Возевме Peugeot 2008: Остри канџи и питома душа

Со новиот 2008, Peugeot ја започнува ерата на енергетска транзиција во SUV гамата која треба да понуди патување на сите кои движењето им е во срцето

Светот се менува, а пред призводителите на автомобили се исправаат нови предизвици кои бараат соодветни решенија и енергични одговори. Францускиот производител го прифати предизвикот и со сиот свој потенцијал влегува во играта. Со новиот 2008, Peugeot ја започнува ерата на енергетска транзиција во SUV гамата која треба да понуди патување на сите кои движењето им е во срцето, без разлика на кој континент се наоѓаат, бидејќи тој настапува како глобален модел.

На покана од импортерот Еуроимпекс и Peugeot, отпатувавме во Франција, поточно во регионот на Прованса на интернациналната промоција на моделот Peugeot 2008 од втората генерација, како би можеле подобро да се запознаеме со најновиот член на SUV гамата. Моделот Peugeot 2008 стана еден од најважните модели на францускиот бренд, привлекувајќи над милион клиенти досега. Знаејќи го овој податок, дизајнот на втора генерација започнува таму каде што застана предходникот, но овој пат со далеку посмел и похрабар изглед што влече инспирација од поголемиот Peugeot 3008, држејќи се до зацртаниот дизајнерски правец, но со изразено јак сопствен карактер.

На врвот од класата

Внатрешноста наликува на она што сме го сретнале кај поновите модели од гамата, но се е подигнато на едно ниво погоре, користените материјали и завршната обработка го сместуваат Peugeot 2008 во врвот од класата. Зголемените габарити од 14 сантиметри во должина носат повеќе простор во кабината, особено на задната клупа и делот предвиден за багаж кој има волумен од 434 литри, додека кај електричната верзија оди до максимални 405 литри.

Пред возачот се наоѓа новиот i-Cockpit во 3D изведба со што сите најважни информаци се прикажани во прв план како холограм. Како што истакнаа одговорните, истиот ја подобрува реакцијата зад управувачот од 0,5 до 1 секунди што влијае позитивно на безбедноста во сообраќајот. Инфозабавниот систем кај 2008 достигнува големина од 10 инчи и како што е ред лесно се поврзува со системите на мобилните телефони од типот на Android Auto и Apple Car Play.

Peugeot 2008

Командувањето со функциите е изведено преку клавирските типки или капацитативните копчиња сместени логички над нив. За аудио доживувањето се грижи компанијата Focal која за кабината на 2008 има подготвено сет од дури 20 звучници распоредени на начин кој овозможува врвно искуство.

Енергични погони

Понудата кај бензинците на Peugeot 2008 се базира на 1.2 трицилиндричен агрегат со турбо полнач што овозможува три верзии на моќност, 100 КС, 130 КС и единствено во GT изведба со 155 КС. Дизелскиот погон останува во игра и тоа преку 1,5 литарскиот четирицилиндричен турбо мотор со два типа на излезна сила од 100 КС и 130 КС. Сите двигатели од понудата се со исклучително ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6 d-Temp нормативите. Во спрега со нив работат 6 брзински мануелни менувачи или 8 степена автоматска трансмисија која доаѓа како стандард кај најмоќните изведби, истата во зависност од потребите нуди избор за начин на возење: Eco, Normal Sport, но во ниту една опција не нуди погон на сите тркала.

Целосно нов e-2008

Тука е и новата звезда во понудата, верзијата која е придвижувана 100% од електрична енергија. Нејзиниот електричен погон на 2008 располага со 136 КС и 260 Nm, силата ја црпи од батеријата со капацитет од 50 kWh и според новиот WLTP систем овозможува автономија од 320 километри. Бризната на полнење до 80% трае 30 минути доколку 2008 е приклучен на полнач од 100 kWh. Самата батерија има гаранција од 160.000 км или 8 години со акцент дека нејзината моќност нема да биде помала од 70% во тој период.

Возните карактеристики и потпирањето се далеку над очекувањата, малиот кросовер се управува повеќе како автомобил отколку како SUV, а моторите повлекуваа моќно и без размислување во секоја прилика. Електричната изведба нѐ изненади со агилноста и покрај тоа што е потешка од верзиите со конвенционални агрегати, максималната влечна сила ја испорачува од самиот старт со што во вистинско светло ги покажува предностите на електричните мотори.

Новиот Peugeot 2008 се очекува на нашиот пазар да стигне во првата половина од 2020 година и тоа во сите три моторни изведби, до тогаш ќе биде формирана и ценовната политика на импортерот Еуроимпекс, за што дополнително ќе информираме.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close