Toyota подготви Adventure варијанта на Yaris Cross
Toyota Yaris Cross пред извесно време ја доживеа својата премиера, а јапонскиот производител ја прошири понудата со додавање на Adventure варијанта
Yaris Cross своето прво официјално појавување во јавноста го имаше пред речиси една година, а веќе добива ново визуелно унапредување. Иако нема да добие перформансна верзија, сепак Toyota го претстави најновиот додаток во поставата, а тоа e Yaris Cross Adventure.
Слично како и кај стандардниот Toyota Yaris Cross, така и новиот Yaris Cross Adventure е поставен на TNGA платформата, но она што овој модел го разликува од стандардниот е поистакнатиот агресивен изглед и грубост, како што наведува и самото име. Toyota го опреми својот кросовер со нов преден браник со „оф-роуд“ дизајн. Слично е и на задната страна каде новиот трим на браникот веднаш паѓа во очи. Yaris Cross Adventure моделите исто така пристигнуваат и со сет на сребрени покривни шини како стандарден дел од опремата заедно со 18-инчни тркала финиширани во темно сива боја. Како што велат од Toyota, новиот трим е дизајниран „за живот надвор од урбаните средини, за реме поминато во истражување и уживање во природата и отворените патишта“.
Premiere Edition верзија
Промените продолжуваат и во внатрешноста каде покривната прекривка е во црна боја, тука е и сјајно црниот „piano black“ трим, уникатниот дизајн на седиштата и Warm Gold декоративната линија која се протега долж целата контролна табла. Купувачите кои ќе се одлучат за Yaris Cross Adventure исто така можат да ја изберат и врвната Premiere Edition. Овој модел додава кожен тапацир во кабината, задна врата со сензори, head-up екран, опција за голем број двобојни комбинации на екстериерот и специјални 18-инчни тркала од лесна легура. Premiere Edition опцијата ќе биде достапна за првите 12 месеци од продажбата.
Во Европа, Toyota Yaris Cross, вклучително и Adventure варијантата, се напојува со 1,5-литарскиот Atkinson цикличен мотор кој работи заедно со мал електромотор со што заедно испорачуваат 114 КС. Компактниот SUV исто така пристигнува и со интелигентен систем за погон на сите четири тркала кој автоматски менува од погон на предните во погон на сите четири тркала зависно од условите на патот.
Нарачките во Европа ќе бидат отворени на почетокот од вториот квартал на 2021 година, а продажбата ќе започне во септември.