Тест Suzuki S-Cross: Ненаметлив и искрен
Во најкомпетитивниот дел од пазарот на стариот континент, компанијата Suzuki влегува со модел кој ги поседува сите атрибути да се вметне како сериозен конкурент кога станува збор за SUV што е подготвен да ги исполни сите семејни потреби. При тоа, задоволството да биде поголемо, буџетот предвиден за гориво да биде далеку понизок од колку кај конкуренти се грижи благиот хибриден погон.
Мнозинството смета дека компанијата Suzuki го прави она во што е најдобра, креирање доверливи алтернативи на развиканите мејнстрим модели, но со новата генерација на S-Cross Јапонците сметаат дека треба да излезат од сенката и да ги променат нештата, влегувајќи во отворена битка за повисоко место во сегментот.
Креативна воздржаност
Освен името, новиот S-Cross не дели речиси ништо со својот претходник. Од сега тој настапува со изменети пропорции и дизајн кој делува далеку позрело, семејниот SUV е сериозно рестилизиран со цел на клинтите им понуди пософистициран и помодерен изглед. Со новата генерација компанијата Suzuki се обидува да го доближи S-Cross до толку посакуваните про теренски изведби со подигнување на каросеријата и создавање на похрабра слика, а за да се потполни SUV темата тука се црните облоги на браниците, лаковите над тркалата и страничните рабови, што му даваат на автомобилот одредена робусност во креирањето, додека сребрените заштитни плочи поставени под предниот и задниот браник го заокружуваат посакуваниот ефект. Земено во целост, изгледот нема да освои награди за креативност или иновација, но дизајнот изгледа прилично карактерно и цврсто без се присутните претерувања што се често видливи кај конкурентите, кои патем стануваат „демоде“ само по неколку години од нивното преставување.
Суштински издржано
Моделот S-Cross во својата нова кабина не отстапува од класичниот начин на градење, во внатрешноста не е експериментирано во ниту еден дел, се е направено по принципот што сите го знаеме со децении нудејќи максимална функционалност во дадените габарити, далеку од тоа дека дизајнот не е допадлив и модерен. Помеѓу главните новини се истакнува и инфозабавниот систем со екран на допир од 9 инчи кој изгледа и се чувствува далеку помодерно од предходните мултимедијални уреди на Suzuki.. Составот на вградените материјали преставува очекуван микс, на местата каде почесто ќе допирате со раката е користена помека компонента, додека во подножјето е направено од тврда пластика. Знаејќи ги способности на призводителот не се сомневаме дека се е изведено суштински и издржливо, доволно цврсто за да се справи со долгогодишна употреба.
Габаритот и доброто држење на на телото е делот во кој позитивно изненадуваат предните седишта, додека на задната клупа проблем со сместувањето за нозете и просторот за главата нема да имаат и лица повисоки од 180 сантиметри. Багажникот со волумен од 430 литри е идеален придружник што ќе ги собере сите аксесоари потребни за годишен одмор на четворочлено семејство. Во однос на опремата кај тестираниот примерок јапонците не прават компромис. Имено, навигацијата, камерата за рикверц и двозонската контрола на климата, заедно со загреваните предни седишта, стартувањето без клуч и многуте активни и пасивни безбедносни системи се само дел од составите на GLX пакетот.
Без непотребни компликации
Засега, клиентите на S-Cross на располагање имаат на располагање само една моторна опција која од 1,4-литарски турбо бензинец со блага хибридна технологија истискува 129 КС и 235 Nm влечна сила. Затоа пак таа може да биде спарена со 6 брзински мануелен менувач или 6 степена автоматска трансмисија. Моделот S-Cross стандардно доаѓа со погон на предните тркала, а како опција се нуди и AllGrip погон на сите четири тркала, што значи дека секој може да ја направи комбинацијата на мотор, менувач и погон според сопствените желби и потреби.
Кога го спомнавме хибридниот погон од 48V кој работи како стартер генератор, имаме облигација да кажеме збор-два и за него. Составен е од мал електро мотор со моќност од 10 kW кој во секое време го помага бензинскиот мотор, неговата улога е најзабележлива при забрзувањата од место на мирување или кога ја превзема улогата во моменти кога автомобилот крстари „coasting“ со константна брзина по автопат. Моќноста на системот доаѓа од мала батерија која ја акумулира енергија што најчесто се создава при сопирање. Целиот систем е изграден во склад со филозофијата на Suzuki, да не биде премногу комплициран, лесен за одржување и секако да не додава многу дополнителна тежина на возилото, затоа неговата конструкција максимално компактна и тежи помалку од 15 килограми.
Во тестираниот примерок опремен со мануелен менувач и преден погон, хибридната комбинација се покажа како добро рафинирана и прифатливо моќна, додека шестстепениот мануелен менувач е доволно мазен без да биде особено импресивен. Можеме да го кажеме истото и за забрзувањето од 0 до 100 км/ч од 9,5 секунди кое на хартија не делува импресивно, но во пракса е повеќе од задоволително. Кога станува збор за потрошувачката може да кажеме дека јапонската компанија е на висина на задачата. Имено за време на неколку дневното дружење во просек трошевме 6,7 литри гориво, што е секако повисоко од декаларираното, но ако се земе во предвид дека не бевме претерано нежни со педалот за забрзување постигнувањето е исклучително економично за еден СУВ бензинец. Поради тоа веруваме дека во најмала рака комбинираната потрошувачка можеше да биде помала за минимум половина литар.
Моделот S-Cross го возевме таму каде што ќе го поминува поголемиот дел од своето време, во урбана средина и на отворен пат. Во секое сценарио делува доволно брз и прилично лесен за возење, тоа делумно се должи на управувањето, кое е прилично лесно и го прави S-Cross едноставен за маневрирање и лесен за протнување низ градската гужва и се потесните улици. На отворен пат доаѓа до израз добро калибрираната суспензија и ригидната каросерија што создава изненадувачки удобна комбинација.
Ненаметлив и полн со задскриени адути кои нестрпливо очекуваат да бидат откриени, во комбинација со ниски трошоци за експлатација и репутацијата за неуништливост, прави Suzuki S-Cross да биде многу разумен избор.
Цена на тестираниот модел: 28.490 евра
Технички спецификации за Suzuki S-Cross GLX 1.4 Hybrid 2WD
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.373 cm3 |
пречник и од | 73.0 x 82.0 mm |
степен на компресија | 10.9:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 129 KС ( 95 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 235 Nm при при 2.500-3.500 min/-1 |
Ел. мотор | 10 kW при 3.000 min/-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 6 степен мануелен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 215/55 R17 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.300 x 1.785x 1.585 mm |
меѓуоскино растојание | 2.600 mm |
траги (напред/назад ) | 1.535/1.505 mm |
Тежина | 1.195 kg |
максимална тежина | 1.710 kg |
Багажник | 430/ 1.230 литри |
Резервоар | 47 литри |
максимална брзина | 195 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9.5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 6.1/4.7/5,4 l/100 km |
емисија на CO2 | 119 g/km |
Suzuki S-Cross во Македонија
Suzuki S-Cross GL 1.4 Hybrid 6MT 2WD | 23.900 евра |
Suzuki S-Cross GL Plus 1.4 Hybrid 6MT 2WD | 26.990 евра |
Suzuki S-Cross GL Plus 1.4 Hybrid 6AT 2WD | 28.890 евра |
Suzuki S-Cross GL Plus 1.4 Hybrid 6MT 4WD | 28.990 евра |
Suzuki S-Cross GL Plus 1.4 Hybrid 6AT 4WD | 30.990 евра |
Suzuki S-Cross GLX 1.4 Hybrid 6AT 2WD | 30.560 евра |
Suzuki S-Cross GLX 1.4 Hybrid 6MT 2WD | 30.990 евра |
Suzuki S-Cross GLX 1.4 Hybrid 6AT 4WD | 32.490 евра |
Повеќе информации во Миркат на 02/ 30 89 089 или на www.suzukiauto.mk.
Конкуренти
Nissan Qashqai | oд 30.800 до 44.550 евра |
Seat Ateca | oд 26.629 до 33.376 евра |
Hyundai Tucson | oд 25.500 до 42.700 евра |
Kia Sportage | oд 24.900 до 41.900 евра |
Skoda Karoq | oд 27.770 до 38.760 евра |