Тест Mazda CX-30: Манекенска става и префинет вкус
Општото лудило што моментно преовладува на пазарот на SUV возила продира во сите сегменти и под-сегменти, во исто време производителите на автомобили се борат да ги исполнат сите желби на се попребирливите купувачи
Најнов пример за тоа е и зголемениот број на кросовери со купеовски стајлинг што од високата започна да се шири и во „понародните“ класи. Повеќето производители на автомобили започнаа се почесто да креираат возила со пониска суспензија и голем број на заштитни елементи окoлу каросеријата која е „SUV -инспирирана“ а поседуваат облик на купе. Јапонските марки не останаа имуни на овој општо прифатен тренд. Така од неодамна и Mazda се приклучи во играта со свој преставник.
Убавата страна на јапонскиот дизајн
Во конкретниов случај можеби ќе помислите дека нешто се случило со Mazda3, но подобро погледнете повторно, и ќе видите дека CX-30 е сосема друг автомобил. Иако се базира на истата платформа, моделот CX-30 е всушност некаде на половина пат помеѓу класичнен компакт и теренец, а токму тука е и неговата специјалност.
За почеток не делува толку долго, но е значително подигнат од тлото. Исто така, има похрабро толкување на предниот дел од колку кај моделот од кој црпи инспирација. Останатите контури го следат примерот на семејството, со нагласени пластична заштита на долниот дел од каросеријата и поизразена слегувачка линија на кровот, како и впечатлива изведба на задните светлосни групи.
Како и да е, веднаш станува јасно дека изгледот е познат и припаѓа на јапонскиот бренд. Сепак, тоа не е ништо лошо бидејќи Mazda во поново време создава возила кои имаат особено добар дизајн.
Она што останатите го немаат
Кај моделите на Mazda во последниве неколку години до израз доаѓа квалитетот, естетиката, прецизноста и минималистичкиот стил во градењето на кабинскиот простор. За тој дел се задолжени посебни мајстори кои ја користат т.н Takumi техника што сама по себе го подига чувството во просторот на повисоко ниво.
Во внатрешноста веднаш се забележува дека поголемиот дел од уредувањето е превземено од Mazda 3, фокусот е ставен на возачот овозможувајќи му во исто време да ги има сите контроли и екрани совршено во видното поле. Кога зборуваме за просторот важно е да се наведе дека главната целна група се помладите семејства кои бараат дополнителна доза на различност и варијабилност.
Од тој аспект моделот CX-30 нуди забележително поудобен ентериер, не само на просторот резервиран за патниците на предните седишта, туку има далеку повеќе место за главата и колената за патниците на задната клупа. Како следен адут се наметнува и поголемиот багажник од кој располага со зафатнина од 430 литри.
Начинот на кој Mazda се справува со сеприсутниот притисок на инфотејмент системите и интегрираните команди на секундарни функции според нас е изведен на најдобар можен начин. Компанијата не го следи постоечкиот тренд за поставување на екран осетлив на допир, изборот на главното мени се врши преку ротирачко копче, додека пак копчињата за секундарните функции се сведени на минимум и се поставени логички, што воедно ги прави лесни за ракување.
Мала помош што многу значи
Моторната опција во тестираниот примерок на Mazda CX-30 MHybrid поседуваше 2 литарски, бензински, атмосферски агрегат, истиот мотор што пред извесен период го возевме во новата генерација на моделот 3. Она што го наведовме во таа прилика е речиси пресликано и во овој случај.
Моќта која ја испорачува оваа погонска единца изнесува 122 КС и произведува релативно мали 213 Nm влечна сила. Целта на инжињерскиот тим не се перформансите, туку еластичен и долготраен агрегат кој ќе има ниска емисија на штетни гасови. Од таа причина на агрегатот му помага лесен хибриден систем кој се грижи да ги обезбеди дополнителните особини.
Електричниот мотор не е во можност самостојно да го движи автомобилот на чиста електрична енергија. Туку користи интегриран стартер генератор (ISG), прикачен директно на агрегатот со внатрешно согорување, кој може да помогне со дополнителни 6kW енергија на погонот кога тоа е потребно.
Што значи дека може да асистира при забрзувањето или едноставно да овозможи покривање на празнините во вртежниот момент при испораката на силата за време на менување степен, со што ја прави промената на брзини да се чувствува многу порамномерно.
Во друг случај може да извлече сила од својата мала литиум-јонска батерија монтирана под задното седиште за да го управува напредниот систем за стартување и повтoрно задвижување на агрегатот. Исто така се грижи и за системот кој е одговорен за исклучување на два цилиндри во одредени моменти со цел да ја намали потрошувачката на горивото, за што ја користи точката на ротација во рамките на шестстепениот автоматски менувач кој допринесува да се обезбеди беспрекорен пренос помеѓу два и четири цилиндри, а истовремено овозможува целиот процес да се одвива речиси незабележливо во секојдневна употреба.
Постигнатите резултати за време на тестот беа над декларираните вредности, но во исто време и не така „страшни“, со просечни 8,5 л/100км, Mazda CX-30 е во зоната на конкурентските модели со дизелски мотори.
Управливост како кај компактен модел
Чувството при возењето е поблиско до она на компактен модел отколку на SUV возило, малку покачената положба на седење носи добра видливост на патот. Ни се допадна тоа што CX-30 е многу забавен за возење, со својот прецизен и удобен пренос успева да ги задоволи нашите возачки апетити на асфалтна подлога, а во исто време може да се справи и со поблаги теренски предизвици.
Оние со поспортска крв во вените на располагање го имаат копчето со кое може да се избере „Sport“ режим на работа. Со него се добива подиректен одзив на педалот за забрзување, а автоматскиот менувач дозволува вртежите да одат повисоко како би се извлекол максимумот од агрегатот.
Севкупниот впечаток кој го остава CX-30 е на завидно ниво, се тргнува од дизајнот на надворешноста, а продолжува со спортско-елегантната кабина, за потполнување на возачките чувства одговорни се софистицираниот агрегат помогнат од одличното подвозје кое ја комплетира севкупната слика. Цена на тестиот Mazda CX-30 MHybrid 36.000 евра.
Технички податоци за Mazda CX 30 SkyActiv–G 122 MHybrid Automatic:
мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1 .998 cm3 |
пречник и од | 83,5 x 91,2 mm |
степен на компресија | 13,0:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 122 KС (90 kW) при 6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 213 Nm при 4.000 min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку 6-степен автоматски менувач |
потпирање | напред независен Макферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона греда, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред: самовентилирачки дискови назад: дискови ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 215/55 R18 (напред), 215/55 R18 (позади) |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.395 x 1.795 x 1.540 mm |
меѓуоскино растојание | 2.655 mm |
траги (напред/назад) | 1.603/1.603 mm |
тежина | 1.389 kg |
максимална тежина | 1.907 kg |
багажен капацитет | 430 литри |
резервоар | 51 литри |
максимална брзина | 186 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 11.2 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,8/6,8/5,5 л/100 km |
емисија на CO2 | 126 g/km |
Повеќе информации во Мазда Македонија или на тел. (02) 30 70 166.
Конкуренти:
Volvo XC40 | од 32.190 до 57.390 евра |
Seat Ateca | од 21.326 до 35.703 евра |
Mercedes GLA | од 30.990 до 42.990 евра |
Audi Q3 | од 34.547 до 47.439 евра |
Погледнете ја галеријата: