Викенд тарифа: VW со ретро Harlequin модел во чест на Polo

Volkswagen го одбележува 50-годишниот јубилеј на легендарниот Polo со уште едно издание кое нема да помине незабележано – рели верзија на малиот хечбек, обложена во легендарната Harlequin шема. Дизајнот, инспириран од оригиналните Harlequin модели од 90-тите, е визуелна експлозија во сини, црвени, жолти и зелени нијанси.
Легендата Harlequin оживува во рели стил
Шарената рели машина беше избрана од страна на фановите на Volkswagen преку социјалните мрежи, кои гласаа меѓу четири различни варијанти. Победничкиот дизајн комбинира препознатливи нијанси како Chagallblau (сино), Flashrot (црвено), Ginstergelb (жолто) и Pistazie (зелено), дополнети со црни графики и ознаки „Polo 50 years“.
Ова шоу-возило е реплика на Polo R World Rallycross од 2018 година, со проширен bodykit и екстремна аеродинамика налик на шампионскиот Polo R WRC, со кој Sébastien Ogier освои четири последователни титули во Светскиот рели шампионат (WRC) од 2013 до 2016. По WRC ерата, моделот оствари успех и во Rallycross сериите, каде Johan Kristoffersson доминира со шест титули од 2017 година наваму.
Harlequin: од реклама до култен статус
Инспирацијата за Harlequin изведбите доаѓа од реклама за обоен Beetle од 1964 година. Првиот сериски модел, Polo Harlequin, беше претставен во 1995 година во ограничена серија од 1.000 примероци за европскиот пазар. Секое возило имаше четири различни панели во шарени бои, благодарение на процесот на мешање и заменување делови од различни Polo модели – што резултираше со уникатен изглед на секој автомобил.
Популарноста на концептот доведе до уште неколку Harlequin верзии: 264 примероци од Golf Harlequin за Северна Америка во 1996 година и 141 примерок од класичниот Beetle Harlequin за Мексико една година подоцна. Во 2021 година, холандскиот огранок на VW претстави и уникатен Polo Harlequin, иако тој никогаш не беше достапен за купување.
Јавна премиера и идни активности
Новата рели верзија на Polo со Нarlequin боите ја имаше својата јавна премиера на настанот Spring Scramble на Bicester Motion во Велика Британија. Таму беше изложена покрај првата, втората и шестата генерација на серискиот Polo. По оваа премиера, автомобилот ќе биде дел од низа активности во текот на 2025 година, посветени на прославата на половина век од постоењето на моделот Polo.
Volkswagen со оваа уникатна комбинација на историја, боја и перформанси уште еднаш покажува дека Polo останува повеќе од обичен градски автомобил – тој е културна икона во постојана еволуција.