката „Made in Italy“ и богатото ниво на опременост се задолжени за подигање на севкупниот впечаток, а погонот на гас ја подобрува еколошката страна на овој SUV

На почетокот од годината прв пат имавме можност да се дружиме со возило од марката DR Automobiles, тоа беше моделот DR 3 кој воедно настапи како еден од кандидатите во изборот на „Златно Тркало“ во класата на градски автомобили. Сега, пред последниот месец од оваа година во редакцијата стигна покана да го запознаеме и најголемиот претставник на марката кој се нуди на нашиот пазар, моделот DR 6. Како и и помалиот брат, изведбата DR 6 е изградена во соработка со кинескиот производител Chery и се базира врз моделот Tiggo 5 за кој се смета дека е добро етаблиран во класата каде што настапува на пазарите во Азија, блискиот исток и земјите во Јужна Америка.

Дизајн доработен во Италија

Контурите кои ги носи на надворешноста велат дека овој модел црпел инспирација од европските, поточно германските SUV модели, што во една рака му носи доза на сериозност во изгледот, а италијанската дизајнерска школа е тука да го направи стилски погоден за вкусовите на европските пазари. Овој податок е најзабележлив на предниот дел каде што модерниот пристап во обликувањето му носи силен карактер преку отворот на решетката од ладилникот. Современиот дизајн на светлосните единици е дополнет со елегантни LED светла, а долниот дел од браникот во средината е обоен во сребрена боја која потсетува на заштитна оплата што се користи кај теренските возила.

DR 6

Страничната силуета на овој SUV ги открива вистинските габарити на семејно ориентиран SUV со големи стаклени површини и доза на спортска нота прикажана преку стандардни 18-инчни алуминиумски фелни изведени со впечатлив дизајн. На задниот дел, се истакнува повторно користењето на двобојна завршница на браникот која изгледа како заштита и е изведена во сребрена боја со што е севкупно подигнато визуелното доживување кога ќе се погледне возилото.

 

Функционлно и практично

Благодарение на меѓуоскионото растојание од 2.610 мм моделот Dr6 поседува внатрешност која е способна за удобно сместување на 5 лица. За да се направи внатрешното опкружување исклучително пријатно и релаксирачко, тука се кожните облоги на седиштата и добрата завршна обработка на материјалите кои иако се од потврда пластика изгледаат доста квалитетно. А да се заокружи сликата придонесуваат големите стаклени површини и практичниот електричен стаклен кров. Возачкото работно место е подигнатото, како што се очекува и е типично за SUV возило. Неговата електричната регулација овозможува прецизно поставување со што се добива одлична видливост во која било насока.

DR 6

Прекинувачите за главните контроли се секогаш при рака, што во голема мера го олеснува дејството на возачот, кој благодарение на јасната и читлива табла со инструменти во секој момент ги има под контролира функциите и параметрите на возилото. Денес, веќе неизоставниот екран за инфо-забавниот систем свое место во кабината на Dr6 наоѓа на врвот од централната конзола. Неговиот исклучително интуитивен интерфејс не бара долго привикнување, а сите функции се прикажани преку големи и јасни икони кои не може да се помешаат. Просторот на задната клупа ги задоволува потребите за транспорт и на 3 лица на подолги релации. Просторот за багаж има капацитет од 375 литри во стандардната конфигурација, истиот има волумен до 1.000 литри со соборување задните седишта.

Природниот гас како еколошка алтернатива

Моделот Dr6 на нашиот пазар може да се добие единствено опремен со 1,5-литарски турбо бензински мотор со 150 КС и 205 Nm влечна сила. Погонот е на предните тркала и за него е задолжена трансмисија која има 5 степени на пренос. Во понудата има опција која нуди фабрички вграден плински уред која ние имавме прилика да ја испробаме благодарение на импортерот за нашата држава, компанијата Цилаз. Како и кај секое возило кое го поседува овој систем, моторот користи бензин само за стартување, а потоа системот се префрла со работата на гас.

Во однос на перформансите DR 6 се движи во рамките од класата. Забрзувањето од 0 до 100 км на час трае 10 секунди, додека пак максималната брзина изнесува 187 км на час. Во исто време потрошувачката на гас се движи во зоната од 11 литри до 13 литри на секои 100 изминати километри. Ако се земе во предвид дека цената на плинот е на половина од цената на чинење на бензините, тогаш е јасно дека трошокот на експлотација е далеку понизок, дополнително емисијата на издувни гасови е намалена со што го прави возилото далеку поприфатливо од  еколошка гледна точка.

DR 6

Искреноста во прв план

Балансираното подвозје е сетирано на начин што има за цел повеќе да го фаворизира комфорот во возењето, отколку спортскиот стил, реагира правовремено и прецизно во повеќето случаи и се карактеризира со лесно предвидливо однесување. Овие својства го прават DR 6 автомобил што добро се снаоѓа во секоја ситуација. Најголемиот преставник од гамата, моделот DR 6 настапува како искрен SUV кој не одскокнува од класичните рамки на класата. Оваа изведба претставува идеален избор за оние кои посакуваат економичен превоз со повеќе од доволно простор за целото семејство што во исто време е погоден добро да се справи во градскиот сообраќај, а своите способности може да ги покаже доколку се одлучите и за полесни екскурзии надвор од урбаното опкружување.

DR 6

Цената на тестираниот примерок со богато ниво на опременост и опција со погон на гас изнесува 20.900 евра, што не е малку, но не е ни многу ако се земе во предвид што се нуди моделот DR 6. Тука треба да се додаде дека секој модел на DR Automobiles поседува 5 годишната гаранција или 100.000 километри што доаѓа како дополнителен поен за довербата која ја имаат во своите производи.

Цена на тестираниот модел 20.900 евра

Технички податоци за DR 6 1.5 Turbo (GPL)
моторEuro 6D четири цилиндри поставени во линија
работна зафатнина1498 cm3
максимална моќ110 kW/150 КС при 5.500 врт/мин
макс. вртежен момент205 Nm при 4.000 врт/мин
трансмисијаПогон на предни тркала, преку петстепен мануелен менувач
потпирањеНапред: вентилирачки дискови, назад: дискови
сопирачкиНапред: вентилирачки дискови, назад: дискови
должина х ширина х висина4.506 mm x 1.841 mm x 1.740 mm
меѓуоскино растојание2.610 милиметри
траги (напред/назад)1.550 напред/ 1.530 назад
тежина1.498 килограми
максимална тежина1.873 килограми
багажен капацитет375/1.000 литри
резервоар55 литри
максимална брзина187 km/h
забрзување 0-100 km/h10 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)10.5 l/100 km
емисија на CO2137 g/km
DR 6 во Македонија:
Dr6 1.5 Turbo19.900 евра
Dr 6 1.5 Turbo (GPL)20.900 евра
Конкуренти:
Hyundai Tucsonод 18.900 до 37.800 евра
Nissan Qashqaiод 22.100 до 36.525 евра
Suzuki S-Crossод 13.378 до 23.900 евра
DFSK Glory F524.990 евра
Kia Sportageод 17.950 до 22.900 евра

Повеќе информации во Цилаз на 02/ 4224-451 или на www.cilaz.mk

Поврзани вести

Back to top button