fbpx

Toyota Proace City доби електрична варијанта во Европа

Јапонскиот производител Toyota уште пред речиси две години најави проширување на поставата на Proace City, а сега пристигна електричната варијанта на комерцијалното возило

Toyota Proace City ја доби својата електрична варијанта за европскиот пазар, две години откако јапонската компанија го најави проширувањето на поставата на својот комерцијален модел и тоа само неколку месеци откако брендот го претстави поголемиот Proace Verso со нулта емисија на CO2.

Исто како и во случајот со Proace Verso, така и компактното лесно комерцијално возило е произведено од страна на поранешната PSA групација која сега е дел од Stellantis, со што моделот е базиран на нивната серија на компактни комбиња која ги вклучува моделите како Peugeot Partner, Citroen Berlingo и Opel Combo.

Електричниот Proace City треба да пристигне во продажните салони ширум Европа во последниот квартал од годинава, а двата нови модели ќе бидат лансирани во различни конфигурации и тоа како класично комерцијално возило, но и како автомобил со пет и седум седишта за патници со стандардно и продолжено меѓуоскино растојание. Товарните и влечните капацитети на конвенционалниот модел се пренесени и кај електричната варијанта, а истите изнесуваат 800, односно 750 килограми.

Иста опременост како конвенционалните верзии

Новиот Toyota Proace City го користи истиот електричен погон како и Proace Verso. Тоа значи електромотор кој ги придвижува предните тркала и генерира моќност од 136 КС и 260 Nm вртежен момент, како и 50 kWh батерија. Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за време од 11,2 до 11,7 секунди, зависно од конфигурацијата, а максималната брзина е ограничена на 135 километри на час. Максималниот опсег на движење е помеѓу 260 и 280 километри според WLTP циклусот.

Proace City

Полнењето на батеријата со користење на стандарден еднофазен „on-board“ полнач трае 7,5 часа. Со опционалниот трифазен 11 kWh полнач времето се намалува на пет часа. Батеријата исто така поддржува и 100 kW брзо полнење и може да се наполни до 80 проценти за 30 минути.

Proace City има и селектор кој им овозможува на возачите да избираат меѓу Eco, Normal и Power режими на возење. Секој од нив ја прилагодува моќноста и вртежниот момент.

Нивоата на опременост ќе бидат исти како и кај конвенционалните верзии. Така, Toyota Proace City Electric ќе биде лансиран во Base и Comfort спецификации, додека Verso ќе се нуди во Combi, Shuttle, Family и Family+ верзии.

Поврзани вести

Back to top button