VW го испраќа Touareg во историјата со специјално издание
Volkswagen го завршува производството на својот култен модел Touareg во 2026 година со специјално Final Edition издание

Како дел од збогувањето, Volkswagen подготви специјално издание наречено Final Edition, достапно во сите нивоа на опрема. Секој примерок носи гравирано лого „Final Edition“ на рамките на задните прозорци, осветлени прагови и детали на контролната табла, додека врвните верзии добиваат и специјален кожен менувач со натпис.
Основната верзија доаѓа со 18-начински подесливи седишта, Curved Display мултимедија, 18-инчни алуминиумски тркала и комплетен пакет на системи за асистенција при возење.
Поголемиот Elegance пакет додава IQ.Light Matrix LED фарови, 3D задна светлосна графика, амбилентално осветлување во повеќе бои и хромирани детали, додека R-Line верзијата носи поспортски изглед и динамично подесување.
На врвот се наоѓа Touareg R Hybrid, со 456 КС и 700 Nm вртежен момент, благодарение на plug-in hybrid погон кој комбинира 3.0-литарски V6 мотор и електричен погон.
Цените во Германија започнуваат од 75.025 евра, а достигнуваат до 103.005 евра за хибридната R верзија.
Две децении историја и иновации
Touareg беше личен проект на легендарниот Фердинанд Пјех, со цел Volkswagen да се позиционира во премиум SUV сегментот. Развиен во соработка со Porsche Cayenne, моделот му овозможи на брендот да покаже дека знае да направи SUV со карактер, технологија и перформанси.
Првата генерација (2002–2009) се продаде во 471.000 примероци, втората (2010–2018) достигна 483.000, а третата (2018–2026) над 265.000 возила.
Touareg остави трага и во историјата на автомобилскиот спорт – во 2005 година, автономниот прототип „Stanley“ ја освои пустинската трка DARPA Grand Challenge, а во 2006 година модел со V10 TDI мотор успеа да повлече Boeing 747. Помеѓу 2009 и 2011, верзиите Touareg Race Touareg трипати ја освоија рели-трката Dakar.
Крај на една ера – почеток на нова
Иако VW Touareg во својата моментална форма заминува во историјата, иднината изгледа електрична. Компанијата потврди дека крајот се однесува само на верзиите со мотори со внатрешно согорување, што значи дека Touareg ќе се врати како електричен SUV.
Според извори од индустријата, ID. Touareg е веќе во развој и ќе ја користи новата SSP платформа на Volkswagen, истата која ќе ги поддржува идните електрични флагшип модели на брендот.
Со тоа, Touareg го завршува своето 20-годишно патување како симбол на инженерска прецизност и технолошки напредок – и се подготвува да ја започне новата, електрична ера на Volkswagen.