Volkswagen го претстави Golf GTI Clubsport

Беше само прашање на време кога Volkswagen ќе лансира помоќна варијанта на Golf 8 GTI, а сега истата конечно пристигна во ликот и делото на Golf GTI Clubsport

Пазарот за хот хечот на Volkswagen продолжува да расте, па поради тоа е и очекувано што германскиот бренд го претстави Golf GTI Clubsport. Исто како и стандардниот GTI, така и Clubsport варијантата се напојува со 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор. Сепак, ако стандардниот модел испорачува 242 КС и 370 Nm максимален вртежен момент, што е послабо во однос на главните ривали, GTI Clubsport испорачува далеку пореспектабилни 296 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Ова е достигнато со зголемениот интеркулер, новиот Continental турбополнач и штелуваниот ECU софтвер.

Во комбинација со моторот пристигнува седумстепен менувач со двојна спојка кој ја испраќа моќноста на предните тркала. од Volkswagen истакнуваат дека Golf GTI Clubsport достигнува до „стотка“ за помалку од 6 секунди, додека максималната брзина изнесува 250 километри на час. Трансмисијата со двојна спојка има пократок брзински сразмер во однос на регуларниот GTI.

VW Golf GTI Clubsport пристигнува со VAQ електромеханичко заклучување на предниот диференцијал кој го заменува електронскиот XDS систем на стандардниот GTI. Овој нов диференцијал може да биде адаптиран зависно од возачките режими. Од Volkswagen истакнуваат дека се унапредени и управувањето, системот на потпирање и сопирачките. Dynamic Chassis Control (DCC) системот исто така бил унапреден да вклучи 15 поставки помеѓу Comfort и Sport возачките режими. Треба да се напомене и дека Golf GTI Clubsport е опремен со специјален режим за возење, во случај сопственикот некогаш навистина да замине на славната патека Нирбургринг. Овој режим се нарекува Special и е специјално подготвен за возење токму на оваа патека.

Од визуелна гледна точка, Golf GTI Clubsport вклучува карактеристичен преден браник со нов сплитер, 19-инчни тркала, како и дводелен заден спојлер. Хот хечот исто така има и црни графици на страничните прагови, додека во внатрешноста промените се ограничени на новиот материјал на седиштата. Цените и достапноста на моделот допрва треба да бидат објавени.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close