Тест Opel Frontera GS 1.2 Hybrid: Името е старо, мисијата е нова

Новата Frontera не се обидува да ја реинтерпретира првата генерација во современиот свет. Моделот е сега претворено во рационален, урбано насочен СУВ кој нуди многу простор за габаритите кои ги поседува, модерен дизајн и хибридна ефикасност. Тоа е суперхеројот кој овозможува едно семејство со практичен дух да го добие својот непоколеблив асистент во извршување на реални, секојдневни обврски.

Името Frontera повторно се враќа во понудата на Opel, но со сосема поинакво значење од она на легендарниот модел на кој се сеќаваме од раните 90-ти. Оригиналната Frontera беше робустен, автентичен теренец со механички 4×4 системи за пренос и дизајн создаден за сериозен оф роуд. Новата генерација на Frontera е возило кое настапува со сосема различна мисија. Наместо класичен теренец, таа сега е модерен, ефикасен и семеен SUV, развиен врз платформа со преден погон, ориентирана кон удобност, технологија и економичност. Тоа е суперхеројот кој овозможува едно семејство со практичен дух да го добие својот непоколеблив асистент во мисијата за извршување на реални, секојдневни обврски.

Тест Opel Frontera GS 1.2 Hybrid 145 eDCT6

Робусност со градски идентитет

При првата средба веднаш се забележува дека новата Frontera визуелно остава впечаток на СУВ кој зрачи со самодоверба. Дизајнот на предниот дел е моделиран според новиот Opel „Vizor“ израз, каде светлосниот потпис, „блиц“ логото и декоративните елементи се слеани во една целина, создавајќи технички чиста графика. Овој минималистички пристап ја нагласува ширината и создава самоуверен, робусен карактер.Тест Opel Frontera GS 1.2 Hybrid 145 eDCT6

На страничниот профил веднаш е забележлив повисокиот клиренс кој дава своевидна цврстина на возилото. Во тоа помагаат и пластичните облоги окулу тркалата кои во исто време се своевиден омаж на „оригиналот“ но и неизоставен дел од креирањето на модернo и урбанo СУВ возило со компактни пропорции кое покрај функционалниот изглед добива и цврста става. Задниот дел е еден од најинтересните елементи на целото возило.

Остро исцртаната ЛЕД графика на задните светлосни групи веднаш го привлекува погледот, масивниот браник и хоризонтална линија што оди по средина на врата од багажникот ја нагласуваат ширината и волуменот на задниот дел. На целината се приклучува и опционалниот црн покрив кој во соработка со „Kanyon“ металик портокаловата боја на возилото му додава визуелна динамика. Севкупно, Frontera изгледа свежо и современо моделирана, што воедно целосно ја вклопува со новата дизајнерска филозофија на Opel, каде дизајнот е искажан со посмирен тон, но со многу силни карактерни особини.

Простор, минимализам и германска рационалност

При влегувањето во Frontera веднаш ќе забележите дека нема непотребни дизајнерски „штосови“. Наместо тоа, ве дочекува просторно опкружување што ја става удобноста над ефектноста, каде се е практично и прецизно осмислено, но со доволно визуелна атрактивност да делува современо и уредно. Централно место во кабината го зазема Pure Panel кокпитот, составен од два 10 инчни екрани кои ја нагласуваат модерната припадност на ентериерот и создаваат чувство на визуелна ширина. Она што е можеби најважно за возачот е дека го нема она чувство каде што автомобилот се обидува да те „задуши“ со технологија. Напротив, физичките копчиња за управување со климатизацијата и неколку други витални функции се задржани. Голема пофалба за Opel, затоа што упорно ја брани тезата дека комфор и ергономија значи директна контрола, а не постојаното „тапкање“ по менијата на екранот на инфозабавниот систем.

Седиштата се типични за возилата на марката од поновата генерација каде фокусот е ставен на комфорот. Истите се изведени со помош на технологија која е задолжена да обезбеди максимална удобност со цел да се намали притисокот во долниот дел од рбетот, што е особено важно при возење на подолги рути. Просторноста е една од најсилните страни на моделот. Благодарение на „квадратестата“ архитектура, кабината е многу практична и исклучително светла благодарение на големите стаклени површини. Внатрешноста обезбедува повеќе од доволно место за сите патници, а како куриозитет ќе додадеме дека за оние со поголем број на членови во семејството можат како опција да го нарачаат моделот и со 7 седишта.

Дека во прв план биле семејните потреби докажува багажниот простор, кој со своите 460 литри е исклучително голем за сегментот, што воедно го прави идеален и за подолги патувања. Разновидните прегради и просторните џебови дополнително ја зголемуваат употребливоста и семејната ориентираност на возилото, практичноста е во прв план, а премиум ефектите се оставени за некоја друга пригода. Материјалите користени во внатрешноста делуваат доста издржливи, а голем дел од нив користи рециклирани материјали, затоа и нема да сретнете хромирани детаљи или црна пијано пластика. Овој дел претставува приоритет за Opel, затоа компанијата со особена гордост ги истакнува постигнатите резултати и позитивните повратни информации на купувачите во однос на примената на еколошки одржливи решенија при развојот на возилата.

Тест Opel Frontera GS 1.2 Hybrid 145 eDCT6

Тивка ефикасност за секојдневните рутини

Моделот кој ни беше одстапен на неколкудневно дружење го движи хибридната моторизација која е изведена во комбинација од 1.2 литарски турбо бензинец и електромотор интегриран во новиот e-DCT автоматски менувач со 6 степени на пренос. Самиот бензинец е доволен за 136 КС и 205 Нм влечна сила, како дополнување електромоторот ослободува самостојни 21 КС и 55 Нм влечна сила кои се добиваат од мала 0,89 kWh батерија. Вкупно, хибридниот системот развива 145 КС и влечна сила од 230 Нм кои се во целост на располагање од 1.750 врт/мин.

Декларираната потрошувачка од 5,3 литри не успеавме да ја потврдиме, но и нашиот просечен резултат од 6,6 литри во реални услови не е воопшто за потценување. Забрзувањето до 100 км/ч е исклучително мазно и трае само 9 секунди, додека максималните 194 км/ч е максимумот кој производителот го комуницира. Електромоторот го обезбедува почетниот одзив и ја прави фазата на тргнување неверојатно мазна, додека бензинскиот мотор ја држи динамиката линеарна и предвидлива низ целиот спектар на брзини.

Новата Frontera не настојува да биде спортски ориентиран градски СУВ, но токму во неговата умереност, во практичната и рационална поставеност, лежи неговата вистинска сила. Оваа механичка поставеност директно се надоврзува на начинот на кој Frontera се однесува на пат. Возилото се истакнува со стабилност што влева доверба, добро контролирана суспензија и леснотија во секојдневните маневри. Во градските зони управувањето е лесно и природно, што овозможува безболно снаоѓање низ тесните улици. На отворен пат воланот станува потежок и поригиден, нудејќи прецизност и сигурност при повисоки брзини. Суспензијата постигнува балансирана комбинација меѓу удобност и контролирано однесување, со минимално навалување во свиоци.

Новата Frontera не се обидува да ја реинтерпретира првата генерација во современиот свет. Моделот е сега претворено во рационален, урбано насочен СУВ кој нуди многу простор за габаритите кои ги поседува, модерен дизајн и хибридна ефикасност. Возило што не ветува авантури вон асфалтираните терени, туку смирена, удобна и ефикасна секојдневна мобилност.

 

Цена на тест моделот: 24.700 евра (со пресметан попуст)

Технички податоци за Opel Frontera GS 1.2 Hybrid 145 eDCT6    

Мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор
136 KС (100 kW) при 5.500 врт/мин

15,6 КС (21 KW) при 4.265 врт/мин

Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор
205 Нм при 1.750 врт/мин

55 НМ помеѓу 750 и 2.500 врт/мин

Вкупна системска моќ на хибридниот погон 145 КС (107 kW)

230 Нм при 1.750 врт/мин

Трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач со двојна спојка
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад полукрута оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/60 R17 (напред) 215/60 R17 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.385 x 1.849 x 1.635 мм
меѓуоскино растојание 2.670 мм
траги (напред/назад) 1.553/1.559 мм
Тежина 1.344 кг
максимална тежина 1.830 кг
багажен капацитет 460/1.650 литри
Резервоар 44 литри
Батерија 0,89 kWh литиум-јонска 48V
максимална брзина 194 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9.0 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 5,3 л/100 км
емисија на CO2 123-126 г/км

 

Opel Frontera во Македонија

Frontera Edition 1.2 Hybrid 110 KC eDCT6  21.000 евра
Frontera Edition 1.2 Hybrid 145 KC eDCT6 24.200 евра
Frontera Edition Electric 113 KC AT 28.160 евра
Frontera Edition Electric Long 113 KS AT 29.980 евра
Frontera GS 1.2 Hybrid 110 KC eDCT6 25.890 евра
Frontera GS 1.2 Hybrid 145 KC eDCT6 26.820 евра
Frontera GS Electric 113 KC AT 30.280 евра
Frontera GS Electric Long 113 KS AT 32.100 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 10 000 или на www.opel.mk

Конкуренти:

Ford Puma од 22.300 до 28.600 евра
Renault Captur од 19.950 до 32.391 евра
Peugeot 2008 од 19.990 до –.— евра
Hyundai Bayon од 18.900 до 25.400 евра
Volkswagen T-Cross од 26.306 до 36.775 евра
Nissan Juke од 29.050 до 45.990 евра
Citroen C3 Aircross од 18.490 до 25.690 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button