fbpx

Тест Mazda 3: Спротивно од ветрот

Со надворешен дизајн кој зрачи на својствен начин и кабина со исклучително високо ниво на завршна обработка, Mazda 3 сè повеќе се оддалечува од традиционалните конкуренти во сегментот и се приклучува кон оние кои играат во премиум лигата

„Кодо“ е јазикот на иднината

Јапонскиот производител Mazda го претстави дизајнерскиот јазик „Kodo“ во 2010 година со што веднаш ја импресионираше глобалната јавност и освои бројни меѓународни награди. Почетоците на новата генерација Kodo дизајн, кој е еден од камен-темелите на визијата Zoom-Zoom 2030, датира од 2015 година, кога компанијата го претстави концептот RX-Vision, следен од Kai концептот во 2017 година кои беа инспирирани од спортската историја на брендот, а многу од елементите кои се користени кај овие два концепта, своја примена најдоа во најновата генерација на Mazda 3.

Одговорните лица сакале да постигнат „престиж во дизајнот” од една страна, а во исто време да ги задржат минималистичките линии без додавање на непотребни елементи, со што е добиен совршен сооднос помеѓу напнатоста, моќта и постојаната промена во одблесокот на светлината на мускулестите колкови на возилото.

Mazda 3

 

На прв поглед, нискиот преден дел и отсуството на препознатлив браник содаваат визуелен ефект кој во исто време зрачи со елегантна и спортска нота. Воедно, задната страна има изразен наклон и голема метална површина кој суптилно имитира купе. Во меѓувреме, меѓу предниот и задниот дел се наоѓаат кабинскиот простор опфатен со тенки контури, што е значително различен пристап во креирањето на каросерија виден на кај останатите автомобили во оваа класа. Ефектот кој дизајнерите сакале да го создадат е преставен во автомобил со посебен и софистициран севкупен изглед.

„Занаетчиски“ прецизно и префинето

Кабинскиот простор е изведен со посебен стил и едноставност, со добра изработка, уредно поставен и осмислен ентериер, со еден збор сè што се опишува како „Јапонска Takumi изработка“. Единствениот производител на автомобили кој зборува за Takumi (древен јапонски збор што значи „занаетчија“) е Lexus, со други зборови, одговорните лица сакаат да кажат дека Mazda 3 го достигнала тоа ниво на квалитет.

Mazda 3

Кокпитот е изведен во многу минималистички стил. Тука сè е чисто и дизајнирано со цел фокусот да биде ставен на возачот. Просторот на предните седишта е повеќе од доволен, позицијата за возење е одлична, овозможувајќи му на возачот да ги има сите контроли и дисплеи совршено во видното поле. Но, самиот облик на каросеријата и начинот на кој е конструиран моделот не дозволува преголема комоција на задната клупа кога станува збор за лица со повисок раст. Сликата се повторува и во пределот за складирање багаж, чии што габарити од 358 литри се на долната граница за возилата од оваа класа.

Невообичаено, но Mazda не го следи постоечкиот тренд за поставување на екрани осетливи на допир, всушност таа опција воопшто не е понудена, туку се додадени копчиња за командување со секундарните функции кои не го нарушуваат минималистичкиот правец на креирање, истите се логички распоредени и екстремно лесни за ракување.

„Допинг“ во облик на мек хибрид

Моторната опција во тестираниот примерок на Mazda 3 поседуваше 2 литарски атмосферски агрегат кој според денешните стандарди е со поголема зафатнина од вообичаено и се смета за ретка појава. Иако по зафатнина голем, моќта која ја испорачува оваа погонска единица нема да ве воодушеви, нејзината излезна сила изнесува 122 КС и произведува само 213 Nm влечна сила. Сепак, целта на инженерскиот тим воопшто не бил да се бркаат перформансите, туку да се добие еластичен и долготраен агрегат кој ќе има ниска емисија на штетни гасови. Од таа причина на агрегатот му помага мек хибриден систем кој се грижи да ги обезбеди дополнителните особини.

Mazda 3

Иако, е развиен со помош на Toyota, самиот хибриден систем не функционира како оној што го поседува најголемиот јапонски производител. Електричниот мотор не е во можност самостојно да го движи автомобилот на чиста електрична енергија. Туку користи интегриран стартер генератор (ISG), прикачен директно на агрегатот со внатрешно согорување, кој може да помогне со дополнителни 6kW енергија на погонот кога тоа е потребно. Што значи дека може да асистира при забрзувањето или едноставно да овозможи покривање на празнините во вртежниот момент при испораката на силата за време на менување степен, со што ја прави промената на брзини да се чувствува многу порамномерно. Во друг случај може да извлече сила од својата мала литиум-јонска батерија монтирана под задното седиште за да го стартува напредниот систем за стартување и повтoрно задвижување агретот на автомобилот, а се грижи и за системот кој е одговорен за исклучување на цилиндри во одредени моменти со цел да ја намали потрошувачката на горивото.

Засега едноставниот хибриден систем на Mazda не е толку ефикасен во градски услови на користење како покомплексните хибридни поставки, но за многумина тоа е доволно за оваа 2 литарска бензинска верзија на новата Mazda 3 да ја направи одржлива алтернатива на дизел изведбите. Со постигнатите резултати на неколкудневното користење може да потврдиме дека потрошувачката од 7,6 л на 100 км е над декларираната, но не е далеку кога ќе се земе споредбено со потрошувачка на дизелски агрегат со иста зафатнина и сличен распон на моќност.

Mazda 3

Мулти-линк дизајнот на потпирањето кој се користеше во предходната генерација го отстапи место на поедноставната торзиона задната оска со што се задржани агилните карактеристики на автомобилот, додека без проблем ја одржува удобноста при возењето. Во секојдневна употреба Mazda 3 е аглиен и забавен автомобил за управување, а ако тоа не е доволно, дозволува и поспортско однесување кога е тоа потребно.

За доживувањето да биде дополнето се грижи селекторот за режим на работа кој може да се постави во модус Sport со што се добива подиректен одзив на педалот за забрзување, автоматскиот менувач дозволува вртежите да одат повисоко како би се извлекол максимумот од агрегатот, а тогаш тонот кој излегува од двојните издувни цевки станува резок и далеку погласен.

Во кратки црти Mazda 3 може да се опише како автомобил чиј дизајн, удобност на ентериерот, еластичното возење и ракување се позитивни атрибути што се направени од вистински причини – да не се освојуваат наслови, туку да ja престави компанијата во најдобро можно светло, јасно давајќи им на знаење на „мејнстрим“ конкурентите дека својот фокус го насочува кон премиум играчите.

Цената на тестираниот примерок изнесува 30.490 евра.

Технички податоци за Mazda 3
Мотор Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
Работна зафатнина 1 .998 см3
Пречник и од 82,0 x 93,2 мм
Степен на компресија 16,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
Максимална моќ 122 KС (91 kW) при 6.000 min/-1
Макс. вртежен момент 213 Nm при 4.000 min-1
Трансмисија на предните тркала преку 6-степен автоматски менувач
Потпирање напред: McPherson-oв систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад: торзиoна греда, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред: самовентилирачки дискови назад: дискови ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/45 R18 (напред),  215/45 R18 (позади)
Каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
Должина х Ширина х Висина 4.460 x 1.795 x 1.435 мм
Меѓуоскино растојание 2.725 мм
Траги (напред/назад) 1.603/1.603 мм
Тежина 1.389 кг
Максимална тежина 1.907 кг
Багажен капацитет 358 литри
Резервоар 51 литри
Максимална брзина 205 км/ч
Забрзување 0-100 km/h 10.8 секунди
Потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,7/7,1/5,6 л/100 км
Емисија на CO2 128 г/км

Повеќе информации во Мазда Македонија или на тел. (02) 30 70 166.

Конкуренти:
Аudi A3 Sportback oд 23.156  до 37.183 евра
Mercedes A-Класа oд 25.490 до 37.490 евра
Volkswagen Golf од 19.996 до 50.626 евра

Поврзани вести

Back to top button