Тест Volkswagen T-Roc R-Line: Компактен СУВ со карактеристики на премиум играч

Со новата генерација на T-Roc германскиот производител внесува зрела динамика, дигитална кабина од повисока класа и целосна хибридна стратегија како дел од формулата со која директно ја напаѓа горната зона на компактниот СУВ сегмент.
Со претставувањето на новата генерација на моделот T-Roc, Volkswagen не ни помислуваше да направи класичен фејслифт, тука целта е темелна реконструкција на еден од своите најуспешни модели. Од наведената причина тој е развиен од почеток и за него е изготвена нова архитектура, ревидирана моторна понуда, целосно редизајниран ентериер и значително повисоко технолошко ниво. Ова се клучните елементи кои уште на прв поглед ставаат на знаење дека T-Roc повеќе не игра во зоната на стилски компактни СУВ модели. Купе профилот, изразениот став и внимателно дозираниот спортски карактер, особено во R-Line изведбата, го позиционираат како еден од ретките модели што успеваат да балансираат помеѓу рационалност и емоција, нешто што ретко се постигнува, особено во овој сегмент.

Ставот во прв план
Ако говориме за надворешноста неминовно е да нагласиме дека новиот T-Roc стои пред вас со голема самодоверба, што пред се се должи на цврстата структура и дизајнот кој е истовремено препознатлив, но и целосно нов. Автомобилот е 122 мм подолг од претходникот и оваа поголема должина му дава поавторитетно присуство на патот без да го лиши од компактноста која го прави лесно управлив во град. Предниот дел е обликуван по новата филозофија на марката, тесните и остри ЛЕД светлосни групи со нов потпис ги поврзува светлечката лента која се протега преку целата ширина на маската, додека осветленото VW лого во центарот е детаљ позајмен директно од ID семејството.
Во R-Line изданието, предниот браник е понизок и поширок, со специфично оформени воздушни отвори и акценти кои дополнително ја нагласуваат широчината на возилото. Профилот открива мускулеста флуидност преку нагласените „рамена“, повисоката линија на прозорците и кратките препусти кои создаваат силуета во која СУВ карактерот и елеганцијата на купе се среќаваат во прецизна рамнотежа. Карактеристичниот купеовски пад на покривот кон задниот дел е зачуван, и токму тој детаљ го задржува далеку од безличниот, кутијаст изглед кој ги карактеризира повеќето конкуренти.
На задниот дел светлечкиот дел е повторно во фокус. Целосната ЛЕД лента која ги поврзува задните светла е инспирирана директно од моделот Tiguan, а осветленото лого на марката во средината на вратата од багажникот е особено впечатливо во ноќни услови. Дифузерот интегриран во задниот браник ја затвора приказната со потребната доза на спортски карактер, додека Canary Yellow нијансата со контрастен црн покрив го правеше „нашиот“ примерок да изгледа исклучителен каде и да се појавиме.

Чекор кон премиум сегментот
Ниту првиот момент при влегувањето во кабината нема да ве остава рамнодушни. Новата внатрешност претставува квалитативен скок кој веднаш се чувствува уште пред да го притиснете копчето за стартување на агрегатот. Облогите се изведени од специјално развиена ткаенина, нејзината мекост создава топло, „lounge“ чувство директно инспирирано од поголемиот Tayron. Оваа облога, во комбинација со амбиенталното осветлување креира атмосфера во кабината далеку повисока од „стандардната пластика” и е многу поблиску до она кое го очекувате во возила од значително повисока категорија.
Спортските предни седишта во R-Line изведбата со поскулптирен профил нудат поголема странична поддршка без жртвување на удобноста при долги патувања, рамнотежа која тешко се постигнува. Ако на предниот дел удобноста е висока, тогаш и патниците на задните седишта нема да имаат на што да се пожалат. Поради зголеменото меѓуоскино растојание, задниот ред добива забележливо повеќе простор за колена, а двајца возрасни со висина над 185 сантиметри можат да патуваат без чувство на збиеност.
Багажниот простор испорачува 475 литри, а со соборување на задната клупа, која патем има практичен отвор за скии, достигнува над 1.350 литри, просторна конфигурација способна да ги задоволи и најпребирливите млади семејства.
Технолошкото срце на новата кабина со сигурност е 12,9 инчниот инфотејнмент екран кој работи на нов софтвер, далеку порафиниран и побрз од претходно. Безжичната поддршка за Apple CarPlay и Android Auto се стандардни компоненти, исто како и напредната гласовна контрола на функциите. Ротациониот прекинувач на централната конзола е добредојдена новина, а воедно и долгогодишно барања на возачите, па така преку него се менуваат возните режими, а при притискање се контролира јачината на звукот, физичка контрола што повторно го враќа оној тактилен осет кој површините осетливи на допир едноставно не можат да го постигнат.

Пред возачот е поставен дигитален инструментален панел кој е целосно конфигурабилен, а новата опција е проекцискиот „Head-Up Display“ на предното стакло, што ја прикажува брзината, навигацискиот правец и информации за системите за асистенција директно во видното поле е за прв пат достапна во T-Roc.
Хибридизацијата од сега е стандард
Марката од Волфсбург одлучи целиот опсег на мотори кај новиот T-Roc да биде исклучиво хибриден. Нема повеќе „чист” бензинец, секој агрегат носи 48 волтна „mild hybrid“ технологија, а понудата ќе се прошири со помоќни хибриди подоцна оваа година.
Во R-Line изданието, изборот е 1.5 eTSI агрегатот со 150 коњски сили, и максимален вртежен момент од 250 Нм достапен во широкиот опсег меѓу 1.500 и 3.500 вртежи во минута. Четирицилиндричниот турбо агрегат со директно вбризгување е веќе познат, но 48 волтниот систем го прави фундаментално поинтересен. Интегрираниот стартер-генератор додава 19 КС краткотраен електро „boost“ при забрзување, а овозможува и целосно исклучување на моторот при пуштање на гаста на поголеми брзини. Практичниот ефект е двоен, мерливо помала потрошувачка и поагилни возни својства. Марката декларира просечна потрошувачка помеѓу 5,8 и 6,3 литри на 100 километри, а ние постигнавме 6,8 литри во комбиниран режим на возење, што е одличен резултат за возило со ова ниво на динамика. Како и моторизацијата, така и 7 степениот DSG автоматски менувач со двојна спојка е единствен избор во целата понуда за што сметаме дека е одлична одлука.
Менувањата во нормален режим на работа се мазни и неприметни до степен во кој заборавате дека воопшто постои менувач, додека во спортски режим прекинувачите зад воланот дозволуваат прецизна, рачна контрола со одзив од неколку милисекунди и полноправно возачко искуство. Иако R-Line пакетот го прави T-Roc за 15 мм понизок и дополнително поцврст, доволно добро реагира дури и на поголеми неравнини на градскиот асфалт, а на магистрални патишта при динамично возење се покажа особено конкурентен во контрола на навалувањата со прецизност која веќе сме ја подзаборавиле. Целата приказна се повторува и на долги рути, зрелоста со која настапува подвозјето е на завидно ниво што од друга страна го подигнува возачкото искуство во секој аспект.
Трансформацијата најмногу се забележува кога од „Comfort“ ќе префрлите во “Sport“ режим. Тогаш управувањето станува поостро и поинформативно, менувачот одлучно задржува пониски степени, а целата машина покажува поголема готовност и желба да одговори на возачките команди. Предниот погон е добро контролиран, благодарение на деликатно калибрираните ESC и ASR системи, специфично за R-Line изданието кои дискретно интервенираат само кога е навистина потребно, без да го попречуваат инспиративниот возачки момент.
Новиот T-Roc во R-Line изведба претставува јасен исчекор напред. Поголем, технолошки пософистициран и поефикасен, моделот успешно ја поместува границата меѓу масовниот и премиум сегментот. Со комбинација од модерен дизајн, дигитална кабина и стандардна хибридизација, T-Roc е сериозен кандидат да стане референтен модел во класата.

Цена на тестираниот модел: 49.600 евра
Технички податоци за Volkswagen T-Roc R-Line 1.5 eTSI 150 DSG
| Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 1.498 см3 |
| пречник и од | 74,50 x 85,90 мм |
| степен на компресија | 12,0:1 |
| Напојување | напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото |
| максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 5.000-6.000 min/-1 |
| макс. вртежен момент | 250 Нм при 1.500-3.500 min-1 |
| Трансмисија | напредни тркала преку 7-степен (DSG) автоматски менувач |
| Потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
| Сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| Пневматици | 225/50 R18 (напред) 225/50 R18 (позади) |
| Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.373 x 1. 828 x 1.573 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.629 мм |
| траги (напред/назад ) | 1.574/1.548 мм |
| Тежина | 1.474 кг |
| максимална тежина | 1.980 кг |
| Багажник | 475-1.350 литри |
| Резервоар | 50 литри |
| максимална брзина | 212 км/ч |
| забрзување 0-100 км/ч | 8,9 секунди |
| просечна потрошувачка |
5,8-6,3 л/100 км
|
| емисија на CO2 | 133 г/км |
Volkswagen T-Roc во Македонија
| Volkswagen T-Roc Life 1.5 eTSI DSG 115 | 36.025 евра |
| Volkswagen T-Roc Life 1.5 eTSI DSG 150 | 40.177 евра |
| Volkswagen T-Roc Style 1.5 eTSI DSG 150 | 41.337 евра |
| Volkswagen T-Roc R-Line 1.5 eTSI DSG 150 | 44.067 евра |
Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 26 266 или на www.volkswagen.com.mk
Конкуренти:
| Renault Symbioz | oд 24.450 до 37.190 евра |
| Mazda CX-30 | oд 26.000 до 46.285 евра |
| Hyundai Kona | oд 31.900 до 33.900 евра |
| Skoda Karoq |
од 29.360 до 37.600 евра
|
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е ДНА КОМУНИКАЦИИ.












































