Ултра реткиот Rimac Concept One е на продажба

Rimac Concept One е прилично редок автомобил, а еден од ретките во светот сега оди на продажба и тоа за мошне висока сума

Rimac последните денови е мошне актуелен во светските медиуми поради можноста да го откупи Bugatti во замена за тоа Volkswagen групацијата да добие поголем удел во хрватската компанија. Сега, Хрватите повторно се во фокусот и тоа поради еден од најретките автомобили на денешницата – Rimac Concept One.

До ден денешен не е познато дали постојат седум или осум Concept One единици кои се произведени, вклучително и оној кој Ричард Хамонд неодамна го искрши. Бројката можеби звучи маргинална, но за електричен хиперавтомобил од милиони долари, секое возило е важно.

Еден таков редок примерок е забележан во Manhattan Motorcars. Њујоршкиот дилер на луксузни автомобили има специјално возило во свој посед и станува збор за еден од многу малкуте преостанати Concept One примероци во светот.

За оние кои не знаат, Concept One претставува електричен хиперавтомобил кој е легален за возење на патиштата. Автомобилот има 1.224 КС и 1.600 Nm вртежен момент кои пристигнуваат од четирите електромотори.

Rimac Concept One

Моделот Concept One многумина го сметаат за прв електричен хиперавтомобил, а откако беше претставен во 2013 година, испорачани се само осум (или седум) примероци. Спринтот до „стотка“ го стигнува за 2,5 секунди, а максималната брзина е 340 километри на час. Исто така, Concept One може да помине 350 километри со само едно полнење. Фабричката цена на новиот примерок изнесувала 980.000 долари.

Знаејќи го сето тоа, шансите да се појави некој Rimac Concept One во продажба беа исклучително мали. Но, од Manhattan Motorcars тврдат дека поседуваат еден примерок во сина боја со златно обоен ентериер. Цената на нивниот примерок изнесува 1,6 милиони долари.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close