Тест Mazda 6e: Кога традицијата преминува на струја

Со моделот Mazda 6e јапонскиот производител прави храбар и внимателно пресметан чекор за проширување на портфолиото со додавање на целосно електричен автомобил во својата понуда. Овој модел не е само уште една електричен седан, туку тој е симбол на трансформацијата на брендот кој ги спојува традиционалната филозофија и барањата за современа и одржлива мобилност.

Новата Mazda 6e е замислена како наследник на добро познатата Mazda 6, но со целосно нова технолошка и концептуална основа. Наместо класичните мотори со внатрешно согорување, тука доминира тивка, ефикасна и еколошки ориентирана електрична платформа, која има за цел да ги задоволи и најпребирливите возачи.

Извајана појава со скриена практичност

На прв поглед, Mazda 6e јасно ја покажува својата припадност кон дизајнерската школа на брендот. Филозофијата Kodo „душата на движењето“ е присутна во секој детаљ, но овде е еволуирана во најрафинирана и технолошки најнапредна форма до сега.  Она што највеќе го издвојува автомобилот е неговата импресивна појава на патот, што пред се се должи на севкупна ширина (без ретровизори) која сериозно се доближува до речиси два метри. Ова потег дава стабилен, самоуверен став и визуелно ја позиционира Mazda 6e во високата средна класа.

Предниот дел е минималистички обликуван, со затворена маска карактеристична за електричните модели. Тенките ЛЕД светлосни тела создаваат остар и модерен израз, додека долгата хауба додава доза на онаа малку подзаборавена класична елеганција. Нискиот кров и неговата постепено слегувачка линија кон задниот дел формираат флуиден, аеродинамичен профил, кој истовремено делува спортски и елегантно. Под оваа силуета, формално класифицирана како седан, всушност се крие практична пета врата во стил на хечбек, која овозможува полесен пристап до багажниот простор и значително ја зголемува функционалноста во секојдневната употреба.

Страничниот профил е обележан со чисти и прецизно дефинирани линии. Стилот игра клучна улога во креирањето на овој модел, што најдобро се гледа кај вратите изведени во купе-стил, без рамки околу стаклата. Овој елемент, редок во сегментот, дополнително ја нагласува премиум ориентацијата и динамичниот карактер на автомобилот. Скриените рачки, аеродинамичните бандажи и мазните површини придонесуваат за намален воздушен отпор и помала потрошувачка.

Тест Mazda 6e Takumi Plus Long Range
Кога традицијата преминува на струјаЗадниот дел е елегантно и внимателно обликуван, со  хоризонтални ЛЕД светлосни тела кои визуелно ја нагласуваат ширината на автомобилот, а со светлосниот потпис ја нагласуваат припадноста на марката. Дизајнот е дополнет со суптилен активен спојлер, интегриран во линијата на багажникот, кој автоматски се издигнува при повисоки брзини. Со тоа не само што се подобрува аеродинамичката ефикасност, туку и се зголемува стабилноста на автомобилот при динамично возење и на автопат. Целокупно гледано дизајнот остава впечаток на технолошка софистицираност и спортска елеганција, без притоа да се наруши префинетиот карактер препознатлив за Mazda.

Дигитален минимализам во луксузно пакување

Кабината на Mazda 6e претставува современа интерпретација на јапонската филозофија за простор во која превладува рамнотежа и функционалност, без визуелна пренатрупаност. Материјалите се со исклучително висок квалитет, меки површини, фино обработена кожа и декоративни детали што силно сугерираат на премиум карактерот кој го носи во себе. Распоредот е чист, логичен и ориентиран кон возачот. Централно место зазема големиот инфозабавен екран со дијагонала од 14,6 инчи, преку кој се управува со практично сите функции на автомобилот. Компанијата овде оди чекор подалеку во дигитализацијата, целосно елиминирајќи ги класичните копчиња од контролната табла.

Единствените физички прекинувачи во целата кабина се копчето за „четири жмигавци“ и „SOS“ прекинувачот, кои се поставени на кровот, непосредно пред внатрешниот ретровизор. Системот поддржува безжична интеграција со оперативните системи на паметните телефони и онлајн ажурирања. Седиштата се ергономски обликувани и нудат одлична поддршка при подолги патувања. Дигиталната инструмент табла од 10,2 инчи е целосно конфигурирачка и нуди јасен приказ на клучните информации кои му се потребни на возачот.

Предните седишта се електрично подесливи, но за жал не одат доволно ниско како што сме навикнати кај седаните со мотори на внатрешно согорување. Тоа се должи на поставеноста на батерискиот систем кој го подига подот за неколку сантиметри, но што е тука е! Од друга страна задната клупа обезбедува доволно простор за возрасни патници кои нема да се пожалат на удобноста и на долги дистанци. Комфорот е дополнет со напредна звучна изолација, која совршено го нагласува тивкиот карактер на електричниот погон.

Тест Mazda 6e Takumi Plus Long Range
Кога традицијата преминува на струјаИако на прв поглед Mazda 6e делува како класична лимузина со три волумени, нејзината силуета вешто ја крие една од најпрактичните карактеристики, а тоа е петтата врата на багажниот дел. Благодарение на хечбек концептот, целиот заден дел се подигнува заедно со стаклото, овозможувајќи широк и лесно достапен отвор. Просторот располага со капацитет од околу 460 литри, што е повеќе од доволно за секојдневни потреби, семејни патувања или подолги одмори. Благодарение на правилната форма и нискиот праг за товарење, користењето на просторот е едноставно и практично.

Балансирана моќност и практична автономија

Иако Mazda 6e е дизајнирана и финално калибрирана од јапонските инженери, нејзината технолошка основа доаѓа од кинеската Changan Automobile, компанија која долги години соработува со неколку популарни „западни“ производители, а патем самостојно произведува и возила за своите подбрендови. Моделот е поставен на електрична платформа развиена за премиум брендот Deepal, позната преку моделот S07. Оваа архитектура е оптимизирана за електрични возила од средно-високата класа и овозможува интеграција на современи батериски и електронски системи.

Тест Mazda 6e Takumi Plus Long Range
Кога традицијата преминува на струја

Инжињерите на Mazda ја имаат значително модифицирано платформата, особено во делот на суспензијата, управувањето и софтверот, со цел да го задржи својот препознатлив возачки карактер. Во понудата постојат две верзии на Mazda 6e, а ние се дружевме со изведбата која е опремена со електромотор кој развива 245 коњски сили и 320 Nm вртежен момент и поголема батериска единица. Силата се пренесува исклучиво на задните тркала, што е реткост во овој сегмент и важен дел од идентитетот на моделот. Батерискиот пакет има капацитет од 80 kWh и обезбедува солидна автономија за секојдневна и патна употреба. Максималната брзина на DC-полнење изнесува 90 kW, при што полнењето од 10% до 80% трае околу 40 минути. Системот за термална регулација овозможува стабилни перформанси во различни климатски услови и придонесува за долг век на батеријата. Производителот декларира просечна потрошувачка од 16,5 kWh/100 км, а ние бевме задоволни и од постигнатите 19,7 kWh/100 км во февруари на температури од 0 до 5 степени. Што од друга страна значи дека автономијата од 400 километри (ако не и повеќе во потоплите месеци) со полна батерија е повеќе од загарантирана.  Испораката на силата е мазна и линеарна, без нагли реакции, што резултира со прецизна контрола и пријатно чувство зад воланот.

Тест Mazda 6e Takumi Plus Long Range
Кога традицијата преминува на струја

Во делот на забрзувањето тоа би значело 7,8 сек/100 км, додека дигиталниот брзиномер патешествието го завршува на електронски ограничени 175 км/ч. Благодарение на батеријата поставена во подот, Mazda 6e располага со низок центар на гравитација и одлична стабилност. Задниот погон овозможува подобра распределба на масата и попрецизно управување. Во свиоци, автомобилот се однесува неутрално и предвидливо, со „фер“ повратен одговор преку управувачот. Суспензијата е подесена како компромис меѓу комфор и динамика. Во градски услови нуди меко и удобно возење, а на отворен пат обезбедува сигурност и стабилност при повисоки брзини.

Моделот Mazda 6e претставува внимателно изграден мост меѓу традицијата и иднината. Ова не е само технолошки напреден производ, туку автомобил со карактер, емоција и возачка ориентација. Со елегантен дизајн, минималистички и дигитализиран ентериер, солиден електричен погон и редок за оваа класа заден погон, автомобил што нуди нешто повеќе од обичен превоз во електричната ера.

Тест Mazda 6e Takumi Plus Long Range
Кога традицијата преминува на струја

Цена на тестираниот модел 50.000 евра

Технички податоци за Mazda 6e Takumi Plus Long Range
   
Мотор Синхронизиран електричен мотор
Моќност на ел. мотор 180 kW (245 КС)
Максимален вртежен момент 320 Nm
Трансмисија Автоматски менувач со еден степен на пренос
Погон На задни тркала
Потпирање напред MacPherson, назад Multi-link
Сопирачки Напред и назад вентилирачки дискови (со ABS, EBD, ESP, TCS)
Пневматици напред 245/45 R19, назад 245/45 R19
Каросерија Liftback / седан со пет врати и пет седишта
Должина × ширина × висина 4 921 мм × 1 890 мм × 1 491 мм
Меѓуоскино растојание 2 895 мм
Тежина 1 950 кг
Максимална тежина 2 387 кг
Багажен капацитет 456 Л / до 1 074 Л со преклопени седишта
Максимална брзина 175 km/h (електронски ограничена)
Забрзување (0–100 км/ч) 7,8 сек.
Капацитет на батерија 80 kWh (бруто)
WLTP досег До 552 км WLTP (измерени 400 км)
Просечна потрошувачка 16,5 kWh/100 км според (измерени 19,7 kWh/100 km)
Времетраење на полнење DC (90 kW): 10–80 % 47 мин; AC (11 kW): 8–9 ч
Емисија на CO2 0 г/км

Повеќе информации во Стар Моторс на:  02 30 70 166 или на www.mazda.mk

Конкуренти:

BMW i4                                од 66.040 до 87.240 евра
Hyundai Ioniq 6                                од 48.000 до 64.000 евра
Volkswagen iD7                                                      69.697 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button