fbpx

Возевме: Renault Clio 5

По успешната продажба од речиси 15 милиони примероци досега, Cliо влегува во својата петта генерација со многу технолошки подобрен квалитет и хибриден погон

Петтата генерација на Renault Clio пред очите на јавноста се појави на Саемот во Женева оваа година, а екипата на АвтоПлус за прв пат имаше можност да седне позади управувачот на привлечниот хечбек на регионалната промоција во Љубљана која се одржа оваа недела. Како дел од промоцијата, повеќе околу еволутивниот дизајн и новите технолошки достигнувања имавме прилика да слушнеме од директорот на производство Јоже Беле и генералниот директор на Renault Nissan Adriatic, Франсоа Делио.

Првиот Renault Clio беше лансиран во 1990 година и стана еден од најпродаваните модели на Renault Group ширум светот. Моделот е најпопуларен во матичната Франција и е на врвот на Б-сегментот во Европа од 2013 година, при што во период од 2012 до 2018 година забележа неверојатен успех и силен раст во продажбата. Развиен под влијание на придобивките на секоја од претходните четири генерации, како и нивните недостатоци, петтата генерација на популарниот хечбек започнува ново, долгоочекувано поглавје од оваа успешна приказна.

Renault Clio 5

Комплетно новото Clio сега достигнува уште поспортска и помодерна нота, која сепак ја задржува својата ДНК на која и се должи успехот во последните 30 години. Под мотото „еволуција и револуција“, француската икона е креирана така да достигнува ново ниво на софистицираност и динамичност, со сензуални линии наследени од претходната генерација.

Сепак, кај новото Clio секој елемент е комплетно нов. Секој панел е модифициран, и покрај тоа што неговата надворешност е јасна еволуција на претходниот модел. Ова се забележува особено во задниот дел, додека пак предниот крај има елементи позајмени од поголемиот брат, тековниот Megane. Такви се предните LED фарови кои се стандардни во целиот опсег. Предниот дел е дизајниран и во аеродинамична насока, каде значаен придонес имаат воздушните отвори во браникот кои го спроведуваат воздухот под автомобилот.

1 | Renault Clio 5
2 | Renault Clio 5
3 | Renault Clio 5 
4 | Renault Clio 5 

    Како значаен новитет е и новата платформа на која се темели Clio 5. Се работи за целокупно новата архитектура на Renault-Nissan алијансата, наречена CMF-B, која исто така овозможува нова хибридна електрична верзија, што ќе пристигне во опсегот веќе од следната година. Ќе ја користи E-Tec хибридната технологија, која со 1,2 kWh батерија, ќе овозможи горивна заштеда до дури 40 проценти во урбани услови, а дел ќе е и регенеративниот систем на сопирање.

    Вистинската револуција е забележлива во кабината на францускиот хечбек, која предизвика најголемо внимание. Робусната и обична пластика сега е со поголем квалитет, а заменскиот материјал е прилично помек на допир. Дизајнот е покомпактен за да обезбеди повеќе простор и да се инкорпорира поголема технологија, што значи дека паметната кабина на новиот Clio е целосно прилагодлива за возачот.

    Наместо досегашниот аналоген, инструмент таблата сега добива дигитално издание со големина од 7 до 10 инчи, додека пак мултимедијалниот дисплеј доаѓа во варијанта од 9,3 инчи. Управувачот е исто така нов и има за задача да достигне поспортска нота во внатрешноста, а и да го зголеми нивото на функционалност на кабината. На листата на опционални додатоци, достапно е и амбиенаталното осветлување во осум различни бои.

    Renault Clio 5

    Она со што може да се пофали Renault кај новиот модел се техничките достигнувања и најсеопфатниот опсег на системи за помош при возење во својот сегмент кои имаат за цел да го поедностават возењето и да ја зголемат безбедноста. Тука вклучени се системите како адаптивен темпомат со функција Stop&Go, ограничувач на брзината, автоматско вклучување и исклучување на долгите светла, автоматски сопирачки, препознавање сообраќајни знаци, систем за одржување во лента, систем за помош при паркирање и SOS повик.

    Во поглед на погонсиот асортиман, новиот Renault Clio е достапен со три бензински и еден дизел мотор. На бензинската листа се наоѓа економичниот 1,0 литарски три-цилиндарски SCe, со 75 коњски сили и 95 Nm вртежен момент, новиот 1,0 литарски три-цилиндарски турбо Tce, со 100 коњски сили и 160 Nm, и за крај 1,3 литарскиот Tce кој го прави своето деби кај Clio со 130 коњски сили и 240Nm. Како дел од најновата генерација на дизел мотори кој обезбедуваат поголема економичност, Clio е достапен со 1,5 литарскиот Blue dCi во две верзии и тоа со 85 коњски сили и 220 Nm и 115 коњски сили и 260 Nm.

    Петтата генерација на Renault Clio наскоро ќе биде достапна и кај нас, а што се однесува до цените, неговата почетна цена во соседната Србија изнесува 11.990 евра, а таа за македонскиот пазар ќе биде објавена набрзо.

    Поврзани вести

    Back to top button