fbpx

VW групацијата добила понуда да го продаде Lamborghini

Италијанската марка Lamborghini веќе некое време се соочува со неизвесна судбина во рамките на Volkswagen групацијата, а сега на повидок е решение

Инвестициската група Quantum Group AG испратила понуда во висина од 7,5 милијарди евра до Volkswagen групацијата со цел да го откупи Lamborghini, пренесува Autocar. Сето ова се уште не е официјално потврдено. Исто така, засега нема информации дали VW има намера да ја прифати понудата или дополнително ќе навлезе во преговори.

Судбината на Lamborghini и онака беше неизвесна во рамките на Volkswagen групацијата, а се споменуваше и можноста за продажба на италијанскиот бренд, како дел од „реосмислувањето“ и ревидирањето на статусот на своите брендови, меѓу кои и Bugatti и Ducati, но кон крајот на 2020 беше одлучено да не се продаваат овие брендови. Но, сега сето тоа би можело да се смени.

Quantum Group е холдинг компанија базирана во Цирих, Швајцарија и има блиска врска со Порше семјството. Реа Старк го претставува Quantum во понудата за Lamborghini, а тој исто така е коосновач на Piech Automotive заедно со Антони Пих, кој е син на поранешниот шеф на VW Групацијата Фердинанд Пих и правнук на Фердинанд Порше. Сепак, нејасно е дали Антон Пих има некаква улога во овој обид да се откупи Lamborghini.

Но, Quantum Group сака да купи многу повеќе отколку само името Lamborghini. Договорот ќе вклучува и откуп на целиот комплекс во Сант Агата, Италија, како и мотоспорт активностите на компанијата. Исто така, ќе има и петгодишен договор за снабдување со Audi. Toa веројатно ќе му овозможи на Lamborghini да продолжи да ги произведува актуелните модели додека подготвува нови.

Quantum сака да го обликува брендот како „лидер за иновации со конзистентно спроведување на нови технологии за чист погонски систем“, како што стои во податоците кои ги откри Autocar. Групацијата исто така сака да ја споделува и ЕВ технологијата со Audi. Инвестициската група предлага и отворање на напреден автомобилски иновативен центар во Германија за развој на батерии.

Каква ќе биде судбината на Lamborghini и дали VW групацијата ќе ја прифати понудата на Quantum Group, засега е нејасно. Она што е сигурно е дека ќе треба да помине некое време пред целосно да се кристализираат работите.

Поврзани вести

Back to top button