Тест Jeep Renegade Night Eagle: Создавање на нови вредности

Jeep е марка која од секогаш се поврзува со off-road возила, но новите времиња налагаат сосема друг пристап кон нивно креирање. За да се разбијат сите предрасуди и отвори ново поглавје преставен е Renegade, најмалиот модел во понудата за кој повеќето купувачи ќе се одлучат за помал мотор и погон само напред

Најмалиот преставник на Jeep е воедно и најпродаваниот модел што доаѓа од портфолиото на американската марка на европскиот континент. Успехот кој го бележи секако највеќе се базира на огромната побарувачка на SUV и кросовер возила што во случајов компанијата умешно го користи, но она што го прави Renegade посебен доаѓа од децениската традиција на која конкурентите едноставно неможат да се повикаат.

Renegade

Цврст карактер

Нема многу други компактни кросовери што во својот надворешен изглед пакуваат стил и карактер како што тоа го прави Jeep Renegade, затоа најодговорно тврдиме дека на овој модел не му недостасува став. Можеби е најмалиот модел од опсегот на познатата теренска марка, но ги има сите атрибути што би ги очекувале е еден полнокрвен Jeep со робусна става.

Едно нешто што нема да го пропуштите кај Renegade е традиционалниот потпис т.е. предна маска со седум исправени отвори, тоа е наследство кое доаѓа од легендарниот Willys и со децении преставува препознатлив елемент што компанијата го користи за да го истакне своето богато минато, а како плус создава и далеку поробусна слика за целиот автомобил. Големите, аголни отвори над тркала го привлекуваат вниманието, соодветно на темата тие се обвиени во црна пластична заштита која продолжува во долниот дел и ја обиколува целата надворешност. Исто така, на задниот дел има доста карактеристични елементи, а особено внимание привлекуваат задните светла. Нивниот облик алудира на канистрите за гориво кои некогаш биле составен дел од опремата на секој Jeep, детал со кој рустикалниот шарм и изглед се дополнително нагласени.

Во пакетот Night Eagle со кој беше опремен тестираниот примерок се истакнуваат црните елементи кои се користени на предната маска, ознаките на возилото, вклучувајќи го и беџот на специјалната едиција, обрабите на прозорите како и кај кровните носачи. За да се подигне севкупниот впечаток Renegade Night Eagle стои гордо исправен на црно обени 18 инчни лесни тркала со двојни краци од 18 инчи ‘облечени’ во пневматици чии димензии изнесуваат 225/55 R18.

Renegade

Фанки стајлинг

Моделот Renegade освен на надворешноста нуди многу „funky“ дизајн и во својата внатрешност. Доволно е малку подобро да погледнете низ кабинскиот просотор и ќе забележите бројни обележја инспирирани од минатото, кои се дискретно поставени низ ентериерот. Коцкастиот облик на екстериерот ветува дека Renegade нуди пристоен простор за пет лица и покрај тоа што габаритите не му се многу големи. Видливоста е одлична, благодарение на повишената поставеност на седиштата, но и на вертикалните стаклени површини.

Габаритот на багажниот простор е во рамките на класата и изнесува 350 литри, транспортниот волумен се зголемува со спуштање на задната клупа па тогаш може да „проголта“ максимални 1.300 литри. Материјалите користени во кабината се селективно поставени, на местата каде често се допира се меки, а онаму каде раката не оди често се од потврда компонента, во секој случај очекуван е долг век на користење. Ергономијата и обликот на прекинувачите е за пофалба, сè е логички поставено и едноставно за користење. Големиот 8,4 инчен екран кој е одговорен за секундарните функции е со исклучително интуитивно мени кое не бара привикнување и за цело време реагира без задршка. Како и секој модерен состав овозможува поврзување со платформите на мобилните оперативни системи од типот на Android и iOS.

Подобро одколку што бројките сугерираат

Покрај бројните унапредувања на екстериерот и ентериерот голем улога во целината игра и ревидираната понуда на агрегати. Тестираниот примерок беше погонуван од новиот мотор што се приклучува во редовите на Renegade. Станува збор за 1.0-литарскиот турбо-бензинец со три цилиндри, што нуди добар баланс помеѓу перформансите наспроти економијата за просечниот корисник. Неговата моќност од 120 КС, достапна при 5.750 врт/мин му овозможува на Renegade да се чувствува доволно брз во типични урбани услови за возење, додека пак 190 Nm влечна сила кои стојат на располагање од ниски 1.750 врт/мин го повлекуваат 1.320 кг. тешкиот автомобил без потешкотии.

Renegade

Надвор од град, 1.0-литарскиот мотор го „носи“ Renegade подобро отколку што сугерираат декларираните 11,2 секунди кои се потребни за да се достигнат 100 километри на час, при тоа без никаков проблем забрзува до максималните 185 км/ч за што како одличен помошник се јавува прецизниот и добро пресметан 6 степен менуелен менувач. За време на неколку дневното дружење постигнавме просечна потрошувачка од 7,4 литри на 100 изминати километри, бројка која е стандардна за речиси сите преставници на класата. Неговата висока и прилично не-аеродинамична форма не му создава никакви проблеми при поголема брзина на автопатот, се движи стабилно и без големи корекции на управувачот. Забележлива е бучава од ветрот која започнува да се зголемува откако ќе се приближите до 120 км/ч, особено околу ретровизорите на вратите чии што димензии се со изразена големина. Доколку се вози по планински рути полни со свиоци.

Моделот Renegade не е водечки во сегментот, но затоа пак преставува доста привлечен и различен предлог од она што се сретнува во класата на мали кросовер возила. Неговиот „funky“ стил и весела моторизација се вистинска опција која создава можност да го истакнете бунтовничкиот каратер без при тоа да се претера во намерата.

Цена на тестираниот модел : 19.800 евра

 

Технички податоци за Jeep Renegade Night Eagle 1.0 120HP:
работна зафатнина999 см3
пречник и од70,00 x 86,50 мм
степен на компресија10,5:1
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
максимална моќ120 KС (88 kW) при 5.750 min/-1
макс. вртежен момент190 Nm при 1.750 min-1
трансмисијана предни тркала преку 6-степен мануелен менувач
потпирањеНапред: Мекферсон, независни попречни рамења, стабилизатор; Назад: мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкиНапред: самовентилирачки дискови; Назад полни дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици225/55 R18 (напред) 225/55 R18 (позади)
каросеријаSUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина4.236 x 1.805 x 1.667 мм
меѓуоскино растојание2.570 мм
траги (напред/назад)1.541/1.541 мм
тежина1.320 кг
максимална тежина1.860 кг
багажен капацитет351 литри
резервоар48 литри
максимална брзина185 км/ч
забрзување 0-100 km/h11.2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)5.3/6,5/5,9 л/100 км
емисија на CO2134 г/км
Jeep Renegade во Македонија:
Jeep Renegade Sport 1.0 120 HP17.490 евра
Jeep Renegade Longitude 1.3 150 HP DDCT22.000 евра
Jeep Renegade Night Eagle 1.3 150 HP DDCT23.000 евра
Jeep Renegade Longitude 1.6 MJet 120 HP22.000 евра
Jeep Renegade Night Eegle 1.6 Mjet 120 HP DDCT25.300 евра
Jeep Renegade Limited 2.0 Mjet 140 4×427.800 евра
Jeep Renegade Limited 2.0 Mjet 140 4×4 ATX30.900 евра

Повеќе информации во Аутомобиле СК на тел. (02) 55 11 505 или на www.jeep.mk

Конкуренти:
Volkswagen T-Crossод 19.116 до 28.539 евра
Ford Pumaoд 21.900 до 31.100 евра
Citroen C3 Aircrossод 13.990 до 22.190 евра
Renault Capturод 15.990 до 25.340 евра
Fiat 500Xод 17.890 до 24.500 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button