fbpx

Тежината на батериите е проблемот за електрификацијата на Cayman и Boxster

Од Porsche со објаснување дека тежината на батериите секогаш ќе биде проблем за електрификацијата на спортските двоседи како Cayman и Boxster

Кај спортските автомобили императивот е тие да бидат лесни, моќни и да пружаат чувство на брзина, како преку звукот, така и преку реалните перформанси. Склопувањето на сите аспекти во една целина треба да се изведе внимателно, а симнувањето на вишокот маса и максимизирање на потенцијалот, отсекогаш биле приоритет. Во случај на креирање на спортски автомобили кои воедно поседуваат електричен погон, актуелната технологија на батериите е таква што тие едноставно се претешки. Тоа е случајот со Porsche Cayman и Boxster.

Тимот за истражување и развој на Porsche го призна токму тоа за време на виртуелната прес-конференција за Женева. Шефот на овој тим, Михаел Штајнер истакна: „Тестираме неколку електрифицирани Boxster модели за да стекнеме експертиза и знаење во врска со начинот на кој се однесува електричниот спортски автомобил, како купе двосед со две врати. Меѓутоа, се уште нема финални одлуки“. Додека потешките GT автомобили како Taycan можат да се носат со дополнителната тежина која ја носат батериите, Штајнер вели дека тој „вишок на маса“ кај спортските автомобили „не е задоволувачки во денешно време“.

Следниот електричен автомобил на Porsche ќе биде SUV

„Ова е една од причините зошто нашиот следен електричен автомобил ќе биде мал SUV, а не некој спортски модел со две врати“, вели Штајнер. Тој всушност мисли на новиот Macan за 2021 година, кој на некои пазари ќе биде во понуда исклучиво во електрична варијанта.

Проектот за електрификација на спортско ориентираните модели е во тек, но крајот на процесот се уште не се наѕира. Напредок постои, но тој е бавен и врзан за прогресот на планот за литиум-јонските батерии. Porsche чека на шанса да направи позначителни „диети“, што ќе биде можно со батериите во цврста состојба.

Она што може да се предвиди е напредокот од 2-3 проценти годишно, кога станува збор за литиум-јонските батерии. „Се уште не сум задоволен од тежината. Меѓутоа, тоа не значи дека нема да има електрични спортски модели“, заклучи Штајнер. Иако сите очи во моментов се насочени кон Taycan, Porsche веќе сега е зафатен со работата на технологијата за електрични двоседи и покрај тоа што официјално не е дадено зелено светло. Засега, се очекува Cayman и Boxster да останат со конвенционални мотори, барем до следната генерација.

Поврзани вести

Back to top button