fbpx

Тест Opel Corsa Hybrid: Интелегентна транзиција

Во согласност со останатите модели од семејството, обновената Corsa внесува современи елементи и стилски детали на надворешноста кои ја поврзуваат со брендот Opel. Во кабината, вниманието е фокусирано на удобноста и максималната функционалност, што создава пријатна атмосфера за сите патници. Хибридниот ситем е дизајниран да понуди балансирано искуство помеѓу перформансите и економичноста, што ја прави Corsa привлечна опција за современите возачи.

Во склад со остатнатите од гамата

Актуелната шеста генерација на Corsa е преставена во 2019 година носејќи значителна еволуција од претходните модели во поглед на динамичен дизајн,. а годинава го доживеа своето благо освежување со цел да биде визуелно поблиску до останатите модели од гамата на Opel. Обновената Corsa ја имплементира новата „Vizor“ маска која е смстена помеѓу остри и тенки LED фарови, кои додаваат на агресивниот и спортски изглед. Браникот е аеродинамично обликуван со големи отвори за воздух во долниот дел, што го нагласува динамичниот карактер на автомобилот. Линијата на покривот е елегантна и малку спуштена кон задниот дел, што дава спортски изглед на автомобилот.

Тест Opel Corsa Hybrid

Долж страните на автомобилот минуваат две нагласени линии, едната минува над рачките на вратите, а втората, пониската, создава визуелно чувство на стабилност. На задниот дел,  светлосните склопови се интегрирани со линијата на каросеријата, придонесувајќи за континуитет во дизајнот. Малиот спојлер на вратата од багажникот додава спортска естетика, но воедно и ја подобрува аеродинамиката на автомобилот. Во целина освежувањата на надворешноста кај Corsa се изведени со големо внимание, оставајќи стилски впечаток, но и функционален дизајн кој е привлечен како за младите возачи така и за семејствата.

Технолошки современ пристап

Внатрешноста на актуелната генерација на Opel Corsa е дизајнирана да понуди современ, ергономски и технолошки напреден амбиент, кој комбинира удобност, функционалност и стил. Контролната табла е минималистички дизајнирана со чисти линии, што дава чувство на просторност и современост. Таа е фокусирана на возачот овозможувајќи му  лесен пристап до сите основни контроли. Централно поставениот дисплеј и контролите за климатизација се интегрирани на начин што не го нарушува целокупниот дизајн, а воедно се лесно достапни и јасно обележани.

На централната конзола доминира новиот инфозабавен систем со екран на допир од 10 инчи кој е позициониран така што овозможува интуитивна употреба, без да го одвлекува вниманието на возачот. Кабината е изградена од квалитетна пластична компонента која делува цврсто и долговечно, што во целост дава модерен и робусен изглед на кабината. Предните седишта се ергономски дизајнирани и нудат одлична поддршка за возачот и совозачот, особено при подолги патувања, што не е случај кај многу од конкурентите во класата. Задниот дел на возилото е доволно простран за две возрасни лица, со разумен простор за нозете, особено ако се земе во предвид компактната природа на автомобилот. Моделот Corsa нуди практичен багажник со капацитет од околу 309 литри, што е доволно за секојдневни потреби. Со преклопување на задните седишта, капацитетот се зголемува на 1.081 литри, овозможувајќи транспорт на поголеми предмети.

Задолжителен правец на движење

Актуелната генерација на Opel Corsa во својата понуда вклучува и хибридна верзија, со цел да се одговори на зголемените барања за економичност и еколошка одржливост. Во случајов Corsa користи технологија наречена “Mild Hybrid” или мек хибрид, Системот користи 1.2-литарски трицилиндерски турбо бензински мотор, комбиниран со 48V електрична асистенција. Овој мотор генерира 100 КС и 205 Нм вртежен момент кој е на располагање од ниски 1.750 врт/мин, што го прави автомобилот повеќе од доволно моќен за секојдневни задачи.

Благодарение на електричната асистенција, забрзувањето е помазно и поефикасно. Од место до 100 км/ч стигнува за помалку од 10 секунди, што го прави овој модел солиден за претекнување и забрзување на кратки растојанија. Хибридниот склоп не дозволува целосно електрично возење, но помага во зголемување на ефикасноста на моторот и намалување на штетните гасови, што се забележува по просечната потрошувачка на тестот од 5,9 л/100 км.  Со таа цел се користи мал електричен мотор интегриран во автоматскиот менувач со двојна спојка и 6 степени на пренос кој речиси во секој момент му помага на агрегатот со внатрешно согорување. Оваа единица собира енергија при сопирање (регенеративно сопирање) и ја складира во мала (0,89 kWh) литиум-јонска батерија. Енергијата ја користи електричниот мотор која му асистира на бензинскиот агрегат при тргнување и забрзување, покрај тоа  во можност е да подржува и дел од електричните системи на автомобилот.

Моделот Corsa својата репутација во категоријата има изградено поради својата агилност и прецизно управување, кое ја прави одличен избор за возење низ градскиот метеж. Управувачот е доволно директен, што овозможува добро чувство и контрола врз возилото, воедно има добро подесена суспензија, која нуди добар баланс меѓу комфор и стабилност. Истата добро ги апсорбира нерамнините на патот, а во исто време обезбедува дополнителна сигурност при возење во свиоци, дека е развиван на германска подлога доказ е и неговата извонредна стаблност и при поголеми брзини, што го прави автомобилот пријатен и за подолги патувања.

Обновената Corsa продолжува од таму каде што застана нејзиниот предходник, внесувајќи софистицираност во изгледот и бројни надградувања во кабинскиот простор. Имплементацијата на најновата технологија под предниот поклопец ја зголемува нејзината атрактивност. Овие промени ја прават Corsa солидна опција за секој што бара модерен градски автомобил, кој е не само допадлив, туку и агилен и економичен без притоа да ги жртвува перформансите. Со својата комбинација на стил, удобност и напредни функции, Corsa се истакнува како сериозен избор кога станува збор за урбано возење.

Технички податоци за Opel Corsa Edition 1.2 Hybrid eDCT6

Цена на тестираниот модел: 23.500 евра

мотор Euro 6e, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор/
100 KС (74 kW) при 5.500 min/-1
28 КС при 0 min/-1
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
205 Нм при 1.750 min/-1
55 НМ помеѓу 750 и 2.499 min/-1
трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 195/55 R16 (напред) 195/55 R16 (позади)
каросерија Хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.061 x 1.765 x 1.435 мм
меѓуоскино растојание 2.538 мм
траги (напред/назад) 1.501/1.500 мм
тежина 1.192 кг
максимална тежина 1.690 кг
багажен капацитет 309/1.081 литри
резервоар 44 литри
максимална брзина 190 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9.9 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 4,4 л/100 км
емисија на CO2 101-104 г/км

Opel Corsa во Македонија

Opel Corsa Edition 1.2 75 HP 17.890 евра
Opel Corsa Edition 1.2 100 HP 19.880 евра
Opel Corsa Color Edition 1.2 100 HP 20.020 евра
Opel Corsa GS 1.2 100 HP 21.550 евра
Opel Corsa GS 1.2 130 HP AT 23.700 евра
Opel Corsa GS 1.2 Hybrid eDCT6 100 HP 26.150 евра
Opel Corsa Ultimate 1.2 130 HP AT 28.620 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 10 000 или на www.opel.mk 

Renault Clio од 19.440 до 30.990 евра
Peugeot 208 од 18.380 до 28.560 еврa
Hyundai i20 од 18.200 до 25.000 еврa
Toyota Yaris од 17.990 до 32.690 еврa
Škoda Fabia од 17.860 до 19.760 евра
Volkswagen Polo од 20.958 до //. /// евра
Suzuki Swift од 18.960 до 23.890 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button