fbpx

Тест MG Motor MG4 Comfort: Unplug and play

Моделот MG4 не само што ја менува играта за брендот, туку и за целиот автомобилски пазар, особено на стариот континент. Компанијата успеа да испорача вистинска вредност за вложеното, обликуван во исклучително компетентен пакет што е доволно добра причина да го подигне нивото на загриженост кај сите потенцијални ривали.

Британскиот MG Motor е марка со славно минато и огромно историско наследство која наредната година ќе обележи 100 години од своето постоење. Во својата понова историја егзистира под капата на кинескиот SAIC (Shanghai Automotive Industry Corporation) по што започнува да бележи неворојатно добри резултати на европските пазари. Имено, компанијата на европските пазари веќе ги лансираше моделите HS во конвенционална и plug-in хибридна форма, помалиот ZS опремен со агрегат на внатрешно согорување, но и во верзија со електро мотор, тука е и MG5 првиот електричен караван, како и перјаницата на марката, електричниот „crossover“ Marvel. Авто Плус имаше прилика на кратко да се запознае со целата гама на регионалната презентација минатата година, а сега имама можност први во нашата земја да го испробаме моделот MG4, најновиот автомобил од MG кој е предводник на електрифицираната иднина на компанијата.

MG Motor MG 4 Electric Тест

Целосна дизајнерска слобода

Новиот MG4 е хечбек со пет врати кој директно се натпреварува со Volkswagen ID.3, Nissan Leaf & Co. во однос на големината, капацитетот на батериите и моќноста на ел.мотор, но за разлика од своите ривали настапува со многу поконкурента ценовна понуда. На самоиот почеток, тука е изгледот на MG4 и не, не зборуваме само за одличната боја на нашиот тест автомобил. Додека некои производители им даваат на сите свои автомобили исто корпоративно лице, тоа не е нешто по што е познат MG и секако не се обидува да го канализира славното минато на компанијата со ретро изглед.

Како резултат на дизајнерската слобода, MG4 е обликуван по сопствен терк, со мазен, зашилен преден дел кој делува како да припаѓа на спортски автомобил. Чистите линии се пренесени на профилот со што се нагласени неговите контури, а никако не смее да се изостави ни задниот дел на кој главниот збор го имаат светлсните склопови што покрај примарната функција ја играат улогата на интегриран спојлер. Многумина ќе забележат дека нема бришач на задното ветробранско стакло, но одговорните лица тврдат дека задниот спојлер на автомобилот е дизајниран да го канализира протокот на воздух преку стаклото. Иако и ние би сакале да има бришач, тоа што го увидовме за време на тестот покажува дека стаклото останува чистo дури и при лоши временски услови. Дизајнот на надворешноста е воден од динамичноста, затоа велиме дека и додека е паркиран MG4 изгледа атрактивно како вистински атлета.

Паметно и функционално

Моделот MG4 е базиран на новата (МЅР-Modular Scalable Platform) платформа  специфично развиена за електрични возила. Бидејќи пакетот батерии е поставен под кабината, најниската положба за седење е малку повисока отколку што е вообичаено, но на тоа треба да се гледа позитивно, бидејќи положбата влијае на подобрата прегледност на патот. Затоа пак има можност за многу дополнителни прилагодувања на возачкото седиште и управувачот, што пак прави видливоста во сите правци да е особено добра. Вреди да се спомене самиот управувач. Тој не е со класичен облик, туку повеќе наликува на квадрат, нешто слично како кај луксузниот BMW iX.

Зад управувачот е поставен 7 инчен квадратен екран што го прикажува отчитувањето на брзината и многу други информации позврзани за возењењто. Графиката е едноставна, разбирлива и со прилично остар приказ. Дигиталното искуство е надополнето со широкиот екран на допир од 10,25 инчи во средината на контролната табла, кој има модерна графика и брз одговор. Вреди да одвоите малку време за да се запознаете со сите опции пред да тргнете за прв пат, бидејќи преку екранот се контролираат сите аспекти на автомобилот. Како и секогаш ќе дополниме дека повеќе би сакале да има физички контроли барем за клима уредот. Под екранот има високо поставена полица, ротирачки избирач на преносот и електронската рачна сопирачка.

Практично и комфорно опкружување

На двата краја на подлогата има мали дупки, ако ја подигнете гумираната површина, се откриваат поголеми „тунели“ кои водат под полицата до долниот дел од централната конзола. Тие се дизајнирани да ги спроведат каблите од телефонот до USB и 12-волтниот приклучок.

Пристапот до задните седишта е преку широките отвори на вратите, тројца возрасни би можеле да се сместат во задниот дел на пократки дистанци, иако би било поудобно за само двајца. Сепак, има многу простор за нозете и главата, а подот е речиси целосно рамен. MG наведува волумен од 363 литри на багажникот во стандардна конфигурација, со соборување на задните деливи седишта се создава простор што испорачува 1.177 литри. Се на се, практично, модерно изведено и пред се комфорно опкружување на кое ретко кој може да му замери.

Енергичен во секој поглед

Моделската понуда кај MG4 започнува со верзијата Standard, која доаѓа со електричен мотор од 170 КС и батерија од 51 kWh доволна за опсег од 350 километри. Следен е пакетот Comfort кој го имавме на тест, тој поседува поголема 64 kWh батерија, како и помоќен електричен мотор кој располага со 204 КС. Оваа верзија има домет од 450 километри според WLTP мерењата,  додека нa врвoт e моделот Luxury (кај нас во продажба од септември) со ист мотор и капацитет на батерија, но со официјален опсег од 434 километри.

Стартувањето на MG4 е слично на другите електрични возила, клучот e во вашиот џеб, со самото влегување автомобилот го препознава клучот, вие треба да притиснете ја педалата за сопирање и изберете D или R користејќи го ротирачкиот контролер и да започнете со управувањето. На кој начин ќе возите зависи од тоа кој режим  е избран. Стандардно, се стартува во Normal, додека другите поставки се Snow, Eco и Sport. Има и Individual опција во која возачот може да избере свои преференци за тежината на управувачот, нивото на регенерација на енергијата на сопирачките и одговорот на педалот за забрзување. Освен тоа, можно е да изберете од три различни поставки за регенерација на енергијата при сопирање. Бројките велат дека максималната брзина е електронски ограничена на 160 км/ч, а дека до 100 км/ч се потребни 7,9 секунди. Ние велиме, игнорирајте ги бројките, бидејќи MG4 делува далеку побрз во сите реални сценарија.

Најголемото изненадување доаѓа од начинот на кој MG4 вози. Одличната рамнотежа, ниското тежиште, како и идеалната распределба на тежината резултираа со добро управување што прави автомобилот да се чувствува поспортски од очекуваното. Што е уште поинтересно за сите љубители на автомобили, силата се испорачува на задните тркала. Следствено на тоа, дозволува далеку позабавно управување и лесно (ел.контролирано) пролизгување на задниот дел. Уште поимпресивна е ниската бучавост дури и по стандарди за електричен автомобил, што ги прави патувањата на долги растојанија максимално релаксирачки.

Големо изненадување

Кога станува збор за опсегот на движење слободно може да потврдиме дека 400 километри се секојдневна реалност во градски услови. Доколку се вози повнимателно, веруваме дека декларираните 450 километри дури може и да се надминат. Нашето искуство покажа дека со полна батерија во комбинирани услови на возење (град/регионален пат/автопат)  со искористени 93% успеавме да поминеме речиси 380 километри. Батеријата може да се полни до 135 kW на брз полнач што овозможува од 10% до 80% да стигне за 35 минути. На стандарден/домашен полнач од 11 kW потребно се 6.45 часа за потполно празнатата батерија да стигне до 100%.

MG Motor MG 4 Electric Тест

За прв пат во својата долга историја, MG е соодветен мејнстрим играч. Заслугата за тоа оди на контото на моделот MG4. Тој е еден од најизненадувачките автомобили што сме ги испробале во последниве неколку години. Ако е ова предвесникот што треба целосно да ја трансформира марката тогаш може само да замислиме со што се ќе не изненади MG во блиска иднина.

Цена на тестираниот модел 37.990 евра

Технички податоци за MG Motor MG4 Comfort:
Мотор Електричен
максмална моќ 150 kW (204 КС)
макс. вртежен момент 250 Nm
Трансмисија На задни тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици напред: 215/50 R17 назад 215/50 R17
Каросерија хечбек  со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.287 х 1.836 х 1.504 мм
меѓуоскино растојание 2. 705 мм
траги (напред/назад) 1.550 / 1.551 мм
тежина 1.685 кг
максимална тежина 2.103 кг
багажен капацитет 363/1.177 литри
максимална брзина 160 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 7,9 секунди
капацитет на батерија 61.7 kWh (бруто 64 kWh)
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија 16.0 kWh/100 km
времетрање на полнење AC 11 kW 0-100% 6:45 мин, DC 135 kW 10-80% 0:35 мин.
автономија на движење 450 километри
емисија на CO2 0 г/км

 

MG Motor MG4 во Македонија:
MG4 Standard 33.900 евра
MG4 Comfort 37.990 евра
MG4 Luxury во продажба од септември

Повеќе информации во Гранд Ауто или на www.mgmotor.mk

Конкуренти:

Volkswagen ID.3 од 48.821 до 52.747 евра
Citroen Ë-C4 од 42.990 до 45.990 евра

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button