fbpx

Тест Ford Ranger: Моќ и способност на врвно ниво

Пикап моделите отсекогаш се одликувале со една поинаква доза на специфичност. Со комфорен ентериер и сите одлики на еден модерен автомобил, Ford Ranger со своите неверојатни теренски можности  повторно ги поместува границите и создава нови трендови во својот сегмент. Голем, цврст и атрактивен, тоа се главните одлики на пикап моделот на американскиот производите, а уште на прв поглед е јасно дека импозантниот теренец ќе ги совлада сите недостапни предели, воедно бивајќи снаодлив и во урбано опкружување.

На ова поднебје неретко се сметаат за егзотика и ги пленат погледите со својата моќна става, но и понатаму за ваквите возила се одлучуваат само оние на кои им се навистина потребни. На прво место се товарните и теренските способности, но благодарение на модерните решенија, овие возила се одликуваат и со се поголем комфор и удобност во возењето. Исклучок не е ниту Ford Ranger, кој ако се искористи на вистинскиот начин, со себе може да донесе и убава доза на забава. Со својот модерен ентериер и сите додатоци кои ги красат модерните автомобили, Ranger на прв поглед може да делува како уште еден трендовски SUV, но под кожата тој и понатаму е онаа работна машина која посакува цврста рака зад управувачот и продолжува онаму каде што многумина се откажуваат и застануваат.

Голем, цврст, атрактивен

Уште на прв поглед е повеќе од јасно дека овој импозантен теренец има задача да завладее со недопрените предели, а подеднакво добро да се снаоѓа и во урбаните џунгли, онаму каде што вистинските професионалци имаат потреба од такво нешто. Освежен, богато опремен и нешто помоќен во однос на претходно. Иако ваквите автомобили својата примарна намена ја имаат токму поради робусноста и издржливоста, во последно време се случува радикална промена. Ford ги следи овие трендови и со Ranger, кој е обликуван по мерка на европскиот купувач кој знае да биде многу попребирлив во однос на стандардниот купувач од онаа страна на Атлантикот.

Ford Ranger Тест

Дизајнот јасно отскокнува во однос на „старите“ пикап модели, а се со цел да стане привлечен за широките народни маси. На моменти дури делува и премногу луксузно за да го искористите за неговата првична и примарна намена. На предниот дел се истакнува големата решетка од ладилникот, фаровите со остар дизајн се поставени нешто повисоко, а на профилот доминираат 17-инчните тркала и огромните прагови. Но, севкупно, се истакнува и привлечната линија со оглед на габаритот кој го краси Ranger.

Врвен комфор во ентериерот

Наспроти општите минимални очекувања за ентериерот, со оглед на тоа дека Ranger првенствено е работно возило, сепак Ford ги исполнува очекувањата на потрошувачите, бидејќи ваквиот тип на возила во денешно време имаат и една поинаква улога преку која се отсликува активниот животен стил. Со оглед на ова, не треба да биде изненадување, што ентериерот изобилува со врвен комфор и исклучителна пространост, а неизбежно е и чувството на одредена доза луксуз. Задната клупа ја добива најголемата пространост за нозете во својата класа. Без оглед на временските услови, ентериерот е мошне задоволувачки, а за тоа заслуга има и двозонскиот клима-уред кој е стандарден дел од опремата во возилото кое го имавме на располагање, како и греењето на седиштата. Покрај ова, Ranger пристигнува и со изобилие на модерни технологии.

Доколку немате искуство со ваков тип на возила, првиот пат кога ќе стапнете во кабината и ќе седнете зад управувачот ќе се почувствувате моќно, а можеби ќе делува и застрашувачки. Меѓутоа, сето тоа исчезнува за миг. Контролата врз управувачот природно легнува во рацете и лесно можете да ги следите бројките на дигиталниот инструмент кластер, додека подигнатото возачко седиште ви нуди одлична прегледност на патот, а дополнителна сигурност даваат предните и задните сензори. И покрај неговата робусност, Ford Ranger во градски услови се вози многу полесно отколку што можете да замислите, но неговото природно опкружување сепак се отворените патишта, особено оние неасфалтираните со кои се справува мошне лесно, благодарение на погонот на сите четири тркала. Дури и во такви услови, комфорот во кабината не изостанува, благодарение на добрата изолација.

Подготвен за секоја подлога

Зависно од потребите, Ranger лесно се приспособува на вашиот возачки стил, а селективниот 4х4 погон овозможува совладување на секој терен. Возачот има можност да избере помеѓу три нивоа на возење, како што е 4х2 стандардниот режим и два 4х4 – едниот со висок опсег наменет за нешто полоши патни подлоги, а вториот со низок опсег за најтешките планински патеки. Свој удел во ова секако има и висината од подлогата која изнесува 230 милиметри, а електронскиот пренос може да се користи и при движење и работи во комбинација со ESP и ETC системите.

 

Тестираниот примерок кој го имавме на располагање доаѓа со 2.0 TDCi дизел агрегат со работна зафатнина од 1.998 кубни сантиметри и максимална моќност од 170 КС. Преносот се врши на сите четири тркала преку шестстепениот мануелен менувач, а декларираното забрзување од нула до „стотка“ изнесува 11,3 секунди. Просечната потрошувачка е 7,2 литри, но за време на нашата дружба, без многу внимавање, стигнавме до некој литар повеќе, сепак прифатливо со оглед на габаритот со кој се одликува Ranger.

Со својот модерен кокпит и сите карактеристики на еден модерен автомобил, вклучително и одличниот аудио-систем со шест звучници, централниот екран на допир со големина од 8 инчи и Apple CarPlay и Android Auto конективност, командите на управувачот и сите останати детали, Ford Ranger на прв поглед делува како уште еден трендовски SUV модел. И тука нема никаква грешка, но под сето тоа, пикап моделот на „Синиот овал“ и понатаму останува верен на своите вистински вредности и е моќна машина која стигнува онаму каде што многумина не можат.

Цена на тестираниот модел: 39.600 евра

Технички карактеристики за Ford Ranger Limited Double Cab 2.0 TDCi:

моторEcoBlue 2.0 Euro VI d TEMP,  дизел, четиритактен, четирицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина1.998 cm3
пречник и од86 x 94,6 mm
степен на компресија15:07
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, турбокомпресор, интеркулер
максимална моќ170 КС
макс. вртежен момент420 Nm
трансмисијана сите четири тркала преку шестстепен мануелен менувач
потпирањенапред McPherson опружни нозе, назад лиснати пружини
сопирачкинапред вентилирачки дискови, назад барабани, ABS, BAS, ESP, TCS
пневматици265/65 R17
каросеријапикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина5.282 х 2.163 х 1.815 mm
меѓуоскино растојание3.220 mm
траги (напред/назад)1.560 / 1.560 mm
тежина2.130-2.182 kg
максимална тежина3.270 kg
ширина х должина на товарен простор1.560 / 1.613 mm
резервоар80 литри
максимална брзина180 км/ч
забрзување 0-100 km/h11,3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)6,4 / 8,2 / 7,2 l/100 km
емисија на CO2179-188 g/km

Ford Ranger во Македонија:

Ford Ranger XL Single Cab29.700 евра
Ford Ranger XL Double Cab30.900 евра
Ford Ranger XLT Double Cab33.600 евра
Ford Ranger XLT RAP Cab34.300 евра
Ford Ranger Limited Double Cab 170 A1042.600 евра
Ford Ranger Limited Double Cab 213 A1043.900 евра
Ford Ranger Wild Trak M642.900 евра
Ford Ranger Wild Trak A1047.300 евра
Ford Ranger Raptor A1062.900 евра

 

Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс

 

Конкуренти:

SsangYong Mussoод 29.500 до 38.500 евра
Toyota HIluxод 35.990 до 49.990 евра
Isuzu D-Maxод 26.231 до 37.490 евра
Mitsubishi L200од 27.480 до 36.980 евра
Nissan Navaraод 34.500 до 43.430 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button