fbpx

Тест VW Passat GTE: Транзиција кон комплетна електрична иднина

Бидејќи моделот Beetle оваа година престана да се произведува, Passat со својот стаж од 46 години стана најдолговечниот модел во групацијата

Од таа причина VW одлучи да му посвети повеќе внимание на седанот кој господари во класата на бизнис лимузини и да ја понуди најеколошки настроената опција на својот бестселер кој може да се движи само на електрична енергија.

Минимални промени во препознатлив стил

Надворешните промени на Passat како дел од ова ажурирање се сведени на минимум и се со суптилен карактер. Најочигледна разлика е додавањето на нови LED предни светла како стандарден дел од опремата, при што LED-единиците се појавуваат и на задниот дел од автомобилот.

Моделот Passat GTE добива својствен и уникатен стил, кој е претставен преку аголните LED-светла за дневно возење со С облик, во долните агли на предниот браник. На тој начин GTE се издвојува и дава на знаење дека сепак не се работи за обичен Passat туку за негова еколошки настроена верзија.

Компанијата Volkswagen ја задржува локацијата за полнење на батеријата дискретно скриена на страната на предната решетка. Акцентите на сината боја се протегаат преку малата сина ознака GTE на страните на предните крила до предните сопирачки кои ѕиркаат зад алуминиумските тркала.

Passat GTE

Слична е состојбата и со задниот дел од автомобилот. Заедно со новите LED задни светла, името Passat сега е впишано на средина од задната врата. Во меѓувреме, долниот дел на задниот браник го следи дизајнерскиот тренд кој ги глорифицира издувните цевки (т.е.маски).

Искуство од висока класа

Кабината останува добро поставена, а новиот управувач и неговите нови контроли за повеќето функции се лесни и интуитивни за употреба. Од компанијата велат дека дури до 80% од купувачите на Passat се деловни корисници, што значи дека многумина од нив поминуваат подолги периоди во возење. Токму затоа многу внимание е посветено со цел да се зголеми удобноста на седиштата во предниот дел.

Тоа не значи дека е нарушен комодитетот на задниот дел. Напротив, простор за главата и за нозе има во изобилство, благодарение на големото меѓуоскино растојание на Passat кое значително помага, воедно батеријата на хибридниот систем не зазема дополнителен простор, багажниот простор изнесува 586 литри со што е расчистена уште една дилема.

Што се однесува до останатиот дел од ентериерот, Volkswagen го одржува функционалниот дизајн, со мали промени во изгледот, најмногу за да се прилагоди на новата технологија. Тоа вклучува нов 11,7-инчен дигитален кокпит и нов инфозабавен систем со 9,2 инчен екран.

Истиот ја интегрира новата MIB3 платформа од последната генерација на компанијата што ја зајакнува функционалноста и им нуди на корисниците подобро искуство преку повисоко ниво на поврзаност, благодарение на вградената SIM картичка.

Поврзувањето со паметен телефон преку Apple CarPlay сега е безжично, но корисниците на Android Auto ќе треба да употребат кабел за да ги приклучуваат своите телефони. Има безжична подлога за полнење за уредите со можност за безжично Qi, додека портите за USB приклучок се од најновата тип С серија.

Идеален сооднос на моќ и економичност

Најзначајната нова карактеристика на Volkswagen Passat GTE е подобрувањето на батеријата и ефикасноста на хибридниот систем на автомобилот. Иако физичката големина на батеријата не е променета, таа има нови ќелии кои носат целосен капацитет до 13 kWh.

Passat GTE може да испорача автономија само на батерија до 56 километри(NEDC), што во суштина може да биде доволен, употреблив опсег на движење во секојдневно возење низ градските улици. Во моделот Passat GTE електричниот мотор е поврзан со 156 КС моќниот, 1.4 бензински TSI агрегат со што се обезбедува комбиниран излена моќ од 218 КС. Преносот е изведен преку одлично калибриран 6 брзински автоматски менувач кој силата ја упатува кон предните тркала.

Passat GTE

Неговите можности најдобро може да се осетат со избирање на режимот GTE, каде што истовремено работат бензинскиот агрегат и електричниот мотор, со што е овозможено да се постигнат максимални перформанси. Како најдобра опција кај GTE е неговиот паметен хибриден мод на работа, кој атоматски ја користи моќта на двата извори на енергија за да го оптимизира електричниот опсег и да ја минимизира потрошувачката на гориво.

За да се овозможи овој начин на работа системот користи комбинација на сензори и податоци за мапирање и континуирано следење на перформансите на автомобилот преку кои одредува како е најдобро да ја распореди силата со која располага во дадениот момент.

Доколку нивото на батеријата ги задоволува потребите, системот преферира автомобилот да функционира на струја, а доколку е потребно ќе го вклучи и бензинецот во игра, самата транзиција сe изведува незабележливо. Исто така, возачот може да избере опција која овозможува движење само на електричен погон, во тие моменти Passat е автомобил со нулта емисија на издувни гасови.

Возење со минимални трошоци

Кога сме кај електричната енергија вреди да се напомене дека полнењето на батериите во домашни услови трае речиси 6 часа додека на полначите кои се распоредени на територијата на нашата држава потребни се окулу 3,5 часа.

Passat GTE

Секако, батеријата може да се полни преку системот за регенерација на силата од сопирање или со помош на бензинскиот агрегат, но тоа ја поразува целта на системот, а воедно резултира со многу повисока стапка на потрошувачка на гориво.

Аналогно на приложеното се наметнува и прашањето колку чини изминат километар со Passat GTЕ? Одговорот не може лесно да се даде, пред сè зависи од тоа како се користи автомобилот. Доколку се употребува на струја, на секои 100 изминати километри треба да се земат околу 100 денари на сметката за електрична енергија, а доколку го полните на станиците на ЕВН низ државата нема да потрошите ниту денар, нивното користење засега е бесплатно.

Тука треба да се додаде и потрошувачката на бензин во хибриден режим која во просек за време на нашето дружење изнесуваше 5,5 литри, а би можела да биде и помалку ако и Вие се ставите во „електричен режим“.

Зад воланот Passat GTE е како и секоја изведба на овој модел, квалитетите се пренесени и во одредени делови подобрени. Одличен на долги патеки во висок ритам на возење, благодарение на начинот на кој електричниот мотор ја испорачува својата моќ, и неговиот значителен вртежен момент кој е на располагање од самиот почеток ја создава сензацијата на моментална моќност кога ќе побарате инстант забрзување, всушност, Passat GTE е еден од најбрзите модели во палетата.

Passat GTE

Тоа го покажуваат и бројките, забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 7,4 секунди, а максималната брзина изнесува 222 km/h. Што е уште поважно, меѓузабрзувањата се нешто што овој модел го има како адут, повторно благодарение на електриката.

Plug-in-хибридите се сè повеќе тема за разговор кај автомобилските љубители, а освежениот Passat GTE одсега влегува во фокусот како модел кој има намера да го предводи овој подсегмент што секојдневно привлекува сè поголемо внимание.

Цената на Volkswagen Passat GTE Plug-in Hybrid EV во Македонија е 39.900 евра.

Технички податоци за  Volkswagen Passat GTE Plug-in Hybrid EV
мотор Euro VI d-Temp, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.395 cm3
пречник и од 74,5 x 80 mm
степен на компресија 10:01
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 156 KС (115 kW) при .000 min/-1
максимална моќ на електро мотор 115 КС (85 kW)
максимална моќ на хибриден систем 218 КС (160 kW)
макс. вртежен момент 250 Nm при 1.550-3.500 min-1
комбиниран макс. вртежен момент на електро мотор 400 Nm
трансмисија на предни тркала преку 6 степен (DSG) автоматски менувач со двојна спојка
потпирање напред MacPherson систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 215/55 R17
каросерија седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.775 x 1.832 x 1.483 mm
меѓуоскино растојание 2.786 mm
траги (напред/назад) 1.578/1.572 mm
тежина 1.730 kg
максимална тежина 2.220 kg
багажник 586 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 222 km/h
забрзување 0-100 km/h 7,4 секунди
потрошувачка (hybrid просек)  1,6 l/100 km (освен просечна потрошувачка не постојат други официјални податоци)
емисија на CO2 36 g/km

Повеќе информации во Volkswagen Македонија или на тел. (02) 26 26 266.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button