fbpx

Тест Mazda CX-60 PHEV: Предизвикувач од Далечниот Исток

Со моделот CX-60 јапонската компанија ја започнува долгоочекуваната транзиција во премиум бренд, аспирациите на Mazda се подржани од стилскиот дизајн и несомнено врвната изработка на кабинскиот простор, како и имплеметацијата на моќни мотори опремени со нова „плаг-ин“ хибридна технологија.

Моделот CX-60 е возило кое е од особена важност за јапонскиот производител, бидејќи со своето преставување го превзема приматот од моделот CX-5 како најголем во гамата (за европа) и е насочен директно кон премиум одделот во кој вообичаено се сретнуваат германски модели. За целиот „up-market“ процес да добие на тежина и биде во тек со правецот во кој се движи индустријата, CX-60 e првиот модел на Mazda што е опремен со плаг-ин хибридна технологија која располага со респектабилни 327 коњски сили.

Каде што светлината ја допира сенката

Првиот контакт со секое возило доаѓа од надворешната страна, па така, многу е  тешко да поминете покрај СХ-60 и да не ја забележите доминантната предна решетка во чии горни краеви се интегрирани дневните светла што потоа се претопуваат во дизајнерски занимливо обликуваните предни светлосни склопови. Поклопецот на моторот е подолг отколку што би очекувале, но пропорциите му се толку добро дизајнирани што едноставно додава стил на уникатениот преден дел. Прекрасно изведените облини и извајаните страни се основен дел од дизајнот што содаваат привлечен и мускулест профил. Тука е играно и со прекршувањата на светлината и сенките со цел големиот СУВ да понуди атлетска привлечност гледано од секој агол.

Се чини дека кабината седи поназад на каросеријата, за што Mazda вели дека е дел од нејзината „Kodo“ дизајнерска филозофија што треба да обезбеди „динамично чувство на движење“. Одзади работите стануваат постандардни за СУВ возило кое треба да понуди и практичен дел што е прикажано преку речиси квадратениот отвор на багажникот. Постојат неколку не толку суптилни референци отсликани преку четири издувни цевки кои се задолжени за да го заживеат задниот дел. Можеби нема многу да се користат ако се максимизира неговиот потенцијал на електричен погон, но мора да признеме дека изгледаат одлично.

Опкружување исполнето со хармонија

Со самото влегување во внатрешноста веднаш се забележува зошто одговорните во Mazda сметаат дека го имаат „она вистинското“ што е потребно да им создадат главоболки на големите играчи во сегментот. Висококвалитетните материјали и добро осмислената поставеност на контролните точки без многу врева создаваат топло добредојде во споредба со некои автомобилски компании кои се обидуваат веднаш да ве заслепат со комплицирани екрани што прикажуваат повеќе од она што е потребно. Ергономски, CX-60 испорачува во секој поглед создавајќи хармонија во конекцијата помеѓу возачот и опкружувањето.

Тест Mazda CX-60Возачката позиција е одлична, високата поставеност од подлогата нуди солидна видливост во сите правци, физичките контроли на примарните функции се на дофат и едноставни за користење. Дека не се заборавени модерните технологии покажува „head up“ проекцијата на ветробранското стакло, 12 инчниот екран пред возачот на кој се прикажуваат сите податоци со возањето како и состојбата на батеријата, секако тука е и 12,3 инчниот дисплеј на мултимедијалниот уред кој воедно се поврзува безжично со уредите на кои се имплементирани Android и Apple оперативните системи.

Ако ја изберете верзијата Homura, како што е тестираниот примерок и ги меморирате преференците по ваш избор, доволно е штом влезете во кабината системот да ви го препознае лицето за да прилагоди седиштето, ретровизорите, управувачот, климатизацијата и омилената радио станица онака како што вие сакате. Во поглед на комодитетот тешко е да се најде замерка, големото меѓоскионо растојание од 2.870 мм не само што обезбедува соодветен простор на предниот дел, туку делува многу дарежливо и кон патниците на задните седишта. Во целината не е изставен и багажниот дел, кој во стандардната конфигурација има сериозна зафатнина од  570 литри, а доколку се собори вториот седечки ред, просторот расте до енормни 1.726 литри.

Најмоќната опција на марката

Новоразвиениот плаг-ин хибриден систем ја прави CX-60 најмоќната сериска Mazda досега, со комбинирана максимална моќност од 327 КС. Бензинскиот четири цилиндричен агрегат со зафатнина од 2,5-литри самостојно произведува 192 КС и е поврзан со електричен мотор што испорачува дополнителни 175 КС (129 kW). Силата кон погонските оски се испраќа преку комплетно нов автоматски менувач со осум степени на пренос за кој може да констатираме дека работи исклучително мазно и без предомислување кога станува збор во кој степен треба да биде возилото.

Новата платформа на која е поставен моделот преферира силата првенствено да ја насочува на задните тркала што е принцип по кој функционираат и останатите премиум модели. Сепак, системот е доволно флексибилен и во дел од секундата моќноста може да ја распореди кон сите тркала. Бидејќи станува збор за плаг-ин модел неизбежно е пршањето окулу батеријата и опсегот на движење само на електрична енергија. Со целосно наполнета батерија, која има капацитет од 17,8 kWh, CX-60 може официјално да помине до 63 километри користејќи го само електричен мотор, а ние успеавме да поминеме 50 километри. Тоа е позитивна вест за сите што имаат кратки патување во градски услови кои ќе се одвиваат максимално релаксирано и речиси во комплетна тишина.

Откако ќе се потроши батеријата, се буди бензинскиот мотор и го одржува текот на возењето во префинет ритам. Tоа е агрегат кој најдобро функционира кога се вози поумеренo, но чувството ја прикрива вистинската моќ и намерата. Притиснете малку посилно на педалот за забрзување и на виделина излегуваат перформанси кои се мазно вкомпонирани и добро контролирани од  двата различни извори на енергија. Влечната сила од 500 Nm на хибридниот систем прават да се чувствува прилично брзо за возило од 2 тона, особено ако е избран спортскиот режим на работа.

За забрзување до 100км/ч потребни се 5,8 секунди, додека максималната брзина е округли 200 км/ч. Од тука следи прашањето колку гориво троши СХ-60 кога работи само на бензин? Во периодот кога ни беше одстапено возилото во просек трошевме 9,6 литри бензин во мешан (отворен пат-град) циклус на возење, што е респектабилно постигнување со оглед на габаритите кои ги поседува и повремените полнења на батеријата од самиот агрегат. Во секојдневна употреба прво што ќе забележите е дека управувачот делува директно и доста комуникативно што создава дополнителна доверба во севкупниот процес и додава доза на спортски дух кој е присутен кај речиси сите модели на компанијата. Суспензијата и квалитетот на возење се области каде што СХ-60 навистина испорачува премиум перформанси, особено на долги делници по отворен пат.

Тест Mazda CX-60

Моделот CX-60 навистина не импресионираше со својот софистициран и темелно подготвен пакет. Почнувајќи од надворешениот дизајн до суптилниот стилски пристап во внатрешноста, посебно се истакнуваат и способностите за управување како и понудената агилност. Ова е возило преку кое Mazda не само што покажува дека е подготвена да влезе на хибридниот автомобилски свет, туку дека цели кон премиум крајот на истиот.

Цена на тестираниот модел: 73.500 евра

Технички податоци за Mazda CX-60 Plug in Hybrid Homura
Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.488 см3
пречник и од 89,0 x 100,0 мм
степен на компресија 13,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ 192 KС (141,2 kW) при 6.000 min/-1
макс. вртежен момент 261 Нм при 4.000 min-1
максимална моќ на ел.мотор 175 KС (129 kW) при 0 min/-1
макс. вртежен момент 250 Нм при 0 min-1
максимална системска моќ 327 KС (241 kW)
макс. вртежен момент 500 Нм при 1.500 – 4.000 min/-1
Трансмисија на  сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 235/55 R20 (напред) 235/55 R20 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.745 x 1.890 x 1.687 мм
меѓуоскино растојание 2.870 мм
траги (напред/назад) 1.640/1.645 мм
тежина 2.055 кг
максимална тежина 2.667 кг
багажник 570/1.726 литри
резервоар 50 литри
капацитет на батерија 17,8 kWh
максимална брзина 200 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 5,8 секунди
декларирана просечна потрошувачка 1,5 л/100 км
емисија на CO2 33 г/км

Mazda CX-60  во Македонија:

Mazda CX-60 Plug in Hybrid Prime Line 56.500 евра
Mazda CX-60 3.3. Diesel  Prime Line 61.000 евра
Mazda CX-60 Plug in Hybrid Homura  

73.500 евра

 

Повеќе информации во Стар Моторс или на тел. 075 204 345.

Конкуренти:

Audi Q5 од 60.797 до 73.839 евра
Volvo XC60 од 51.800 до 74.900 евра
BMW X3 од 60.760 до 139.370 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button