fbpx

Тест: Škoda Superb: Суперлатив од Чешка

Škoda од генерација во генерација дискретно, но сигурно го крева својот имиџ на повисоко ниво. Во најновото издание Superb оди чекор понатаму, во контекст на името кое го носи од него можете да очекувате навистина многу

„Перјаницата“ на чешкиот производител, моделот Superb уште од својата прва генерација на своја страна го имаше адутот на добар сооднос меѓу вложеното и добиеното. Големината и комфорот ја направија оваа лимузина посакувана од голем број купувачи, со оглед на тоа дека е вистинско откровение доколку сте во потрага по голем семеен автомобил со премиум чувство и што е најважно, пристојна цена. Superb е дефинитивно автомобил што вреди да се земе во предвид.

Елеганција и функционалност

Самиот поглед кон возилото дава на знаење дека третата генерација отвори нова врата во дизајнерска смисла, од таа причина промените со редизајнот не се со радикална природа. Што се однесува до предниот дел, тука се забележуваат  новите светлосни групи како и изменетите дневни и нови светла за магла, сите во LED технологија. Присуството на повеќе хромирани детали го подигнува имиџот а самиот автомобил добива посериозен настап. Моделот Superb има докажан и комплетиран дизајн, тука нема некои неконзистентни детали, туку сега е вистинско олицетворение на голема „бизнис“ лимузина. Острите линии кои прецизно се движат по страните создаваат елегантен изглед кој е дополнет со особена функционалност, бидејќи Superb не е класичен седан како што на него се гледа, затоа што вратата од багажникот е изведена како кај „хечбек“ автомобилите и се отвора заедно со задното стакло. Кога станува збор за задната страна, тука промените се повоочливи. Чешкиот производител одлучи да го стави името на својата компанија на средина од задниот дел, нешто што ќе биде автентично за сите нови модели на Škoda. Исто така има и ново обликувани светлосни склопови, а дизајнот на браникот е дополнително „испеглан“. Во кратки црти, без многу експериментирања и непотребни детали Škoda го унапреди дизајнот на Superb, кој претендира да остане хит и во својата последна форма.

  | Надворешност 1/3 
| Надворешност 2/3  
| Надворешност 3/3  

    Адут кој публиката го препознава

    Внатрешноста е делот каде сите остануваат позитивно изненадени кога за прв пат ќе се сретнат со Superb. Модерната но сепак суптилно креирана предна арматура не крие дека овој модел е наклонет повеќе кон посериозната возачка публика. Предниот дел од кабината нуди седишта со одлични пропорции во кои се седи многу удобно и нудат добра потпора во сите правци, возачката позиција се наоѓа многу лесно благодарение на подесувањето во сите правци. Материјалите користени во изработка на  внатрешноста се меки на допир, добро составени и создаваат удобно чувство, се наликува како од класата погоре, кокпитот е изведен крајно ергономично и логички. Зад задниот пар врати се скрива адут со кој Superb ги собира симпатиите кај публиката. Меѓуоскиното растојание од 2.841 мм овозможува несекојдневна количина на простор со која располага задната клупа. На неа може да патуваат лица чија што висина е над 190 см без да допрат со коленатa во предните седишта. Надворешните габарити скриваат уште еден „џокер“ во внатрешноста. Имено, со отворање на петтата врата се пристапува кон волумен од 625 литри колку што нуди багажникот во основната конфигурација, а доколку има потреба за превоз на нешто што е уште поголемо со соборување на задната клупа неговите габарити растат до неверојатни 1.760 литри.

    Нивото на опрема Ambition со кое беше опремен тестниот примерок поседува можеби сè што е и повеќе од доволно. На пример: автоматската клима во три зони, мултимедијалниот систем со големина од 8 инчи кој ги обединува аудио уредот, навигацијата, поврзаноста со паметен телефон. Тука се и големиот број на системи за пасивна и активна безбедност што се само од елементите кои доаѓаат како стандардна опрема со што го дополнуваат и онака високото ниво на комфор со кој располага Superb.

    Внатрешност 1/3 |
    Внатрешност 2/3 |
    Внатрешност 3/3 |


      Комфор во прв план

      Дека Superb e играч од првата лига доказ е и моторната понуда, тестираниот модел под предниот поклопец ја поседува најновата интерпретација на прочуениот TDI двигател. Станува збор за агрегат од 2 литри со common rail технологија и Еуро 6 стандард кој испорачува 150 КС и 340 Nm во распон од 1.750 до 3.000 вртежи во минута што својата моќ ја насочува кон предните тркала. Негова одлика е тивкото работење и леснотијата со која го движи возилото тешко безмалку 1600 кг. Испораката на силата е линеарна, а таканаречената турбо дупка е во потполност избегната, смереноста и хармонијата во работењето во потполност одговараат со природата на ова возило. Трансмисијата се одвива преку 7 степен DSG автоматски менувач со двојна спојка кој поседува одличен размер и се одликува со извонредна прецизност во работењето.

      Перформансите на Superb не одат на штета на потрошувачката бидејќи во просек автомобилот троши окулу 8 литри дизел гориво во градски услови на користење, додека на отворен пат и брзина прилагодена по прописите потрошувачката се спушта до 6 литри на изминати 100 километри. Потпирањето е подесено комфорно, но може да одговори и на потребите на поспортски ориентираните возачи. Тивкото работење и добрата звучна изолација понекогаш може да ве изманипулираат, бидејќи кога ќе погледнете во мерачот за брзина забележувате дека во суштина возите побрзо отколку што ви се чини. Споредено со ривалите од категоријата во која припаѓа во прилог му одат управливоста додека комфорот во возењето може да биде нарушен единствено на поголеми нерамнини и дупки на патот што пред сè во нашиот случај се должи на големите 18 инчни тркала опремени со пневматици од понизок профил. Како и да е, на крајот станува јасно дека Škoda е спремна да се конфронтира со имињата кои важат главни играчи во премиум сегментот.

      Со задржувањето на своите карактеристики со кои се прослави и големото внимание на квалитетот, Superb сега сака уште поголем удел во пазарот и тоа на начин што ќе се обиде да „истурка“ дури и некои премиум староседелци. Можеби мисијата е преамбициозна, но затоа Superb пристигнува доволно подготвен да ги фрли на колена директните ривали кои на него веќе гледаат со стравопочит.

      2019 Skoda Superb

       

      Цената на тестираниот модел изнесува 29.700 евра

      Технички карактеристики за Škoda Superb Ambition 2.0 TDI DSG 150 HP :

      мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четири-цилиндарски, воденоладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 1968 cm3
      пречник и од 81 x 95.5 mm
      степен на компресија 16.2:1
      напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
      максимална моќ 150 КС
      макс. вртежен момент 340 Nm при 1750-3000 min-1
      трансмисија на предни тркала преку седум-степен автоматски менувач
      потпирање напред независен Макферсонов систем, позади независен мултилинк
      сопирачки напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS
      пневматици 235/45 R18
      каросерија Седан со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4869 x 1864 x 1459 mm
      меѓуоскино растојание 2841 mm
      траги (напред/назад) 1.584 x 1.576 mm
      тежина 1.580 kg
      максимална тежина 2.155 kg
      багажен капацитет 625 литри
      резервоар 66 литри
      максимална брзина 221 km/h
      забрзување 0-100 km/h 9,1 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,9/5,3/4,4  l/100 km
      емисија на CO2 123-128 g/km

       

      Škoda Superb во Македонија:

      Škoda Superb Active 1.5 TSI 150 HP 23.710 евра
      Škoda Superb Active 1.5 TSI DSG 150 HP 26.290 евра
      Škoda Superb Ambition 2.0 TSI DGS 190 HP 31.100 евра
      Škoda Superb Style 2.0 TSI DSG 4×4 272 HP 39.900 евра
      Škoda Superb Actve 2.0 TDI 150 HP 26.310 евра
      Škoda Superb Ambition 2.0 TDI DSG 190 HP 32.960 евра
      Škoda Superb Style 2.0 TDI DSG 4×4 190 HP 39.370 евра

      Конкуренти:

      Mazda 6 од 30.980 до 43.980 евра
      Ford Mondeo од 23.100 до 46.000 евра
      Opel Insignia Grand Sport од 23.466 до 48.628 евра

       

      СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

      Поврзани вести

      Back to top button