Тест Ford Puma: Најзабавниот во класата

Карактерот со кој настапува урбаниот кросовер на Ford едноставно не дозволува кон него да се однесувате рамнодушно. Привлечната визуелна појава ги подига веѓите и ја шири насмевката, а забавниот момент доаѓа од како ќе се седне зад управувачот, тогаш секојдневното возење станува своевидна игра низ која ве водат динамичните особини на урбаната Puma

Факт е дека компанијата Ford во последно време го менува начинот на кој ги именува своите модели, значката на легендарниот Mustang се најде на електричен кросовер, додека на стариот континент враќањето на името Puma значи дека повеќе таа не е мал купе автомобил. Сепак, новите времиња носат нови облици, па затоа Puma сега се претопи во естетски погодна основа за градски кросовер.

Полна со динамика

Очигледно е дека дизајнерскиот тим на Ford во овој случај завршил доста добра работа, контурите на надворешноста прават Puma да изгледа специјално, со нагласени динамични движења на површините над тркалaта и издигнатата профилна линија која оди во висина како се доближува кон крајот на автомобилот. На предниот дел доминира големиот отвор на ладилникот и високо поставените светлосни групи што заедно оставаат прилично весел впечаток. Елементи кои се истакнуваат на задниот дел покрај големиот кровен спојлер се интересно обликуваните стоп светла кои се поставени зад затемнета поклопец, истите имаат и карактеристичен светлосен потпис. На самите краеви од задниот браник се поставени катадиоптери во куќишта со агресивен облик. Единствена замерка, барем во оваа конфигурација оди во правец на криење на издувниот систем, сметајки дека во севкупната спортска слика би се вклопил во потполност.

Ford Puma

Во ова издание од некои агли помалку потсетува на еден поголем модел од германска премиум марка, но тоа воопшто не е лоша компарација и секако оди во прилог на урбаниот кросовер. Со вака обликувана надворешност Puma делува атлетски и спремно да „скокне“ дури и кога е во мирување, делејќи го карактерот со „мачката“ која егзистира на американскиот континент.

Иновативна практичност

Ford Puma

Во внатрешноста се препознава дека Puma ја споделува структурата со Fiesta, таа ги користи истите основни форми и компоненти, но перцепираниот квалитет делува многу подобро од оној на хечбекот. Кабината е изведена со практичен  пристап без непотребни експериментирања, со многу место за оние кои седат напред, и соодветено создаден дел на задните седишта, доволно комотен за два патника. Знаејќи дека клиентите не се подготвени да прифатат помалку практичност дури и ако автомобилот изгледа привлечно од надвор, тимот кој бил одговорен за овој модел голем дел од своето внимание го насочил на задниот дел од автомобилот каде примениле нови и иновативни решенија.

Ford PumaБагажниот простор брои 456 литри, но тука не станува збор само за неговиот габарит туку како тој може да се искористи. Неговиот отвор е со ширина од 1 метар, а под двоспратниот складишен дел е поставен „Megabox“ т.е. 80 литарска кутија за складирање обложена со гума и со дренажен приклучок на дното за испуштање на течност. Модерното живеење значи и целосна поврзаност на паметните телефони и автомобилот, затоа bluetooth конекцијата доаѓа како стандарден дел за спојување со системот за комуникација и забава од последната генерација наречен SYNC 3. Управувањето се одвива преку 8-инчен колор екран осетлив на допир, што беспрекорно функционира со оперативните системи на Android и Apple.

Она што кај конкурентите недостасува

Во тестираната Puma под предниот поклопец работеше нам добро познатиот бензински агрегат што обезбедува оптимизирана моќност и одговара на најновите строги барања на стандардот за емисија Euro 6d. Станува збор за 1.0-литарскиот трицилиндричен турбо EcoBoost мотор што доаѓа во издание од 125 КС, а воедно се смета за еден од најдобрите агрегати на денешницата. Агрегатот работи без вибрации и сосема смирено, одзивот на педалот за забрзување е моментален и делува прилично убедливо во секојдневна употреба.

Податоците кои ни доаѓаат од  производителот велат дека за секои 100 изминати километри во просек ќе ни бидат потребни 5 литри гориво, ние не успеавме да го постигнеме декларираниот резултат, но и 2 литри повеќе е постигнување кое е вредно за почит особено ако се вози со „тешка нога“. Што се однесува до перформансите, оваа потентна изведба докажува дека агрегатот достигнува посакувани вредности без никаков проблем, забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч трае точно 10 секунди, додека максималната брзина изнесува 187 км/ч. Во константна спрега со моторната единица работи автоматска трансмисија со двојна спојка и 7 брзини што се одликува со прецизност и одлично пресметан од помеѓу степените на пренос. Понудени се неколку модови на работа преку кои може да се контролира динамиката, економичноста или лесните излети вон терен, се во зависност од моменталните желби и потреби на возачот.

Во секојдневна употреба Ford Puma едноставно не сакате да ја возите на мирен начин. Ова не е вообичаен тренд меѓу малите кросовери, генерално, тоа не е ни првото нешто на што сметаат инженерите. Производителите на автомобили знаат дека купувачите на такви автомобили ги привлекува стилот и модерниот изглед, а не динамиката. Секоја чест за Ford, зашто навистина им обрна внимание на возните карактеристики. Моделот Puma ги надминува своите ривали со квалитетот на возењето кое делува во секој момент прецизно и полно со чувство, испраќајќи доволно повратна информација до возачот.

Ford Puma

Марката Ford одсекогаш се фокусирала своите автомобили да ги конструира на најоптимален начин со нагласена спортска нота каде управливоста е на прво место. Ништо поразлично не е пристапено ни кон моделот Puma чии што возни карактеристики го истакнуваат како најзабавниот преставник зад управувачот во класата на урбани кросовери. На ова се надоврзуваат и сериозно допадливиот надворешен изглед и практичната внатрешност како доста важни елементи кои се задолжени да ја задоволат другата страна на спектрумот.

Цена на тестираниот модел: 23.000 евра

Технички податоци за Ford Puma Titanium 1.0 Ecoboost 125 КС   

моторEuro 6d TEMP, бензински, четиритактен, тририцилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина999 см3
пречник и од71,2 x 82,0 мм
степен на компресија10,0:1
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ125 KС (92 kW) при 6.000 min/-1
макс. вртежен момент170-200 Nm при 1.400-4.500 min-1
трансмисијана предните тркала преку 7-степен автоматски менувач
потпирањенапред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред самовентилирачки дискови, назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици215/55 R17
каросеријакросовер со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина4.186 x 1.805 x 1.537 мм
меѓуоскино растојание2.588 мм
траги (напред/назад)1.567/1.562 мм
тежина1.326 кг
максимална тежина 1.815 кг
багажен капацитет456  литри
резервоар42 литри
максимална брзина187 км/ч
забрзување 0-100 km/h10.0 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)4,4/6,0/5,0 л/100 км
емисија на CO2113 г/км

Ford Puma во Македонија:

Titanium 1.0 Ecoboost 125HP M621.600 евра
Titianium 1.0 Ecoboost 125HP mHEV M622.300 евра
Titanium 1.5 TDCi 120HP M624.700 евра
ST-Line 1.0 Ecoboost 125HP A726.500 евра
Vignale 1.0 Ecoboost 125HP M628.800 евра
Vignale 1.0 Ecoboost 155HP mHEV M630.500 евра

Повеќе информации во Ми-Да Гранд Моторс, на официјалниот сајт на Ford во Македонија, или на тел. (02) 3073 103.

Конкуренти:

Citroen C3 Aircross од 13.990 до 22.190 евра
Škoda Kamiqод 18.970 до 21.650 евра
Renault Capturод 15.990 до 25.340 евра
Peugeot 2008од 18.150 до 30.660 евра
Seat Aronaод 16.035 до 22.922 евра
Volkswagen T-Crossод 18.406 до 28.575 евра
Nissan Jukeод 18.900 до 26.090 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button