Volkswagen одбива да го продаде Lamborghini
Групацијата Volkswagen, односно Audi, нема намера да го продаде италијанскиот бренд Lamborghini и покрај примамливата понуда која ја доби
Британски Autocar и германски Automobilwoche пред неколку дена ексклузивно откриja дека Volkswagen групацијата добила понуда во висина од 7,5 милијарди евра од страна на швајцарската инвестициска група Quantum Group за да го продаде Lamborghini, но според најновите информации, VW, поточно Audi, одбива да го продаде италијанскиот бренд, а тоа го потврди и извор од германската компанија кој истакна дека „Lamborghini не е на продажба и не е предмет на никаква дискусија во рамките на групата“.
Lamborghini блесна под водство на Volkswagen групацијата, а италијанската марка работи подобро од било кога, пред се благодарение на успехот на SUV моделот Urus. Токму поради тоа, компанијата останува под целосна контрола на Audi додека се подготвува да ја прифати електрификациската иднина.
Инаку, понудата на Quantum Group наводно вклучувала гаранции дека актуелните вработени лица во Lamborghini ќе продолжат со работа уште најмалку пет години, како и дека ќе отворат нови 850 работни места. Швајцарскиот конзорциум сакал да откупи се што е поврзано со името Lamborghini, почнувајќи од фабриката, па се до мотоспорт операциите.
Продажбата и судбината на Lamborghini веќе подолго време е тема во автомобилската сфера. Во претходниот период овој производител повеќе пати беше споменуван во контекст на продажба, но до такво нешто не дојде. Неодамна Volkswagen групацијата стави крај на овие шпекулации со соопштение дека Lamborghini ќе остане дел од групацијата, што јасно укажува на тоа дека VW има сериозни планови за марката и покрај тоа што вложува сериозни пари во електрификација, а сумата која ќе ја добиеше за Lamborghini ќе можеше да ги покрие сите трошоци.
Минатата недела шефот на италијанскиот производител, Стефан Винкелман, ги откри плановите на Lamborghini и потврди дека во следните години ќе бидат вложени повеќе од милијарда евра во развој на хибридни возила, а од 2025 или подоцна ќе пристигне и првиот целосно електричен модел на марката.