Возевме: 2019 Opel Astra

Освежената Astra доаѓа со минимални естетски промени, а главните подобрувања се во поглед на подвозјето и погонските агрегати

Петтата генерација на германскиот популарен хечбек беше претставена во 2015 година, a по речиси четири години таа доби и своја редизајнирана варијанта. Освежената Opel Astra подобро ја запознавме на краткото дружење во околината на Франкфурт, Германија, каде имавме прилика да ги тестираме и моторните изведби.

Во поглед на дизајнот, германците скромно промениле само неколку детали, со цел да ја задржат актуелноста и атрактивноста на моделот. Внатрешност останува иста како моделот во заминување, додека пак во надворешниот дел промените би ги забележиле само вистинските фанови и познавачи на моделот.

Новиот дизајн на горната и долната решетка во предниот браник придонесува кон зголемување на аеродинамичниот профил, а забележлива е и промена кај предните фарови, кои доаѓаат со поизразени LED дневни светла, чии детали се надоврзуваат со хормираниот дел на предната решетка.

Opel Astra

Сепак, ревизиите кај новата Astra се далеку поизразени под кожата на автомобилот, каде шасијата и технологијата добиваат голем број ажурирања, пропратени од нов асортиман на бензински и дизел мотори. На оваа листа се наоѓа и системот за потпирање, кој Opel го има преработено со цел да го одржи својот хечбек конкурентен на Volkswagen Golf, Ford Focus и Mazda 3. Новиот сет на амортизери сега имаат задача да го зголемат квалитетот на возење и удобноста на Astra.

Како што веќе напоменавме, најглавните промени се случуваат токму под моторниот капак на новата Astra. Погонскиот асортиман сега е надополнет со три нови мотори, меѓу кои два бензински и еден дизел. Бензинскиот спектар се состои од три-цилиндарски единици со турбо полнач, со големина од 1,2 или 1,4 литри.

Моторот со 1,2 литри се нуди во три варијанти, при што секоја е стандардна со шестстепен мануелен менувач. Опсегот на моќност варира од 110 до 145 коњски сили, со просечна потрошувачка на гориво од 5,2 до 5,9 литри на 100 километри.Opel Astra

Како и најмоќниот 1,2 литарски бензинец, така и 1,4 литарската единица обезбедува моќност од 145 коњски сили со вртежен момент од 236 Nm, поврзана со CVT менувач кој доаѓа како стандард. На дизел листата се наоѓа 1,5 литарскиот три-цилиндарски мотор со електронски турбо полнач, кој е понуден во две верзии.

Првата, преку шестстепен мануелен менувач испорачува моќност од 105 коњски сили и 260 Nm вртежен момент, додека пак помоќната обезбедува моќност од 122 коњски сили и 300 Nm. На листата на менувачи достапен е и деветстепениот автоматски менувач, прв за Opel во историјата. Благодарение на овие погонски конфигурации, Opel со гордост ја нарекува најефикасната Astra до сега.

Она што можевме ние да го искусиме од краткото дружење со двете бензински изведби и што ни остави впечаток, е мирната и тивка работа на двата мотори. Како што веќе напоменавме, сите нови мотори кај Opel AstraAstra доаѓаат само во пакување од три-цилиндри, па ова пријатно нѐ изненади.

Помалата 1,2 литарска единица која ја тестиравме беше во 110 коњска изведба со шестстепен рачен менувач и се покажа како прилично економична, еластична и агилна опција. Помоќниот 1,4 литарски бензински мотор исто така се докажа со мирниот работен режим, а кон ова допринесува секако и CVT, односно безстепениот автоматски менувач.

Управувањето ги надмина нашите очекувања, а изненадување беа вентилираните седишта и користењето на апликации(навигација) со поврзување на паметен телефон, кој безжично може да го полните во новата практична преграда.

Поврзани вести

Back to top button