fbpx

Тест SsangYong Torres Forest Edition: Нови хоризонти

Со својата авантуристичка естетика, пространа и добро уредена внатрешност, обемна опрема и одлично држење на патот, се вели дека Torres ги има сите потребни состојки да отвори нови хоризонти играјќи ја улогата на аутсајдер кој може да ги изненади мејнстрим играчите.

Јужнокорејската марка SsangYong во светот е препознатлива по своите модели што секогаш се позиционирале во класите на теренци или SUV возила, далеку пред времето кога овој тип на превозни средства стануваат најпопуларна и најбарана опција во денешниот автомобилскиот свет. Следејќи ги глобалните трендови компанијата го проширува својот опсег со потполно нов производ наречен Torres чија задача е да се смести во просторот помеѓу моделот Korando и големиот Rexton, со тоа што освен во верзија со мотор кој користи фосилно гориво наскоро ќе пристигне и неговата електрична изведба со батерија чиј капацитет треба да изнесува 74 kWh и радиус на движење од преку 450 километри со едно полнење.

Тест SsangYong Torres

Издржана стилска изјава

Ова e навистина еден од оние автомобили што ве тера да направите чекор назад и повторно добро да го погледнете штом го паркирате. Што всушност гледате и дали е навистина толку кул? Дали е до пропорциите или само неговиот стајлинг си поигрува со вашиот ум? Но, да тргнеме од почеток. Самото име Torres del Paine се однесува на националниот парк во Чиле, што покажува дека овој теренец првенствено е наменет за авантуристички возачи кои бараат за нијанса поцврст SUV преставник.

Тест SsangYong Torres

За разлика од останатите модели со слична големина, кои изгледаат премногу софистицирани за да се возат вон асфалтната подлога, Torres изгледа тотално спротивно, како навистина да е направен за возење надвор од патот, изведен со контури што го прават автомобилот да изгледа прилично голем и мошне цврсто. Однапред, тенката решетка на ладилникот со попречни столпчиња му дава изглед кој е директно инспириран од алигаторските заби. Црвениот поклопец на долниот дел од браникот зад кој е скриена алката за влечење и рачките поставени на поклопецот од моторот се функционални детали кои најчесто се сретнуваат кај сериозни оф-роуд возила, а во оваа прилика се едиствено вметнати за да го дополнат визуелниот впечаток.

Дарежливите пропорции се видливи на профилот од возилото, каде се забележува благото искачување на покривот од втората половина на возилото, a тука е користен уште еден елемент што треба да асоцира на теренските возила. Панелот обоен во сребрена боја кој е поставен веднаш зад Ц-столбот потсетува на минатото, кога теренците на своите страни ги закачувале канистрите со гориво кои им биле потребни за експедициите во непознатите и тешко проодни предели. На задниот дел, Torres има испакнат хексагонален дел од вратата на багажникот што остава впечаток дека под тој дел има сместено резервна гума со кој ја заокружува целината на дизајнот што несомнено наликува на автентичен теренец.

Полн со авантуристички каратер и дух кој повлекува на старата школа, Torres го интерпретира новиот правец на градење возила за јужнокорејската марка која произведува возила од 1954 година, во период кога престои и комплетно ребрендирање на компанијата која наскоро ќе се потпишува единствено како (KGM) KG Mobility.

Кокетирање со премиум атмосфера

Исто како и однадвор, Torres кокетира со премиум атмосферата во својата внатрешност. Тргнувајќи од контролната табла со 12-инчен екран до одличните седишта (греени и вентилирани), сè во овој корејски SUV зрачи со квалитет. Во однос на изгледот, но и во однос на чувството. Посебно ќе ја споменеме бојата, т.е нијанасата на каки-зелена со која се прекриени седиштата, а истата се протега и низ остатокот на кабината, едноставно остава силен впечаток на современ и удобен простор. Покрај тоа, место има и за модернизам кој ја минимизира употребата на физички копчиња, истовремено обезбедувајќи јасна комуникација. Командувањето со 8-инчниот инфозабавен екран е крајно едноставно и интуитивно, радува фактот што за најважните функции се обезбедени физички копчиња, додека за климатизацијата е обезбеден посебен екран во долниот дел, веднаш пред менувачот.

Управувачот е изведен со речиси квадратен облик, иако делува необично не го менува чувството, напротив делува многу природно во раката. Torres е големо момче кое има меѓуоскино растојание од 2,680 мм. Затоа, без разлика на тоа која врата ќе ја отворите, секогаш ве пречекува многу простор, тоа важи за патниците во првиот и вториот ред кои нема да се пожалат дека немаат доволно место за нозете, ниту пак дека допираат со главата до кровот. Тука е и багажниот дел, кој располага со најмалку 703 литри, а волуменот може да се зголеми до 1.662 литри (вклучувајќи рамен под за товарење) ако ги преклопите и задните седишта.

Проверена комбинација

Под поколопецот на моторот нема изненадување, Torres едноставно го презема проверениот и докажан 1.5 T-GDi агрегат кој се користи и кај Korando, дизел опција воопшто не постои. Станува збор за четирицилиндарецот помогнат од турбополнач кој развива способни 163 КС и адекватна влечна сила од 280 Nm што се покажа доволно моќно да го повлече нашиот тест примерок со тежина од 1,6 тони. Веднаш да сме јасни, забрзувањњето до 100 км/ч трае 9,3 секунди, што никогаш нема да се смета молскавично брзо или спортски, а сепак е подобро од некои конкурентски модели. Овој параметар како и максималната брзина од 191 км/ч не се во приоритетните очекувања на целната група. Многу поважен фактор е рафинираноста на овој блок. Моторот работи многу цивилизирано и речиси нечујно, дури и ако му дадете поттик, сето тоа останува прифатливо, за што е одговорна добрата изолација на моторниот простор.

Тест SsangYong Torres

Ако сакате работите да бидат малку повозбудливи, префрлете се на програмата за спортско возење и користете ги лопатките за мануелна промена на брзините кои се сместени зад управувачот. Ова го задржува шестстепениот автоматски менувач на Aisin во избраниот сооднос малку подолго и допринесува кон забавата. Управувањето е повеќе од солидно, особено ако се земат во предвид габарите и основната намена, на моменти дури и покажува знаци на спортско однесување. Самото тоа кажува дека и потпирањето е калибрирано на поцврст начин, што нас ни се допадна, првенствено затоа што не се навалува премногу кога ќе посакате да го возите на повозбудлив начин. За време на нашето дружење потрошувачката се движеше во зона од 9 до 10 литри, или во просек 9,5 литри на секои 100 изминати километри, што е сосема нормална потрошувачка во овој сегмент.

Во секој поглед, моделот Torres навистина означува нов почеток на третата по големина корејска марка, која без двоумење силно е решена да излезе од сенката на своите сонародници и да го заземе одамна заслуженото место во индустријата.

Технички податоци за SsangYong Torres Forest Edition

Цена на тестираниот модел: 45.900 евра

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.497 см3
пречник и од 76,0 x 82,5 мм
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 163 KС (144,8 kW) при 5.000 min/-1
макс. вртежен момент 280 Нм при 1.500-4.000 min-1
трансмисија на предните тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/55 R18 (напред) 235/55 R18 (позади)
каросерија СУВ со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.700 x 1.890 x 1.720 мм
меѓуоскино растојание 2.680 мм
траги (напред/назад) 1.610/1.630 мм
тежина 1.528 кг
максимална тежина 2.080 кг
багажен капацитет 703/1.662 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 191 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9.3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 9,2/10,5/8,6 л/100 км
емисија на CO2 194 г/км

SsangYong Torres во Македонија

SsangYong Torres Quartz FWD MT6 39.900 евра
SsangYong Torres Forest Edition FWD AT6 45.900 евра
SsangYong Torres Sapphire AWD AT6 49.900 евра

Повеќе информации во Аутомакедонија на тел. (02) 31 03 130 или на
www. ssangyong.automakedonija.com.mk

Конкуренти:

Hyundai Tucson од 26.300 до 47.200 евра
Toyota RAV4 од 42.290 до 60.990 евра
Nissan X-Trail од 41.890 до 67.490 евра
Mazda CX-5 од 28.980 до 46.600 евра
Škoda Kodiaq од 38.050 до 48.580 евра
Honda CRV од 42.990 до 54.990 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button