Викенд Тарифа: Бред Пит и Џорџ Расел во реклама за новиот електричен AMG
Бред Пит и Џорџ Расел се здружија во Лас Вегас за да го промовираат новиот електричен Mercedes-AMG GT 4-Door Coupe

Mercedes-AMG работи интензивно на својот нов целосно електричен GT 4-Door Coupe, а за најновата промотивна кампања ангажира две огромни ѕвезди – холивудскиот актер Бред Пит и F1 возачот на Mercedes, Џорџ Расел.
Откако Пит ја играше главната улога во филмот „F1“, тој минатиот викенд беше во Лас Вегас на трката од Формула 1. Токму таму германскиот бренд донесе замаскиран прототип на новиот AMG модел и му овозможи на Расел да го вози по прочуениот „Las Vegas Strip“.
Новиот AMG како ривал на Taycan и RS e-tron GT
Прототипот што се појавува во видеото е всушност патна верзија на AMG GT XX, претставен претходно оваа година. Производниот модел задржува елегантен, спортски дизајн и ќе биде директен конкурент на Porsche Taycan и Audi RS e-tron GT.
Иако идејата за целосно електричен AMG може да ги вознемири традиционалистите, Mercedes-AMG уверува дека динамиката, забавата и перформансите се на највисоко ниво.
Новиот електричен AMG GT 4-Door Coupe е изграден врз платформата AMG-EA, која комбинира алуминиум, челик и лесни композити. Се очекува серискиот модел да користи три аксијални електромотори со комбинирана моќност над 1.000 КС, што го позиционира меѓу најмоќните електрични лимузини на пазарот.



