fbpx

Тест Toyota Camry: Враќање на голема врата

По излетот со моделот Avensis и неговиот половичен успех, јапонската марка на европското тло го враќа синонимот во седан сегментот од американскиот пазар, моделот Camry во својата осма инкарнација и тоа само со хибриден погон

Заборавете на сè што подразбирате како врв во „бизнис“ седан сегмент во автомобилскиот свет и за момент обидете се повторно да ја составите оваа група но со додавање на преставник од земјата на изгрејсонцето. Јапонците веќе подолг период се обидуваат да се спротистават на европските водечки компании, но овој пат сериозно веруваат дека е вистинско време за напад на германските марки. Инцијатор на конфликтот секако е „големата“ Toyota, која што одлучи да нападне со модел што е веќе етаблиран и почитуван на северноамериканскиот пазар, своевиден бренд, веќе погодувате, станува збор за Camry.

Дефиниција за јапонски елегантен дизајн

Предходно бевме навикнати на конзервативен пристап кон дизајнот кога ќе се споменеше седан со знакот на Toyota, од сега таа приказна е дел од историјата. Кокетирањето со изгледот кај Camry ни кажува дека овој модел сака да им се допадне и на американците и на европјаните користејќи елементи на екстериерот кои наликуваа на европските автомобили.

Сепак изгледот на надворешноста е сосема уникатен и својствен за брендот кој што го преставува. Светлосни склопови и нивната графика му даваат посебен светлосен печат на предниот крај, а масивниот отвор за воздух во предниот одбојник што се протега по речиси целата негова површина го истакнува карактерот на автомобилот. Ова е дефинитивно автомобил по кого се вртат глави, без разлика дали сте на семафор во градска гужва или на паркинг, секогаш има некој што љубопитно загледува и коментира или едноставно потпрашува за автомобилот. Од приложеното слободно може да се каже дака надворешноста изгледа софистицирано и елегантно а на моменти и доста динамично, посебно во пакетот Luxury и белата бисерна боја која е дел од палетата дополнителни опции токму како што беше опремен тестниот примерок.

Avto-Plus-Camri

Насочен кон класата погоре

Со отворањето на вратата во моделот Camry влегувате во една нова димензија, внатрешноста е дизајнирана луксузно со карактеристичен јапонски печат на индивидуалност, сплет на авангардни потези проткаени со високотехнолошки достигнувања, се делува како да е правено по мерка. Но да тргнеме по ред, на предните седишта просторот и страничната потпора се исклучително добро изведени, идеалната возачка позиција се пронаоѓа многу лесно благодарение на повеќесмерното електрично подесување на седиштaта и управувачот. Вистинскиот раскош продолжува на задната клупа, таму патниците патуваат во највисок комфор. Имено, задните седишта можат индивидуално, електрично да го подесуваат аголот на потпирање преку командите сместени во потпирачот за раце.

Но Camry не застанува тука, како што доликува на вистинска „директорска лимузина“ лицата кои патуваат на задната клупа можат да управуваат со аудио системот, греењето на седиштата и подигањето на ролетната на задното стакло. Дека станува збор за лимузина која сериозно оди кон границата од 5 метри и дека луксузот на задната клупа не оди на штета на багажниот дел докажува со капацитет од 524 литари што е габарит кој е на ниво како кај останатите модели од сегментот. Покрај сите врвни елементи и материјали кои се вградени во кабината како единствена болка би го издвоиле инфотејмент системот кој не е на висина на задачата, затоа веруваме дека компанијата ќе ги прифати критиките и ќе овозможи поврзување со модерните мобилни оперативни системи кој конкуренцијата веќе ги има имплементирано.

Camry

Хибрид од следното ниво

Понудата на погонски единици кај моделот Camry во Европа е сведена само на еден двигател и тоа хибриден, истиот го имавме на тест во новата генерација на RAV4, минатиот број на Авто Плус. Секако дека под предниот поклопец работи 2.5-литарски четирицилиндричен атмосферски агрегат кој работи по Аткинсов принцип, што според одговорните лица во компанијата е подобра опција за хибридно возило. Моторот самостојно произведува 177 КС а дополнителната моќ доаѓа од електропогонот кој наместо со два, како кај RAV4, работи во константна спрега со еден електромотор чија сила изнесува 120 КС и негова обврска е силата да ја насочи кон предната осовина. Комбинираната моќност која ја создава овој бензински-електро погон по сложена математичка постапка изнесува вкупно 218 КС.

Менувачот е изведен по принципот на континуирана варијабилна трансмисија (i-CVT) што во суштина значи дека станува збор за безстепен менувачки систем што ја распоредува силата од хибридната моторизација и овозможува повеќе начини на возење во зависност од желбите и потребите на возачот. На располагање се економичниот режим на работа (Eco) каде што предноста е дадена на штедливоста, Нормалниот мод (Normal) делува преку самиот ситем кој го пронаоѓа идеалниот начин на работа во дадениот момент, со одбирање на спортската (Sport) можност за работа, звукот на моторот се менува, вртежите на моторот одат повисоко а елктромоторот ја дава својата моќна подршка во целост.

CamriДа не заборавиме дека овој модел е хибрид кој поседува и електромотор со што е овозможено самостојно придвижување само на струја до максимални 50 км/ч доколку се притисне копчето кое е означено со EV. Како и останатите „self charging” хибриди на компанијата и Camry нема потреба од кабли и приклучување во електричен систем туку системот ја надополнува батеријата преку бензинскиот агрегат и преку регенерација на силата на сопирање. Комбинацијата на хибридниот систем го носи 1.650 килограми тешкиот автомобил до 100 км/ч за 8.3 секунди и продолжува без потешкотии да го движи до максималните 180 км/ч. Можеби на прва постигнувањата не изгледаат воодушевувачки, но во реалност делуваа многу убедливо. Ако на тоа се додаде подвозјето кое покажува дека е спремно да се справи со многу помоќен агрегат, одличната избалансираност и завидното ниво на комфор, Camry слободно може да вброи во групата на патни крстосувачи.

Автопатот е неговата природна средина каде плива како риба во вода, додека во градската гужва делува несвојствено за неговите габарити, од друга страна пак токму во град хибридниот систем најмногу ги покажува своите врвни можности за ефикасност. Декларираната потрошувалка вели дека на Camry во просек му требаат окулу 4,5 литри за 100 изминати километри, бројка што не успеавме да ја постигнеме, но и просечната потрошувачка од 7 литри треба да се смета за одличен резултат, особено ако се земе во предвид дека за цело време автомобилот е управуван во високо темпо.

Дали Camry ги поседува вистинските состојки за да се задоволи вкусовите на европските купувачи е сеуште рано да се зборува, но по она што го искусивме за време на неколкудневниот тест може да заклучиме дека неговите шанси да успее на најпребирливиот пазар се доста високи.

Цената на тестираниот примерок изнесува 37.690 евра.

Технички податоци за Toyota Camry 2.5i Hybrid Luxury:

мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.487 cm3
пречник и од 87,50 x 103,48 mm
степен на компресија 14,0 : 1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото,
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 177 KС (132 kW) при 6.000 min/-1
максимална моќ на преден електро мотор 120 КС (88 kW)
максимална моќ на хибриден систем 218 КС (160 kW)
макс. вртежен момент 221 Nm при 3.600-5.200 min-1
макс. вртежен момент на електро мотор 202 Nm
трансмисија на предни тркала преку E-CVT безстепен автоматски менувач
потпирање напред независен McPherson-oв систем, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/45 R18
каросерија седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.885 x 1.840 x 1.445 mm
меѓуоскино растојание 2.825 mm
траги (напред/назад) 1.590/ 1.615 mm
тежина 1.635 kg
максимална тежина 2.225 kg
багажен капацитет 524 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 180 km/h
забрзување 0-100 km/h 8.3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,5/ 4,7/ 4,3 л/ 100 km
емисија на CO2 100 г/км

Toyota Camry во Македонија:

Toyota Camry 2.5 Hybrid Auto Comfort 30.190 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Executive 32.190 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Elegance 34.190 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Luxury 36.690 евра

Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880

Конкуренти:

Mazda 6 oд 30.980 до 43.980 евра
Škoda Superb oд 32.175 до 39.701 евра
Ford Mondeo oд 23.100 до 46.000 евра
Volkswagen Passat од 29.408 до 42.226 евра

Погледнете ја галеријата:

Поврзани вести

Back to top button