fbpx

Тест Kia XCeed 1.6 PHEV: Кросовер за пример

Со својата plug-in хибридна моторизација и кросовер (купе) дизајн, Kia Xceed PHEV нуди добро избалансиран компромис помеѓу удобноста, динамиката и секојдневната употребливост, исклучително важни карактеристики кои доаѓаа во атрактивен пакет

Моделот XCeed од своето преставување во 2019 година е возило кое ги заматува линиите помеѓу SUV и хечбек автомобилите, пред се со својата форма на семеен автомобил што поседува умерено зголемена висина и груби пластични обвивки на каросеријата какви обично се сретнуваат кај SUV возилата. Во основа тоа е пример на најновиот тренд за создавање на нови подсегменти, манипулирајќи со типичните облици креирајќи вистински „crossover“ модел. Иако е дел од моделското семејство Ceed, изведбата XCeed како и PHEV варијантата е многу повеќе од класично преземање на основната од моделот и поставување на повисока точка. Со стандардната изведба ја поврзуваат единствено предните врати, се друго на екстериерот е дизајнирано специфично за него.

Минимално затегање на борите

Како и остатокот од семејството и моделот XCeed е обновен за 2023 година, надградбите се мали но сепак важни. Лесно освежената каросерија добива предни светлосни групи со нова графика и браници кои се грижат за зголемување на ефикасноста, а тука е и новиот изглед на предна решетка. Страничната силуета не открива дополнителни разлики, освен поклопецот на предното лево крило под кој е сместен приклучокот за полнење на батеријата. Уникатниот заден дел ги имплементира впечатливите светлосни групи на кои исто како и на предниот дел е изменета графиката, додека благо ревидираниот облик на задниот браник ја заокружува сликата за новата естетика кај Xceed PHEV. Без оглед од кој агол се гледа, изгледот на автомобилот останува свеж и мудро обликуван, миксот на линии кои кокетираат со стиловите прават да се издвои во опкружувањето со силен карактер.

Логично и квалитетно

Во внатрешноста по „фејслифтот“ разликите остануваат релативно мали. Основниот дизајн е повеќе или помалку непроменет, кабината е доволно ергономски и логично изведена, а квалитетот на изработка е одличен, Единствено постојаните следачи на најновите трендови може да забележат дека на моменти се чувствува малку „олд скул“ за разлика од ново преставениот модел Niro. Сепак, XCeed PHEV доаѓа со одлични технолошки решенија и идеална комбинација помеѓу екрани и физички прекинувачи.

Тест Kia XCeed PHEV ExecutiveДигиталниот дел вклучува 12,3 инчен инструмент панел и новиот инфозабавен систем со екран од 10,25 инчи кој го користи најновиот софтвер на компанијата со цел за да ги обезбеди сите модерни функции. Како и досега, Android Auto и Apple CarPlay се вградени стандардно, Системот на Kia е направен да работи совршено, додека менијата и иконите се логично поставени.

Во поглед на комодитетот во кабинскиот дел, Xceed PHEV не остава простор за замерка, единоставно овој модел кај нас се нуди само во највисоко ниво на опременост, што подразбира комплетна возачка асистенција, дузина системи за активна и пасивна безбедност, како и естетски и функционални подобрувања за поголем конфор од типот, загревани седишта напред и позади, сончев кров… Единствената разлика се однесуваат на багажниот простор кој кај хибридната верзија е помал од стандардниот автомобил, па тука има капацитетот од 291 литри. Но, ниту тука не би требало да има забелешка, бидејќи електрификацијата го има заземено само делот под двојниот под од багажникот, така што на полицата има доволно место за куфери на едно четиричлено семејство.

Eфикасноста е името на играта

Најголем интерес секако побудува хибридната моторизација која го придвижува тестираниот примерок. Атмосферскиот 1,6-литарски бензински агрегат работи по Аткинсов принцип, истискува 105 КС и располага со 147 Нм влечна сила. Овде се приклучува електричниот мотор кој произведува дополнителни 61 КС и 170 Нм влечна сила со што е овозможена комбинирана моќ од 141 КС и 265 Нм. За испраќање на силата кон предната оска ексклузивно е задолжен шестстепен автоматски менувач со двојна спојка. Системот може да обезбеди време до 100 км/ч од солидни 11 секунди и максимални 195 км/ч, но тоа не е во прв план кај овој модел.

Тест Kia XCeed PHEV Executive

Eфикасноста е името на играта, а XCeed PHEV со својот пакет батерии од 8,9 kWh во реални услови може да помине нешто помалку од 50 километри само со користење на електрична енергија. Постигнување што не е далеку од официјалната бројка, која вели дека електро-дометот е максимални 60 километри. Што од друга страна значи дека можете да ги завршите повеќето дневни патувања исклучиво на електрична енергија, а доколку редовно ја дополнувате батеријата (за што се потребни 150 минути на полнач од 3,3 kW), можеби ќе можете да се приближите до официјалната просечна потрошувачка од 1,7 литри на 100 км.

Се разбира, автомобилот може да се вози и со максимална брзина од 120 км/ч само во електричен модус на работа, но во овој случај дистанцата е далеку пократка. Затоа е тука хибридниот режим, овозможувајќи одличен спој на својства од двете работни единици, нудејќи пристојни перформанси и одлична ефикасност која резултира со потрошувачка која не поминува 4 литри на 100 изминати километри.

Од друга страна, доколку сакате да го извлечете максимумот потребно е да префрлите во спортскиот режим на работа каде бензинецот и електричниот мотор ќе можат да дојдат во полн израз, но не на сметка на потрошувачката која се движи во зоната од 6 л/100км. Иако е поставен повисоко отколку страндарден „хечбек“ XCeed PHEV се вози речиси идентично, делувајќи доволно агилно во повеќето ситуации. Квалитетот во удобноста е задржан со вградување на помека суспензија која наведува кон порелаксирана секојдневна употреба, што пак е од особена корист на во градски услови и на патишта кои не се идеално изведени.

Моделот XCeed PHEV не е спортист, не е ни теренец, нити пак се обидува да биде нешто од посоченото, едноставно е свој. Неговиот микс на рафиниран квалитет, изразен дизајн, врвна технологија и минимални трошоци по изминат километар (доколку се користи како што е замислено) создаваат одлична прилика за сосема различен животен стил кој треба да ја олесни транзицијата што неминовно ни престои до комплетна електрификација на возниот парк.

 

Цена на тестираниот модел: 40.450 евра

Технички податоци за Kia XCeed Plug in Hybrid

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.580 см3
пречник и од 72,0 x 97,0 мм
степен на компресија 13,0:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ 105 KС (77 kW) при 3.700 min/-1
макс. вртежен момент 147 Нм при 4.000 min-1
максимална моќ на ел.мотор 61 KС (44.5 kW) при 0 min/-1
макс. вртежен момент 170 Нм при 0 min-1
максимална системска моќ 141 KС (104 kW) при 5.700 min/-1
макс. вртежен момент 265 Нм при 1.000- 2.400 min/-1
трансмисија на  предните тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/45 R18 (напред) 235/45 R18 (позади)
каросерија „crossover“ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.395 x 1.826 x 1.495 мм
меѓуоскино растојание 2.650 мм
траги (напред/назад) 1.575/1.573 мм
тежина 1.593 кг
максимална тежина 2.030 кг
багажник 291/1.245 литри
резервоар 37 литри
капацитет на батерија 8,9 kWh
максимална брзина 195 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 11,0 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) ,/,/1,7 л/100 км
емисија на CO2 32-38 г/км

Kia XCeed PHEV  во Македонија

XCeed 1.6 GDi DCT PHEV Executive 40.450 евра

Повеќе информации во Kia Motors Македонија на тел. (02) 25 70 282 или на www.kia.mk

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button