fbpx

Porsche пеколни машини крај Jадранот

Porsche на регионалната презентација во Трогир ни ги претстави Panamerа Sport Turismo и Panamera Turbo SE Hybrid со 685 КС

Во Porsche знаат да одберат сè што е добро. Уживавме во убавините на јадранското крајбрежје зад управувачите на неговите ѕверки, на потегот од Трогир до Паг и имавме извонредна прилика да се запознаеме со нивните вредности и детали со кои штутгарскиот спортски гигант влегува во една друга сфера.

Panamera Sport Turismo

Panamera Sport Turismo

Уште на своето деби Panamera Sport Turismo, караванската изведба на најпрестижната лимузинска верзија на Porsche, во Женева предизвика бурни реакции. Некои се противеа на тоа дека спортскиот гигант оди премногу во поинакви насоки од она што клиентите навикнале, но други пак не го делеа истото мислење.

Така беше и на оваа регионална презентација, разни реакции кај нашите колеги, за да на крајот се сложиме дека нема сомневање ова е најубавиот и најпосебен модел што штутгартскиот производител го има во гамата. Вреди да се напомене дека ова е трета изведба врз Panamerа, по стандардната и продолжена верзија Executive. Едноставно ова остварување би требало да го оквалификуваме како караван зад чија петта врата се кријат сосема солидни 520 литри или 50 повеќе. Ама, некако не оди она караван со Porsche, опа би се изразиле онака трендовски shooting brake модел со пет врати.

Простран багажен простор

Нема сомневање дека оние 520 литри импресионираат, но со оглед дека мора да го опишеме до крај ова остварување, чија главна цел е токму потребниот простор да потенцираме дека со соборување на задната клупа расте дури до 1.390 литри. При тоа пристапот до онаа „црна дупка“ е лесен, а ефикасноста извонредна. Па така, без никаков срам, освен на семејно или деловно патување со изведбата може да се упатите до Ikea по некое парче мебел.

Што се однесува до вкупните димензии вака креираната Panamera Sport Turismo пристигнува со должина од 5.049 mm, широчина од 1.937 и само 5 mm поголема висина од обичната Panamerа. Интересен е и фактот што во ST на задната клупа може да се сместат тројца(2+1), а во обичната само двајца патници. Голема новина кај оваа изведба секако е активниот заден спојлер, кој се регулира во три нивоа, во зависност од управувањето и брзината.

Адаптивниот спојлер работи во комбинација со сончевиот покрив

Како што ни беше предочено во понуда ќе се најдат следниве изведби: Panamera 4 Sport Turismo со 330 KС, Panamera 4 E-Hybrid Sport Turismo со 462 KС и Panamera Turbo Sport Turismo со 549 KС. Најинтересна е втората изведба која пристигнува со 4.0 литарски twin-turbo V8 во спрега со 8-степен PDK менувач со две спојки, кој силата ја пренесува на сите четири тркала, до стотка забрзува за 3,8 секунди (3,6 со Sport Chrono пакет), а максималната брзина е 304 km/h.

Што се однесува до возните својства, во кои можевме да се увериме во целост, на овој петметарски караван – „капата долу“. Благодарејќи на воздушното потпирање едноставно „лебди“ на патот, а турбо дупката карактеристична за ваквите машини овде е во целост испеглана. При зголемени брзини турбото ги покажува своите „заби“, особено во модовите Sport и Sport +.

Porsche Panamerа Turbo SE-Hybrid

Освен Panamerа Sport Turismo, Германците во Трогир ни ја претставија и пеколната хибридна варијанта Panamerа Turbo SE-Hybrid, моментно најмоќниот модел во понудата со вкупно 685 КС. Всушност се работи на комбинација на V8 twin-turbo агрегатот, кој развива 549 КС и електромотор со 136 КС. Навистина е прекрасно задоволството да се најдете зад управувачот на оваа ѕверка која до стотка забрзува за 3,5 секунди и која вртоглаво достигнува до максималните 310 km/h, а притоа троши околу 3 литри гориво.

Агрегатот е во спрега со автоматски осумстепен менувач PDK со две спојки. Само во електричен режим Panamera Turbo SE-Hybrid може да патува 50 километри. Времето за полнење на батеријата трае 6 часа (со полнач со 2,4 kW) или за 2,3 часа (преку опционален модул за полнење со 7,2 Kw). Што се однесува до опремата, тука се сериски 21- инчни тркала, позајмени од 911, керамички сопирачки (PCCB) и Porsche Dynamic Chassis Control Sport (PDCC Sport) со Porsche Torque Vectoring Plus (PTV Plus).

За цените не стана збор, но како што можевме да дознаеме од неврзан разговор тие ќе бидат за 10% повисоки од стандардната Panamerа.

 

 

Поврзани вести

Back to top button