fbpx

Тест Volkswagen T-Roc: Во ритамот на времето

Кога германскиот гигант Volkswagen го претстави својот кросовер модел T-Roc истиот месец компанијата објави дека спортско купе Scirocco заминува во легендите. Овој потег беше протолкуван како почеток на нов тренд, каде малите кросовери стануваат поинтересна и позабавна опција особено за младите клиенти. Покрај привлечниот стил, кросоверите имаат и други бенефити во однос на купе моделите, наметнувајќи се како идеални автомобили кај кои практичноста е одлично надополнета со атрактивен изглед и дизајн. Досега, овие атрибути покажаа дека се и повеќе од доволни за задоволување на потребите на купувачите, а големата побарувачка е доволен доказ за тоа

Динамична силуета и спортски стил

Урбаниот кросовер T-Roc е претставен како четврти член во SUV асортиманот на Volkswagen, со смел и впечатлив дизајн, T-Roc зрачи со силен и самоуверен изглед, зајакнат со спортската силуета на купе. Надворешноста изобилува со интересни карактеристики, а палетата на бои нуди широк спектар со разни можности за прилагодување, кои овозможуваат будење на креативноста кај идните сопственици.

Големиот преден отвор за воздух, дизајнот на страничните прагови и моќниот изглед на задниот дифузер, покажуваат колку е навистина динамичен и забавен овој модел. На страничната силуета се забележува острата и строга линија која се протега од почетокот до самиот крај на возилото која на специфичен начин го нагласува спортскиот карактер. Забележителни се и кратки, широки пропорции нагласени со хромирани завршетоци, како и карактеристичен светлосен концепт на задниот дел, заснован на добро познатата LED технологија.

Volkswagen T-Roc

Дека дизајнерскиот тим успешно ја завршил работата воопшто не станува збор, бидејќи позитивните реакции на динамичниот и атрактивен изглед ги добивме како „фидбек” од љубопитните лица кои секојдневно не сретнуваа додека автомобилот ни беше позајмен на тест возење. Севкупно земено на екстериерот е искористен добитниот рецепт од кој може да се заклучи дека е пријатен за око со динамична нота, но и семеен карактер кој добро ќе се носи со годините.

Функционална средина

Кабината на T-Roc очекувано го наследува тековниот стилски јазик на брендот. Ако сте возеле некој од поновите автомобили кои ни доаѓаат од производните ленти на германската марка тогаш со сигурност кога ќе ја отворите вратата на Т-Roc ќе сретнете ентериер кој што по многу елементи ќе ве асоцира на добро познато опкружување. Принципот за градење на внатрешноста е воден од идејата, максимален комфор и функционалност, за што во целост мислиме дека им успеало на инженерите.

Комфорните предни седишта, извонредната ергономија, логички распоредените примарни и секундарни команди го прават престојот во кабината пријатен без разлика дали станува збор за кратка релација или подолго патување. Позицијата за возење е одлична, со добро поставенoст во однос на педалите, управувачот и прекинувачите на таблата. Просторот кај задната клупа поради краткото меѓуоскино растојание е намален, па така удобноста на три возрасни патника би била малку нарушена. Капацитетот на багажниот простор во нашиот случај има волумен од 445 литри, и по сите параметри покажува дека неговиот габарит е сосема доволен за 4 члено семејство.

Volkswagen T-Roc

Материјалите кои се употребени за изработка на кабината се од висококвалитетни материјали, но не насекаде се меки на допир како што сме навикнати да сретнуваме кај возила од оваа категорија со знакот на VW. Неизоставен дел од модерната внатрешност кај новите возила е потребата од голем екран преку кој се командува со секундарните функции и повеќето апликации. Затоа кај T-Roc во средината на централната табла е поставен 8-инчен инфозабавен систем со екран на допир, кој овозможува спојување на Android Auto и Apple Car Play. Во поглед на поврзувањето, достапни се две USB порти, читач за SD картички, како и стандардниот Bluetooth, кои заедно овозможуваат задоволително ниво на конекција со што T-Roc ја покажува својата наклонестост кон публиката која има активен животен стил и секојдневна потреба да биде во центарот на случувањата.

Забавен за управување

Тестираниот модел со кој се дружевме неколку денови беше во дизел варијанта, опремена со 1.6 литарскиот TDI мотор, кој му обезбедува на овој кросовер моќност од 115 КС и вртежен момент од 250 Nm. Пропратен од шест-степен рачен менувач, овој T-Roc од 0 до 100 километри на час забрзува за солидни 10,9 секунди, притоа достигнувајќи максимална брзина од 187 километри на час.

Како проверена ставка во пакет доаѓа и ниската потрошувачка која се движеше во рамките на 7 литри на секои 100 изминати километри. Моторот повлеува уште од ниските вртежи и на моменти остава чувство како да поседува повеќе од фабрички декларираната моќ. Силата се испорачува линеарно, а ефектот на таканаречената турбо дупка речиси е во потполност избегната, карактерот и динамиката во работењето во целост одговараат со природата на ова возило. Понудените перформанси го прават малиот SUV навистина забавен за управување.

Volkswagen T-Roc

Тежината од 1.395 килограми нема значително влијание при влегувањето во свиоци, каде спортскиот карактер и агилноста доаѓаат до израз. Сепак, сè е во очекувани граници за еден компактен кросовер каде одличното подвозје сигурно го носи автомобилот во предходно зададениот правец. Моделот T-Roc е базиран на MQB платформата на Volkswagen, на која исто така се изградени VW Golf, Seat Leon и Audi A3, па така епитетот „робусен и висок Golf“ е според нас е сосема оправдан за овој кросовер. Што се однесува до удобноста при возењето, системот за потпирање добро се справува со нерамнините на патот. Управувањето е одлично, а тука е високото ниво на послушност на управувачот.

Познавајќи ги добро своите способности, T-Roc не ги сокрива амбициите дека сака да стане новиот продажен хит и да го повтори успехот кој компанијата го направи со неговиот постар брат, моделот Golf.

Цена на тестираниот примерок 24.783 евра

Технички податоци за Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 КС
Мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
Работна зафатнина 1 .598 см3
Пречник и од 79,5 x 80,5 мм
Степен на компресија 16,2:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Максимална моќ 115 KС (86 kW) при 3.250 min/-1
Макс. вртежен момент 250 Nm при 1.750-3.200 min-1
Трансмисија на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач
Потпирање напред McPherson-oв систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови,назад дискови ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/60 R16 (напред) 215/60 R16 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
Должина х Ширина х Висина 4.234 x 1.819 x 1.573 мм
Меѓуоскино растојание 2.59 мм
Траги (напред/назад) 1.538/1.533
Тежина 1.395 кг
Максимална тежина 1.83 кг
Багажен капацитет 445 литри
Резервоар 50 литри
Максимална брзина 187 км/ч
Забрзување 0-100 km/h 10,9 секунди
Потрошувачка (отворен пат/град/просек)  3,9/5,1/4,3 л/100 км
Емисија на CO2 113 г/км
Volkswagen T-Roc  во Македонија
Volkswagen T-Roc 1.0 TSI 115 КС 20.242  евра
Volkswagen T-Roc Style 1.5 TSI 150 КС 23.763 евра
Volkswagen T-Roc Style 2.0 TSI 190 КС DSG 4Motion 29.098 евра
Volkswagen T-Roc Sport 1.5 TSI DSG 28.352 евра
Volkswagen T-Roc Sport 2.0 TDI 150 КС DSG 30.327 евра
Volkswagen T-Roc Sport 2.0 TDI 150 КС DSG 4Motion 32.008 евра

Повеќе информации во Порше Македонија или на тел. (02)26 26 366.

Конкуренти:
Hyundai Kona oд 18.416 до 31.290 евра
Mazda CX3 oд 18.480 до 32.980 евра
Toyota C-HR oд 24.890 до 29.590 евра

Поврзани вести

Back to top button