fbpx

Тест Jaguar XF: Премиум на британски начин

Актуелната генерација на Jaguar XF од своето преставување во 2015 година за кратко време ги освои срцата на автомобилските фанови, успехот не доаѓа случајно, туку пред сé се должи на севкупниот стајлинг и неговата специфична конструкција

Многу пати сме напоменале дека за вкусовите не се дискутира, но јасно е дека Jaguar секогаш креирал автомобили кои не ги кријат своите емоции ниту пак се обидуваат да бидат скромни, туку сосема спротивното, секогаш се движеле гласно фалејќи се со својата долгогодишна традиција и благороднички статус. Таков е и случајот со актуелната генерација на моделот XF кој за кратко време ги освои срцата на своите фанови, но тоа не доаѓа случајно, туку пред сé се должи на севкупниот стајлинг и неговата специфична конструкција.

Во сегментот каде што доминираат германските производители, британскиот бренд својот производ го пласира со исклучително јак карактер и дизајн кој излегува од рамките на стереотипот. Jaguar XF ги поседува сите состојки што се потребни за еден безкомпромисен автомобил кој има намера да се позиционира што е можно повисоко во премиум сегментот, наметнувајќи се како автомобил кој во целост најмногу им прилега на врвните менаџери и деловни луѓе. Категорија која кога избира автомобил смета дека истиот пред сé треба да го преслика статусот и имиџот на компанијата која тие ја раководат.

Купеовски стајлинг за силен визуелен впечаток

Формата на екстериерот кај XF е оптимизиран за аеродинамична ефикасност, тргнувајќи од интегрираната форма на предниот браник до елегантно продолжениот нагоре, капак на багажникот, секој елемент работи во перфектен сплет со останатите со единствена цел како би се создал што е можно помал воздушен отпор при повисоки брзини.

1 | 3
2 | 3
3 | 3Jaguar XF

     

    Светла со LED технологија и специфичната јагуарова маска, како и големите отвори за воздух го создаваат препознатливиот преден дел. Контурите на кабината се во купеовскиот стајлинг што кај моделот XF комбинира силна визуелна архитектура, а големите застаклени површини се тука да го зголемат чувството на пространост во внатрешноста на кабинскиот оддел.

    Како главен, финален ефект кај XF се задните LED светла со лентовидна графика, која како и кај помалиот модел XE се инспирирани од купето F-Type, и се со облик на двојни кружни елементи скратени по средината.

    Несекојдневно чувство на префинетост

    Во внатрешноста XF покажува дека не е штедено во ниту еден поглед, кабината е прекриена со луксузни елементи и богата понуда на простор. Интелигентниот дизајн и современата изработка создаваат средина која е опкружена со фини материјали пријатни на допир, каде што и обложувањете на кровот е изведено во светла алкантара.

    Комплетното чувство на несекојдневност започнува од самото влегување. Пулсирачкото копче за стартување ве мами да го притиснете, а штом тоа се случи започнува кореографијата во која што преклопливите доводите за свеж воздух почнуваат да се отвораат, селекторот на брзини се издигнува, а моторот ја започнува својата музичка точка.

    Кога станува збор за просторот може слободно да констатираме дека XF е меѓу најдобрите во сегментот, особено на задните седишта што се однесува до местото за колената на патниците, како и за главата, нудејќи повеќе простор и комфор од повеќето конкурентски модели. Кога говориме за габаритите неможе да го изоставиме и багажниот простор чиј волумен изнесува 540 литри што се движи во просекот на класата.

    1 | 3
    2 | 3
    3 | 3Jaguar XF

       

      Командниот центар на системот In Control располага со екран осетлив на допир чија големина е 10.2 инчи кој овозможува управување со различни функции наменети да се направи доживувањето зад управувачот пефикасно, но и позабавно. Тука пред сé мислиме на одличниот аудио систем производ на реномираната марка Meridian кој се грижи за одлично распределениот чист звук низ кабината.

      Самиот In Control систем иако не е од најмодерните и со најостра резолуција во автомобилскиот свет, преку едноставното мени дозволува лесно движење низ секундарните функции и не бара дополнитело време за учење или пак оттргнување на погледот од патот со што позитивно влијае и врз безбедноста при управувањето со автомобилот.

      Во соработка со импортерот за возилата од гамата на Jaguar и Land Rover за Македонија, Аутомобили Гроуп имавме можност(јан. 2019) да го испоробаме Jaguar XF задвижуван од погонска единица со зафатнина од два литри што користи дизел гориво.

      Софистициран склоп на елементи

      Овој мотор е дел од семејството Inginium кое се стреми кон префинетост во секојдневната употреба испорачувајќи по денешни стандарди просечни перформанси. Софистицираниот агрегат располага со чистокрвни 180 коњски сили кои во целост се на располагање од 1.500 врт/мин додека влечната сила од 430 Nm се грижи за моќно придвижување на крупниот XF.

      Тивкиот агрегат во конкретниов случај работи во спрега со осумстепен автоматски менувач кој доаѓа директно од полиците на добро познатиот производител ZF и му овозможува на Jaguar XF секогаш да биде подготвен за правовремена реакција. Систем за чисто согорување со променливо време на работа на вентилите осигуруваат ниско ниво на СО2 честички што воедно го квалификува овој мотор во групата која ги исполнува најстрогите Euro 6 нормативи.

      Неверојатно, но оваа голема „мачка“ и покрај својот агресивен карактер може да биде и економична, што е уште еден силен атрибут кој оди во полза на XF. Нам на тестот ни покажа дека во просек ни троши 8 литри, што секако е над декларираните вредности, но е сосема за почит особено ако во предвид ја земеме тежината на автомобилот од речиси 1.800 килограми и нашата потреба све да пробаме.

      Развиен во соработка со Land Rover

      Системот за погон на сите тркала на XF обезбедува самоуверено управување на секакви површини. Водечката во класата технологија го користи најновиот софтвер на компанијата со интелигентна динамика на погон која ги следи условите на возење до 100 пати во секунда, гарантирајќи точна распределба на вртежниот момент кон тркалото на кое највеќе му е потребно.

      Со оваа технологија системот му помага на XF да одржува совршена рамнотежа и обезбедува максимална контрола при тешки услови на управување. За неговите можности имавме прилика да се увериме во неколку дневното дружење во зимски услови по мокри коловози и делници прекриени со снег, а може да кажеме дека во секоја ситуација реагира правовремено и ја совладува без никакви потешкотии.

      Некои од конкурентите се помодерни, други пак се поспортски настроени, трети технички понапредни, но никој неможе да оспори дека Jaguar со моделот XF има создадено навистина силен конкурент преку кој ја продолжува традицијата на класичната британска елеганција која не потклекнува пред предизвиците на модерното време.

      Цената на тестираниот примерок изнесува 77.000 евра.

      Технички податоци за Jaguar XF 2.0 d AWD A8 Prestige 
      мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 1.999 sm3
      пречник и од 84,0 x 90,0 mm
      степен на компресија 1 6,5:1
      напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
      максимална моќ 180 KС (140 kW) при 4.000 min/-1
      макс. вртежен момент 430 Nm при 1.750-2.500 min-1
      трансмисија на сите тркала преку 8-степен автоматски менувач
      потпирање независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
      сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
      пневматици 225/45 R18 (напред) 245/40 R18 (позади)
      каросерија седан со четири врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4.954 x 1.987 x 1.457 mm
      меѓуоскино растојание 2.960 mm
      траги (напред/назад) 1.605/1.594 mm
      тежина 1.771 kg
      максимална тежина 2.340 kg
      багажник 540 литри
      резервоар 66 литри
      максимална брзина 222 km/h
      забрзување 0-100 km/h 8,5 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,5/5,7/4,9 l/100 km
      емисија на CO2 129 g/km

       

      Jaguar XE во Македонија
      XF Pure 2.0d 163 M6 RWD 53.600 евра
      XF Prestige 2.0d 163 A8 RWD 61.400 евра
      XF R-Sport 2.0d 180 A8 AWD 64.000 евра
      XF Portfolio 3.0d V6 300 A8 RWD 81.750 евра
      XF S 3.0p V6 380 A8 AWD 88.900 евра

      Повеќе информации во Аутомобили Гроуп или на тел. (02) 3093 024

       

      Погледнете ја нашата галерија од Jaguar XF:

      Поврзани вести

      Back to top button