НАСЛОВНАТЕСТОВИ

Тест: Kia Stinger 2.2 AWD A8 – Некоја нова димензија

Нешто што не сме сретнале со години: автомобил направен само за да покаже што инженерите можат и умеат, со кој реално достојно им конкурира на премиум изведбите. Kia Stinger има 17% поголема директна контрола отколку неговите главни конкуренти, со што управувањето е 10% попрецизно, а автомобилот е 30% поотпорен на странично лизгање

Кога Kia го претстави својот нов најпрестижен модел Stinger во Детроит, во јануари 2017, повеќето стручњаци и експерти беа повеќе од пријатно изненадени, а некои и импресионирани. Оние најави дека корејскиот гигант има своја тајна влезница за во друштвото на најдобрите, оние од премиум сегментот, иако за некои беше само утопија, се претвори во реалност. Kia, сепак не го претвори својот сон преку ноќ во јаве. Имено, корејскиот производител го развиваше овој модел повеќе од седум години, почнувајќи од 2011 година кога беше демонстриран прототипот GT Concept. Многумина скептици сметаа дека ова е преголем залак за Корејците, но очигледно пресметаа погрешно и лошо прогнозираа. За разлика од нив ние имавме поинакво мислење, пратејќи го процесот во кој корејската компанија е постојано во нагорна линија, но рака на срце останавме без здив кога моделот беше прикажан за прв пат во Европа, на салонот во Женева. Неколку месеци подоцна, еве еден претставник од гамата со 2.2 дизел агрегат под хаубата и ниво на опременост Advance, во нашата редакција.

Пред да го добиеме автомобилот на тест, иако и пред тоа имавме можност да го погледнеме, мислевме дека името Stinger, кое велат дека е позајмено од американска зенитна ракета „земја-воздух” е малку пресилно. Но, со својот изглед, автомобилот сугерира дека тоа е вистинска „ракета“ и си го заслужува името во целост. Stinger е чистокрвен GT- Grand Tourer автомобил: долг, широк,.. создаден за патување на големи растојанија, а во исто време импресионира со својата архитектура, засилена конструкција, како и фастбек каросеријата со четири врати, кратки пропусти и со големото меѓуоскино растојание од 2.905 mm. Ова е уште едно ремек дело на Алберт Бирман, долгогодишен шеф на М-поделбата во BMW.
Моделот, кога е во прашање дизајнот, вреди да се спомене дека е креација на сите три студија, во Кореја, Европа и САД. Секаде плени со својата атрактивност, но да напоменеме дека верзијата што ја управувавме е развиена специјално за Европа, а идејата е да се спротивстави на алтернативите од големата германска премиум тројка. Надворешноста на автомобилот е стилски, современа, агресивна и дефинитивно се издвојува од позадината на прилично униформни алтернативи. Генерално пропорциите на автомобилот личат на оние на Audi A5 Sportback, но всушност Stinger има доста поразлично и индивидуално лице. Силуетата привлекува внимание со своите мазни форми, покажувајќи одлична аеродинамика( Cx = 0,30). Се започнува од издолжениот моторен простор, па преку покрив во форма на купола за да стигне до компактниот заден дел. Изгледот е навистина импресивен, сосема поинаков од оној на директните конкуренти и во исто време – цврсто препознатлив. Не, не би препознале дека е модел на Кia, доколку го нема препознатливиот преден дел на корејскиот бренд – решетката „ нос на тигар” кој комплетно е имплементиран во компактната предница, повторно ќе напоменеме некарактеристична за Kia. Особено оставаат впечаток оние „шкрги“ на страниците, како и на хаубата на моторот, а комплетната слика дека се работи за вистинска ѕверка ја комплетира издувот. Како заклучок, можеме да кажеме дека специјалистите на Kia успеале да направат многу поинаква и импресивна визија.

1 | kia-stinger-test-avtoplus-3

2 | kia-stinger-test-avtoplus-4
3 | kia-stinger-test-avtoplus-5
4 | kia-stinger-test-avtoplus-7

Изненадувањето продолжува и во внатрешноста. Нема ефтини материјали кои лошо се вклопуваат. Корејците се потрудиле доста и без претерување може да се каже дека ентериерот не отстапува од оние во етаблираните премиум брендови. Извонреден квалитет и меки материјали, многу природна кожа и алуминиум и модерни детали. Седиштата се опремени со сите потребни електрични прилагодувања, со силна странична поддршка, ергономски и удобни. Во задниот дел, тие исто така нудат врвен комфор, но поради спортските карактеристики сепак пократко растојание за нозете и главата за патниците од вториот ред. Уредите се компилација на аналогни мерачи и електронски дисплеи и се карактеризираат со многу добра информативност. Мултимедијалниот комплекс има огромен екран и одлична навигација. Аудио системот, кој е дел од него, е дело на Harman Kardon, има 15 звучници во кабината, кристално чист и истовремено многу силен звук. Со други зборови спокојно можеме да кажеме дека ентериерот ќе им се допадне и на најголемите автомобилски фанови, бидејќи вниманието на детали дефинитивно постои.
Првата верзија на Stinger, која се најде во нашите раце, беше опремена со дизел мотор и чесно да си признаеме, бевме пријатно изненадени. Моторот на свој начин ги заокружува импресиите од екстериерот и ентериерот. Крајно е економичен, што секако се очекува да биде негова вредност, со просечна потрошувачка околу 7,5 литри на 100 километри, но дефинитивно остава впечаток мошне добрата динамика. Овој дотеран за оваа цел 2.2 CRDi мотор, со 200 коњски сили и погон на четири тркала преку автоматскиот менувач со осум брзини, дело на компанијата, знае добро да загризе. Сепак, јасно е дека преносот е дизајниран и прилагоден првенствено за моќната бензинска верзија и дизелот само „го искористил тоа“.

Инаку кога сме кај бензинецот тој е 2.0 T-GDI и исто како и дизелот со четири цилиндри, но неговата динамика е значително подобрена, има 255 коњски сили. Најмногу се очекува од 3.3-литарскиот V-модел со шест цилиндри и 370 КС, кој го пренесува својот вртежен момент на сите четири тркала преку горенаведениот осум-степен автоматски менувач. Што се однесува до возните својства ќе почнеме со фактот дека автомобилот стои како „залепен за асфалтот”. Причина за ова се нискиот центар на гравитација, како и многуте асистирачки системи и состави дел од ова ниво на опременост. За верзијата со пренос на сите тркала е достапен систем vector cornering, вклучувајќи ги по потреба сопирачките на тркалата со помала адхезија. Од асист составите ги потенцираме системoт за екстремно запирање, адаптивната суспензија и други кои придонесуваат за безбедноста, удобноста и најсигурното доведување на автомобилот во мирување. Што се однесува до комфорот, може да биде како многу тврдо, но и доста удобно. За тоа се грижи пневматиката, која располага со електронски системи за подесувањата на амортизацијата на возилото со пет режими на работа: Smart, Eco, Comfort, Sport и Sport+. Вистинското задоволство е да се најдете зад управувачот на Stinger и да го почувствувате режимот Sport+, каде експертите обезбедиле акселератор на звук, како стимуланс за адреналинот.

 

Технички податоци за Kia Stinger 2.2 CRDi AWD A8
мотор Euro 6, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина 2.199 cm3
пречник и од 85.4×96.0 mm
степен на компресија 16,0:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор (ТGV) со променлива геометрија, интеркулер
максимална моќ 200 KС (147 kW) при 3.800 min-1
макс. вртежен момент 322 Nm при 1.750-2.750 min-1
трансмисија на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, гасни амортизери, назад мултилинк, спирални пружини, гасни амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови и назад дискови, ABS, ESC со вклучени BAS, CBC, TCS, DBC, HAC, VSM
пневматици 225/50 R19
каросерија Тurismo со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.830×1.870×1.400 mm
меѓуоскино растојание 2.905 mm
траги (напред/назад) 1.613/1.591 mm
тежина 1.774 kg
максимална тежина 2.325 kg
багажник 406 dm3
резервоар 60 литри
максимална брзина 225 km/h
забрзување 0-100 km/h 7,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,9/ 6,9/ 5,6 l/100 km
емисија на CO2 146 g/km

Корејската Panamera, како го нарекуваат моделот е доста поевтин од алтернативите од германската премиум тројка, како и од сличните предлози на Lexus и Infiniti. Цената стартува од 37.990, а верзијата што ни беше на располагање е 49.990 евра.

Повеќе информации: Киа Моторс Македонија, тел.: 02/2580-300

 

Kia Stinger во Македонија
2.0 Т-GDi 2WD А8 ADVANCE 37.990 евра
2.0 T-GDi AWD A8 ADVANCE 40.400 евра
2.0 Т-GDi 2WD А8 GT-LINE 49.990 евра
3.3 Т-GDi AWD А8 GT 59.990 евра
2.2 CRDi  2WD A8 ADVANCE 39.950 евра
2.2 CRDi  AWD A8 ADVANCE 42.350 евра
2.2 CRDi  AWD A8 GT-LINE 54.990 евра
Конкуренција:
Audi A5 Sportback од 41.801 до 72.634 евра
BMW 4 Gran Coupe од 37.990 до 60.860 евра
Jaguar XE од 39.800 до 67.900 eвра
Lexus IS oд 38.500 до 52.500 евра
VW Arteon од 38.343 до 58.961 евра
Оценки:
Дизајн           4,5  ●●●●◌
Комфор и опременост           4,5  ●●●●◌
Возни својства           4,5  ●●●●◌
Економичност и еколошка прифатливост           4,0  ●●●●
Безбедност и примена на технолошки достостигнувања           4,5  ●●●●◌
Адекватност и понуда на домашниот пазар           4,0  ●●●●
Галерија Kia Stinger

Клучни зборови

Поврзани вести

Може и ова да ви се допадне

Close
Close