fbpx

Тест Opel Mokka Ultimate: Во сопствен правец

Новата генерација на Opel Mokka ја менува класата во која настапува и од сега станува компактен кросовер полн со динамика во изгледот, смело пркосејќи им на традиционалните сваќања со што отвора нови, возбудливи хоризонти за германската марка

Светот го движат разни типови на „кросовер“ и SUV возила и сакале ние да признаеме или не, тоа е реалната слика на автомобилскиот пазар. Класичните дизајнерски облици, строго дефинирани подредувања по класи со сигурност го отстапуваат местото на новите концепти во кои се спојуваат повеќе дизајнерски правци со цел да се создадат сè повеќе неконвенционални автомобили кои не носат во новото, модерно време на авто-индустријата. На целата приказна се надоврзува и групацијата Stellantis која едноставно не мирува, се движи со полна пареа во секој сегмент, кај сите свои марки, пласирајќи новитети со исклучително темпо во најпопуларните класи. Еден од нив е и третиот по ред кросовер што доаѓа од Opel, моделот Mokka во својата втора генерација кој сега настапува во компактниот сегмент.

Нова дизајнерска филозофија

Новата Opel Mokka e стилски нов кросовер изграден на иста (CMP) платформа како и Peugeot 2008, Citroen C4, DS3 Crossback, Peugeot 208 и Opel Corsa. Меѓутоа гледано според димензиите сега е поблиску до Corsa, што за разлика од предходната генерација ја прави пократка за 12,5 см. Дизајнерскиот тим на надворешноста го истакнува новото „Vizor“ лице кое е целосно модерно, но сепак умно се повикува на моделите на Opel од минатото, што особено добро кореспондира со црниот покрив кој на Mokka и додава карактеристичен и од далеку препознатлив изглед. Спортскиот и динамичен дизајн смело ја истакнува новата филозофија на компанијата што се стреми кон возбудлива иднина во која нема простор за традиционалните сваќања. Слободно може да кажеме дека во моментов, Mokka е еден од најатрактивните автомобили во компактната кросовер класа.

Opel Mokka 1 | Тест Opel Mokka
Oрel Mokka 2 | Тест Opel Mokka
Opel Mokka 1 |
Oрel Mokka 2 | Тест Opel Mokka

    Дигиталнен свет

    Дека во Opel се работело доста темелно и прогресивно ни покажува внатерешноста на Mokka. Новиот „код“ во уредувањето на кабината делува доста поедноставен, модерен и минималистички. Пред возачот е поставена дигитална контролната табла што ја следи новата филозофија на Opel наречена „Pure Panel“ која дозволува неколку начини на персонализација што го подига искуството зад воланот на повисоко ниво. Целосното дигитално опкружување продолжува со мултимедијалниот систем сместен на 10 инчен екран кој покрај веќе стандардините функции е опремен со навигација како и поврзување со Apple Car Play и Android Auto оперативните системи.

    Тест Opel Mokka

    Добро е што командите за климатизација се одвоени од системот, со нив се управува преку физички прекинувачи што го поедноставува сетирањето на температурата во кабината. Новата Opel Mokka е компактно возило, но во однос на сместувањето во внатрешноста  делува доста конкурентно за оваа класа на возила, на предниот дел има доволно место и за лица со поголеми габарити, а две возрасни лица ќе патуваат без да се пожалат и на задните седишта. Багажниот простор е добро организиран и има зафатнина од 350 литри.

    Тест Opel Mokka

    Мало пакување за многу забава

    Погонската единица ни е добро позната и сме имале можност да ја испоробаме во повеќе модели од групацијата, а кај овој мал автомобил одлично се совпаѓа со неговиот надворешен изглед и ја дополнува спортската страна на Mokka. Трицилиндерскиот 1.2 литарски бензински турбо мотор создава 130 КС при 5.500 вр/мин и поседува многу карактер. Како што можете да видите од техничките спецификации, својот максимален вртежен момент го произведува од навистина ниски 1.750 вртежи/минута.

    Инженерите одговорни за калибрирање на осумстепениот автоматски менувач максимално ја искористиле таа карактеристика, дозволувајќи ви да влијаете на возните особини со промена на режимот на возење (Eco, Normal, Sport) во зависност од моменталните потреби.

    Тест Opel Mokka

    Доколку сакате да бидете максимално инволвирани во процесот, тука е и прекинувачот со ознака „М“ со кој се активира мануелната промена на брзини преку педалите поставени зад управувачот. Бројките велат дека за забрзување до 100 км/ч се потребни 9,2 секунди, додека стелката на брзиномерот патува до максимални 200 км/ч. Во меѓувреме, потрошувачката на гориво во просек се движи во зоната од 7,5 до 8 литри на секои 100 километри.

    Идеален за градскиот метеж

    Благодарение на димензиите и високата позиција, природна средина на Mokka е градското опкружување, во кое се снаоѓа „како риба во вода“. Шасијата ве охрабрува да уживате во возењето на овој автомобил, без оглед на каков пат се наоѓате. Подвозјето делува доста цврсто и самоувероено на патишта полни со свијоци, каде прецизно може да се постави во секој момент, од друга страна, својата култивираност ја покажува на долги рути на движење по автопат каде комфорот доаѓа до полн израз. Високата поставеност од подлогата ве остава лагодни и за мали „пикник“ излети надвор од асфалтот.

    Преставниците во овој сегмент на пазарот му даваат максимален приоритет на стилот, а Mokka во тој поглед е еден од најатрактивните автомобили кој може да се пофали дека го има на претек.

    Цена на тест моделот: 25.900 евра

    Технички податоци за Opel Mokka Ultimate 1.2 130 AT8    

    мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
    работна зафатнина 1.199 см3
    пречник и од 75,0 x 90,5 мм
    степен на компресија 10,5:1
    напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
    максимална моќ 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1
    макс. вртежен момент 230 Nm при 1.750 min-1
    трансмисија на  предните тркала преку 8-степен автоматски менувач
    потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
    сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
    пневматици 215/55 R18
    каросерија SUV со пет врати, пет седишта
    должина х ширина х висина 4.151 x 1.791 x 1.531 мм
    меѓуоскино растојание 2.557 мм
    траги (напред/назад) 1.548/1.548 мм
    тежина 1.220 кг
    максимална тежина 1.740 кг
    багажен капацитет 350 литри
    резервоар 44 литри
    максимална брзина 200 км/ч
    забрзување 0-100 km/h 9.2 секунди
    потрошувачка (отворен пат/град/просек) //5,9 л/100 км
    емисија на CO2 133 г/км

     

    Opel Mokka во Македонија

    Opel Mokka Base 1.2 100 KC  17.920 евра
    Opel Mokka Edition 1.2 130 19.730 евра
    Opel Mokka Edition 1.5D 110 20.490 евра
    Opel Mokka Elegance 1.5D 110 23.610 евра
    Opel Mokka Elegance 1.2 130 HP 22.570 евра
    Opel Mokka GS-Line 1.2 130 HP 22.230 евра
    Opel Mokka GS-Line 1.2 130 HP AT8 24.070 евра
    Opel Mokka Ultimate 1.2 130 HP 24.540 евра
    Opel Mokka Ultimate 1.5D 110 HP 25.790 евра

    Повеќе информации во Еуроимпекс или на официјалниот сајт на Opel во Македонија
    и кај овластените дилери Аутомакедонија и Ауто Цем

    Конкуренти:

    Ford Puma од 21.600 до 30.600 евра
    Renault Captur од 15.990 до 25.340 евра
    Citroen C3 Aircross од 17.190 до 23.890 евра
    Fiat 500X од 18.490 до 22.000 евра
    Volkswagen T-Cross од 18.406 до 28.575 евра
    Nissan Juke од 18.900 до 26.090 евра
    СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

    Поврзани вести

    Back to top button