fbpx

Tест Kia ProCeed: Нешто сосема поразлично од вообичаеното

Корејците го враќаат во игра името кое предходно делуваше малку збунувачки, Kia Pro_Cee'd, во нов автомобил кој наместо тровратна „hetchback“ каросерија сега поседува „shooting brake“ облик и поедноставување на името, одсега го користи називот Kia ProCeed

Марката Kia бележи добар напредок во продажба на европските пазари, што пред сè се должи на квалитетни производи со соодветна цена. Од таа причина одговорните лица во компанијата сметаат дека токму сега е вистинското време за следниот чекор, да се заигра на картата која ги носи емоциите во фокусот. Со Stinger, марката го лансираше првиот модел што не го купувате чисто на рационална основа, вториот е новиот ProCeed. Пакетот со кој настапува и неговиот посебен дизајн го прави да биде носечка фигура или „halo car“ на брендот кој воедно е наменет за поширока публиката.

Контраверзен и привлечен облик

Бидејќи задниот дел од автомобилот е најконтраверзниот елемент ќе започне со него. Забележливо е дека линијата на кровот е со нагласена опаѓачка патека која завршува во голем спојлер, задниот прозорец е поставен под остар агол од 64 степени со што се намалува видливоста и габаритот на багажниот простор, но изгледа многу подобро од конкурентите.

Следно што паѓа во очи е светлосната лента што патува од едната до другата страна и ги спојува задните светлосни групи, таа изгледа прекрасно, особено навечер. Големите хромирани орнаменти на долниот дел од браникот не се лажни, затоа што ако погледнете подобро или ставите рака внатре, ќе ги пронајдете завршетоците од издувните цевки, голем плус за ProCeed.

Надворешност 1/4 |
Надворешност 2/4 |
Надворешност 3/4 |  
Надворешност 4/4 |  

    На страната на автомобилот првото нешто што ќе го забележите се страничните додатоци на долниот дел со црвена линија што прави автомобилот да изгледа навистина спортски, следат 18-инчните машински обработени тркала и големите шепи на сопирачките кои го надополнуваат спортскиот тон со својот изглед и со црвено обоениот центар.

    Што се однесува до предниот дел, првото нешто што ќе забележите е дека автомобилот е многу поагресивен од „нормалниот“ Ceed, браникот има црвена линија на дното и има големо GT лого на предната решетка која патем има нешто посебно, нејзиниот заден дел е обоен во црвена боја, така што кога ќе ја погледнете од страната создава еден вид 3D ефект.

    Сèвкупно земено ProCeed изгледа моќно и хомогено, а фактот дека некои го нарекуваат „намалена Porsche Panamera Sport Turismo“ кажува доволно за автомобил од оваа класа и воедно треба да се смета за голем комплимент.

    Спортска комбинација во семејно пакување

    Во кабинскиот простор поставеноста е речиси како и кај стандардинот Ceed, но со измени кои се направени за да се чувствува спортскиот карактер на ProCeed. Управувачот има рамно дно со значка GT и остава одлично чувство во раце, а за да се надополни карактерот на спортист, возачот и совозачот добиваат нови спортски седишта со цврсти странична потпора со намера да ве држат цврсто и на место при динамично возење.

    Внатрешност 1/4 | Kia ProCeed 
    Внатрешност 2/4 | Kia ProCeed 
    Внатрешност 3/4 | Kia ProCeed 
    Внатрешност 4/4 | Kia ProCeed 

      Истите се изведени во комбинација од црна кожа и алкантара со контрастен штеп во црвена боја. Комодитетот во предниот дел е навистина добар, ако не сте многу висок тогаш нема да имате пречки ниту со опцискиот панорамски покрив, што зема многу од простор над главата и ја намалува висината.

      Поради линијата на покривот седењето во задниот дел е идеален за две лица, кои патем нема да имаат проблем со висината бидејќи инжињерите имаат изнајдено начин како тоа да не се одрази во внатрешноста.

      Багажникот располага со 594 литри зафатнина кои се модуларни и распоредени низ повеќе прегради, што е простор поголем од повеќето класични караван модели во овој сегмент. Материјалите во ентериерот и целокупниот квалитет е навистина добар за возило во овој ценовен ранг, сигурно нема да најдете ефтина пластика каде што обично допирате во внатрешноста на автомобилот, а во некои делови е дури и подобар одколку кај останатите конкуренти од Ц сегментот.

      Моќен и потентен во секој момент

      Моторизацијата кај ProCeed ги опфаќа повеќето изведби на бензинските агрегати од гамата а вклучува и еден дизелски мотор. На располагање се два добро одмерени и високо опремени пакети GT-Line и GT, вториот е резервиран само за најсилниот двигател. Во нашиот случај тестниот примерок работеше токму најмоќното срце со кое располага моделот во моментов. Станува збор за 1.6 T-GDi бензинскиот агрегат кој потекнува од минатата генерација на Ceed GT, поседува „здрави“ 204 КС и влечна моќ од 265 Nm.

      Комбинација со DCT менувач кој има двојна спојка и седум брзини му овозможува да забрзува до 100 км на час за 7,5 секунди и достигне максимална брзина од 225 км/ч. Максималниот вртежен момент е достапен од 1.500 до 4.500 врт/мин создавајќи чувство како кај силен атмосферски мотор.

      Kia ProCeed

      Понудената опција за режим на работа помеѓу нормално и спортско возење, исто така го менува звукот од издувниот системот, додека резонанцата која се создава во нормалниот „мод“ звучи пријатно и спортски, звукот кој се создава(ел. клапна во издувот) со притискање на прекинувачот за спорско возење значително ги зголемува децибелите и прави „музика за душа“ за секој спортски ориентиран возач.

      Верзијата GT за разлика од GT Line е поставена 5 мм пониско и поседува покруто подесена суспензија. Како резултат на ова овозможен е компромис помеѓу спортското возење и удобно патување, давајќи му можност на Proceed да ги покрие предизвикувачките патишта(МК) со усклучително брзо темпо.

      Kia Proceed е освежување во сегментот на семејно ориентирани караван автомобили со „купе стајлинг“, дизајн кој со години беше резервиран за премиум-секторот, па затоа е исклучително важно да се види моделот на Kia како прв влегува во играта на мејнстрим пазарот.

      Цената на тестираниот примерок изнасува 33.390 евра

      Технички податоци за  Kia ProCeed T-GDi GT DCT 7:

      мотор Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 1.591 cm3
      пречник и од 77 x 85,4 mm
      степен на компресија 9,5:1
      напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
      максимална моќ 204 KС (150 kW) при 6.000 min/-1
      макс. вртежен момент 265 Nm при 1.500-4.500 min-1
      трансмисија на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач
      потпирање напред независен Макферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
      сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
      пневматици 225/40 R18 (напред) 225/40 R18 (позади)
      каросерија караван со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4.605 x 1.800 x 1.422 mm
      меѓуоскино растојание 2.650 mm
      траги (напред/назад) 1.555/1.563 mm
      тежина 1.438 kg
      максимална тежина 1.900 kg
      багажник 594 литри
      резервоар 50 литри
      максимална брзина 225 km/h
      забрзување 0-100 km/h 7.2 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек)  5,7/7,1/6,2 l/100 km
      емисија на CO2 129 g/km

      ProCeed во Македонија:

      ProCeed 1.0 T-GDi GT Line 120 M6 24.990  евра
      ProCeed 1.4 T-GDi GT Line 140 M6 26.690 евра
      ProCeed 1.4 T-GDi GT Line 140 DCT 7 28.690 евра
      ProCeed 1.6 T-GDi GT 204 M6 31.800 евра
      ProCeed 1.6 CRDi GT Line 136 M6 28.990 евра
      ProCeed 1.6 CRDi GT Line 136 DCT 7 31.490 евра

      Повеќе информации во КИА Моторс Македонија или на тел. (02) 2570 283.

      Поврзани вести

      Back to top button