Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD: Електрични емоции

Откако Toyota со оригиналниот C-HR го разби стереотипот дека компактните СУВ модели мора да изгледаат конзервативно, компанијата реши со целосно електричната верзија да оди чекор понатаму. Па така, „+“ верзијата не само што ја задржа препознатливата и карактеристична силуета на моделот, туку и ја надгради надворешноста со многу пософистицирани линии. Моделот C-HR+ е автомобил создаден да импресионира на првa, каде освен дизајнот до израз доаѓа и неговата електрична технологија сакајќи да докаже дека одржливоста и емоцијата не мора да бидат спротивставени вредности, туку можат да коегзистираат во едно возило.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWh

Смелост во секоја линија

Веднаш штом ќе застанете пред C-HR+, станува јасно дека Toyota не сакала да создаде „само“ уште еден електричен кросовер кој ќе се натпреварува во веќе преполнетиот сегмент. Препознатливата предна маска, карактеристична за најновата генерација на брендот овде добива уште поостри контури благодарение на недостатокот на класичната решетка за ладење на агрегатот,  што пак од друга страна, визуелно ја нагласува неговата електричната природа. Остриот облик на дневните ЛЕД светла кои се спуштаат кон предниот браник во агресивна линија му дава на автомобилот речиси атлетски израз, како да е подготвен за движење дури и додека мирува паркиран.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWhПрофилот е местот каде C-HR+ на својот надворешен дизајн ја покажува припадност на СУВ со купеовски аспирации. Покривот благо се спушта кон задниот дел, создавајќи динамична  линија, додека широките, мускулести линии над тркалата даваат впечаток на стабилност и цврсто присуство на патот. Комбинацијата на високо поставена средишна линија и намалена висина на покривот не е случајна, тоа е директен резултат на аеродинамичко испитување, бидејќи секоја површина на каросеријата е обликувана со цел да се минимизира отпорот на воздух со крајна цел да се зголеми автономијата. Токму затоа контурите не делуваат декоративно, туку функционално, што е реткост во сегмент каде естетиката често доминира над инженерството.

Задниот дел продолжува со истата филозофија, остар, скулптуриран, со хоризонтална ЛЕД лента што ги поврзува задните светла во единствена и препознатлива силуета што ноќе го прави C-HR+ моментално препознатлив меѓу другите возила на патот. Севкупно, надворешниот дизајн не е само визуелна изјава, туку пример за тоа како треба да изгледа електричен автомобил кој сака да биде запамтен, а не само забележан за момент.

Одржливост без компромис во квалитетот

Со самото отварање на вратите веднаш се забележува дека Toyota сериозно го сфатила прашањето за одржливост, без притоа да прави компромис во квалитетот на доживувањето. Тапацирот од синтетичка кожа со мазна, премиум текстура, во комбинација со „микрофибер“ елементи создава спортски карактер. Она што тука го потенцира компанијата е податокот дека овие делови се изработени од рециклиран „PET“ материјал, добиен претежно од пластични шишиња. Ова не е само маркетиншки детал, туку конкретен чекор кој покажува како автомобилската индустрија може да биде еколошка и посветена на грижата за околината без да жртвува чувство на луксуз.

Ергономски, кабината е обликувана околу возачот, со компактен дигитален инструментален панел од 7 инчи, поставен високо над воланот заради подобра прегледност, и голем централно поставен екран од 14 инчи, кој ги контролира повеќето функции на возилото. Системот поддржува безжичен Apple CarPlay и Android Auto, а гласовниот асистент овозможува користење на повеќето функции без да се симнуваат рацете од управувачот. додека за цело време амбиенталното осветлување додава дополнителен слој на софистицираност во текот на ноќно воење.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWhКупе инспирираната линија на покривот, колку и да е визуелно атрактивна, зема данок на задната клупа, ова највеќе важи за патниците повисоки од 190 сантиметри кои со главата ќе допираат до кровот, така што семејства со повисоки членови треба да го имаат ова предвид. Сепак, практичноста не е занемарена. Двете лица на задните седишта добиваат сопствени контроли за клима уредот и два USB-C приклучоци со моќност за полнење дури и на поголеми уреди. Багажниот дел располага со 416 литри зафатнина кои се исклучително корисни, иако габаритот не е најголем во сегментот за поголемиот дел семејтва е повеќе од доволен. Делот за внатрешноста го завршуваме со одличниот аудио систем кој преку девет звучници и дополнителен „сабвуфер“ со потписот на реномираниот JBL, обезбедува чист и балансиран звук што го трансформира секое возење во целосно аудио доживување.

Динамика изградена на стабилна основа

Срцето на C-HR+ лежи во неговата електрична архитектура, изградена на e-TNGA платформа, истата модуларна основа што ја користи и моделот bZ4X, но тука делува далеку подобро изведено. Тестираната верзија доаѓа со единствен батериски пакет од 77 kWh и погон на сите четири тркала (AWD), остварен преку два електрични мотори, еден на предната оска кој испорачува 165 kW (224 КС), додека задниот додава дополнителни 87 kW (118 КС), при што комбинираниот системска моќ изнесува впечатливи 252 kW или 343 КС. Оваа комбинација нуди автономија до 507километри според WLTP циклусот, бројка која го поставува меѓу најконкурентните електрични СУВ модели во моментов достапни на нашиот пазар, а притоа гарантира и доверливо однесување во сите временски услови, благодарение на топлинската пумпа која е задолжена за регулирање на температурата на батериските ќелии.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWh

Стандардно, C-HR+ дозволува дополнување преку брз DC полнач од 150 kW, способен да го наполни од 10 до 80 отсто за окулу 30 минути, дури и при екстремно ниски температури до -10 степени. За домашна употреба, дозволува  AC полнење од 11 kW за што се потребни 7 часа, додека оваа изведба нуди и побрза 22 kW единица, што практично го преполовува времето за целосно полнење преку ноќ на 3:30 часа. За време на нашето дружење, целосно полната батерија успеа да не однесе на пат долг 391 километри, а мерачот да покаже дека во ќелиите има преостанато уште 11% енергија, што секако е податок под декларираните постигнувања, но во предвид треба да се земе и фактот дека голем дел од изминатите километри се поминати на автопат со брзина од 120 км/ч.

Вредно е да се напомене и дека системот за регенеративно сопирање кој е контролиран преку „педали’ монтирани зад управувачот нуди неколку степени на интензитет, дозволувајќи му на возачот да го приспособи возењето практично до режим со кој, кога подигањето на ногата од педалот за забрзување е доволно за успорување на возилото до точка на целосно сопирање, при што дополнителна енергија се враќа во батеријата. Ова не само што ја зголемува ефикасноста и автономијата, туку го прави и секојдневното возење низ градски сообраќај поинтуитивно.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWh

Она што најмногу изненадува кај C-HR+ не е само неговата технолошка спецификација, туку начинот на кој сите тие елементи се пренесуваат во реално возачко доживување. Батеријата е монтирана под подот што му овозможува пониско тежиште, а истовремено ја зголемува крутоста на каросеријата. Резултатот е автомобил кој реагира со изненадувачка прецизност на секоја команда на воланот, со минимално навалување во свиоци и стабилност што ретко се среќава во оваа категорија возила. Колку и да звучи како клише, одлично подесеното потпирање дополнително придонесува кон карактер кој без проблем успева да ја балансира спортската агилност со секојдневниот комфор,.Со двата електрични мотори доаѓа и погонот на сите тркала, а од тука ни пристигнува и забрзувањето од 0 до 100 км/ч за само 5,2 секунди, резултат што во реалност засрамува дури и некои спортски модели. Инстантниот вртежен момент од речиси 440 Нм карактеристичен за електричните мотори значи дека моќта е достапни веднаш, без потреба од чекање, доволно е само да го притиснете педалот за забрзување и автомобилот реагира со максимална непосредност.

Јапонската марка иако има став дека целосно електричните возила не се единствениот начин кон иднината на автомобилската индустрија, сепак креираше кросовер (на струја) кој успева да ги спои дрскиот дизајн, одговорниот избор на материјали и импресивните технички перформанси во кохерентна и убедлива целина која заслужува висока позиција во електричниот универзум.

Тест Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWh

Цена на тестираниот модел: 50.499 евра 

Технички податоци за Toyota CHR+ Style Premium

Мотор Електричен
Моќност на преден ел.мотор 165 kW (224 КС)
Моќност на заден ел.мотор 87 kW (119 КС)
Вкупна максмална моќ 252 kW (343 КС)
Макс.вртежен момент на преден ел.мотор 268,6 Нм
Макс.вртежен момент на заден ел.мотор 169,8 Нм
Вкупен макс. вртежен момент 438,4 Нм
Трансмисија На сите четири тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред вентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици напред: 235/50 R20 назад: 235/50 R20
Каросерија СУВ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.530 х 1.870 х 1.595 мм
меѓуоскино растојание 2. 750 мм
траги (напред/назад) ——-
Тежина 2.010 – 2.080 кг
максимална тежина 2.560 кг
багажен капацитет 416 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 5,2 секунди
капацитет на батерија Расположиви 72 kWh (бруто 77,0 kWh)
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија 15,6 kWh/100 km
времетрање на полнење AC 11 kW 0-100%: 7ч, DC 150 kW 10-80% 31 мин.
автономија на движење Декларирана автономија од 507 километри (измерена 400 километри)
емисија на CO2 0 г/км

 

Toyota CHR+ во Македонија:

Toyota C-HR+ Vibe FWD 57.7 kWh 39.999 евра
Toyota C-HR+ Pulse FWD 77 kWh 43.699 евра
Toyota C-HR+ Style AWD 77 kWh 49.199 Евра
Toyota C-HR+ Style Premium AWD 77 kWh 50.499 евра

 

Повеќе информации во Тојота Ауто Центар, на (0) 2 30 88 880 или на www.toyota.com.mk

Конкуренти:

Peugeot E-3008 од –.— до –.— евра
Hyundai IONIQ5 од 47.000 до 65.000 евра
Tesla Model Y од 46.500 до 73.000 евра
Volkswagen ID.4 од 58.764 до 68.409 евра
Jeep E-Compass  од 48.400 до 49.900 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button