fbpx

Тест Jeep Avenger: Американец со европски гени

Моделот Avenger е првиот вистински мејнстрим компактен SUV на марката, модерено скроен и пред сé симпатичен, исклучително забавен за возење, со практична и удобна кабина испорачувајќи ја карактеристичната „Jeep“ атмосфера во најмалото пакување досега.

Тест Jeep Avenger

Компактниот Avenger е првиот Jeep што е дизајниран во Италија, а се произведува во Полска, кој воедно е поставен на француска CMP-2 платформа. Тој преставува еден од првите конкретни примери на синергијата што ја спроведува Stellantis во рамките на групацијата. При тоа, Avenger воопшто не е достапен на северноамерикаскиот пазар. Ако прашувате, зошто? Одговорот е едноставен, неговата примарна цел се европските клиенти.

Препознатлив од секој агол

Тест Jeep Avenger

Употребата на препознатливи дизајнерски потези на брендот се забележливи насекаде низ возилото со што гордо ја покажува својата припадност. Трапезоидните лакови над тркалата и испакнатите линии над нив упатуваат на историските верзии на моделот Willys од 1941 година, додека „лебдечкиот“ C-столб воспоставува конекција со актуелната гама, следејќи го примерот на моделите Compass и Grand Cherokee.

Секако, тука е и модерната интерпретација на класичната предна решетка за довод на ладен воздух со 7 отвори, своевиден заштитен знак на компанијата. Иако во реалност е потполно затворена, на нејзините краеви многу умешно се вкомпонирани предните светлосни групи со интегрирани дневни светла како „веѓи“. Умешноста на дизајнерскиот тим се гледа во користењето на компактните пропорции на каросеријата, каде што дизајнерите креирале смели и динамични линии кои на Avenger му додава на робусност. Пристапот не го изоставува ниту задниот дел каде светлосните групи се изведени со тродимензинален изглед чија поставеност делува како да излегуваат од аглите на каросеријата.

Тест Jeep Avenger

Целата надворешност кај Avenger е исполнета со скриени детаљи кои го прават дизајнот многу „кул“ и авантуристички. На шофершајбната има дете кое преку телескоп гледа ѕвезди, додека на леснометалните тркала е втисната „решетката“ на Jeep. На внатрешната страна од вратата на багажникот повтроно ја сретнуваме „решетката“ на Jeep скриена  во близина на третото стоп светло, но далеку позабележителен е планинскиот венец на задниот прозорец, кој постојано го гледате во ретровизорот.

Функционално пакување

Со должина на надворешноста помала од 4,1 метри, сé вели дека внатрешните габарити не се силната страна на Avenger. Сепак, во пракса докажува дека на предниот дел комотно се сместуваат возрасни лица, додека на задните седишта двајца патници ќе седат релативно удобно. Сепак, комодитетот највеќе ќе им одговара на најмладите патници.

Багажниот дел, пак од друга страна е на врвот од категоријата. Со зафатнина од 380 литри (повеќе од Renegade) во потполност ги исполнува потребите на патниците. Неговата позитивна страна доаѓа во чистата квадратна форма со должина од 1 метар, што е вистинска реткост во автомобил од оваа класа.. Дека не се заборавени практичните места за одлагање, низ кабината стратешки се распоредени функционални одели чија вкупна зафатнина изнесува 34 литри, што пак е двојно повеќе од просекот во сегментот.

Тест Jeep Avenger

Материјалите користени во изработка на кабината се од потврда компонента, во секој случај производителот ветува дека се е изведено за долгорочна и безгрижна употреба. Видливоста од возачката позиција е одлична во сите правци, благодарение на повишената поставеност на седиштата, но и на вертикалните стаклени површини. Сите команди се на дофат и логички распоредени.

Најважните информации се прикажуваат на екранот пред возачот кој е со димензии од 10,25 инчи. Истиот е изведен со јасни графички решенија и дозволува персонализиран изглед, додека во секое време на него можете да ги следите сите релевантни информации за возење. На највисоката точка во средината на кокпитот е поставен екранот на мултимедијата кој е со исти димензии, неговиот оперативниот систем користи виџети и страници за командување со функциите што можете да ги прилагодите по ваш вкус. Тука е и веќе неизбежното поврзување и пресликување на паметните телефони кое во случајов се одвива без употреба на кабел. Контролите за климатизација се со физикички прекинувачи, што ги прави брзи и лесни за управување. Истите имаат уникатен изглед, поставени се под екранот во засебно дизајниран предел, за што сметаме дека е многу добро ергономско решение кое наидува на наше одобрение.

Ефикасни и забавни 3 цилиндри

Како што налагаат тековните трендови во индустријата, Jeep го опреми Avenger со неколку опции на двигатели. Електричната работна единица беше понудена како единствена на самиот старт, за потоа да и се приклучи класичниот турбо бензинец. Следна во понудата е додадена е-хибридната изведба, а наскоро се очекува да пристигне и плаг-ин верзијата (4ХЕ) која треба да му донесе на малиот „џип“ и погон на сите тркала.

Моделот со кој се дружевме преставува основа во моторизацијата, поседува округли 100 КС при 5.500 врт/мин што се производ на 1.2 литарскиот трицилиндерски бензинец поткрепен со турбо полнач. Погонската единица ни е добро позната и сме имале можност да ја испоробаме во повеќе возила од групацијата на која припаѓа и Jeep. Kaј овој мал автомобил одлично се совпаѓа со неговиот надворешен изглед и одлично коренспондира со неговата урбана страна.

Агрегатот се наметнува како разумен избор кој со својата работа и перформанси нуди доволно моќ за кросовер фокусиран на комфор во градски услови. Негова главна одлика е мазното работење без разлика дали е на ниски или високи вртежи, вибрациите се речиси комплетно анулирани и секогаш е подготвен да повлече. Моторот работи во склоп со добро пресметаниот и прецизен менувач со шест брзини кој силата ја испраќа кон предната оска.

Полн со карактер, овој мал турбо агрегат со 205 Nm влечна сила расположиви од ниски 1.750 врт/мин е максимално забавен во секојдневна употреба. Во целината одлично се вклопуваат и перформансите кои велат дека до 100 км/ч стигнува за 10,6 секунди, а максималната брзина на движење изнесува 184 км/ч. Економичноста е неговата јака страна, иако не ја постигнавме декларираната потрошувачка, во нашите раце Avenger просечно трошеше за нијанса помалку од 7 литри на секои 100 изминати километри. Автомобилот со оваа моќност и основна суспензија поставен на тркала од 18 инчи делува доста рафинирано во возењето, еластично и забавно. Во свиоци е максимално сконцентриран, се држи смирено и реагира  агилно.

Долгите рути не се негово примарно опкружување, но истите не му преставуваат проблем, во тој случај може слободно да кажеме дека е едно од покмпонираните мали возила на кои комфорот не им е непознаница кога се наоѓаат на отворен пат. Дека е дел од куќата чие реноме е изградено вон асфалтната подлога покажува одалеченоста од подлогата која изнесува цели 20 сантиметри. Avenger засега доаѓа само со преден погон, но тој е потпомогната со неколкуте модови на работа кои му овозможува и лесни излети понастрана од вообичаените градски рути.

Преставниците во овој сегмент на пазарот посебно внимание посветуваат на стилот и препознатливоста, во тој поглед Avenger е еден од најатрактивните автомобили кој може да се пофали дека го има „она вистинското“ што за повеќето  конкуренти преставува вистинска мистерија. Иако се идентификува  како градска SUV алтернатива, претставува идеален избор за оние што посакуваат економичен автомобил кој во исто време е погоден за ефикасно движење во градскиот сообраќај, а неретко може да послужи и како одличен избор за авантури и вон урбаните средини, што секако не е случај со останатите преставници во сегментот.

Тест Jeep Avenger

Цена на тестираниот модел: 28.100 евра

Технички податоци за Jeep Avenger Altitude

Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 100 KС (74 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 205 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија на  предните тркала преку 6-степен мануелен менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/55 R18
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.084 x 1.776 x 1.534 мм
меѓуоскино растојание 2.557 мм
траги (напред/назад) -.- /-.- мм
Тежина 1.179 кг
максимална тежина 1.795 кг
багажен капацитет 380 литри
Резервоар 45 литри
максимална брзина 184 км/ч
забрзување 0-100 km/h 10.6 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,3/5,9 л/4,8/100 км
емисија на CO2 130 г/км

Jeep Avenger  во Македонија

Jeep Avenger Longitude 1.2 GSE T3 100 KC M6                  Од 20.900 евра

Повеќе информации на www.jeep.mk или на тел. (0) 2 3093 124.

Конкуренти:

Opel Mokka од 23.400 до 30.100 евра
Toyota Yaris Cross од 19.900 до 35.690 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button