fbpx

VW го претстави новиот мини кросовер Taigo

Германскиот гигант Volkswagen додаде уште еден кросовер во својата понуда, а станува збор за малиот Taigo

Volkswagen продолжува да го полни своето портфолио со кросовер модели, навлегувајќи во речиси секој можен сегмент. Германскиот производител сега на европските купувачи им понуди нов субкомпактен SUV модел кој е наречен Taigo. Овој кросовер всушност дебитираше минатата година, но под името Nivus и тоа на јужноамериканскиот пазар, за сега да пристигне и на Стариот континент.

Германската марка за својот нов адут вели дека е „првиот SUV купе кој ќе биде лансиран во сегментот на мали автомобили“. Базиран на истата MQB A0 платформа како и T-Cross, Taigo добива една пониска и опаѓачка покривна линија во стилот на купе, а исто така е и подолг за 160 милиметри со должина од 4.270 мм, а широк е 1.757 милиметри. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.566 мм, што е за многу малку повеќе од Polo и T-Cross.

Сепак, изгледот кај VW Taigo си го зема данокот, па така поради стилската купе линија, малиот кросовер добива нешто помал капацитет на багажникот, односно 438 литри, наспроти 455 литри кои ги има T-Cross.

Препознатлив ентериер

Ентериерот уште на прв поглед делува препознатливо, благодарение на тоа што е пресликана внатрешноста од редизајнираниот Polo, а разликата е единствено во изборот на боите. Со оглед на тоа, моделот ја добива најновата генерација на MIB3 инфозабавниот систем во комбинација со стандардниот 6,5 или опционалниот 9,2-инчен екран на допир со бежичен Apple CarPlay и Android Auto, како и целосно дигитален инструмент кластер. Меѓу опциите се наоѓаат и контролите за клима-уред чувствителни на допир и IQ.Drive пакетот во кој се наоѓаат неколку системи за асистенција на возачот.

Volkswagen Taigo пристигнува исклучиво со погон на предните тркала, а европските купувачи ќе можат да изберат меѓу два бензински мотори при лансирањето. Базичниот е 1,0-литарскиот турбо трицилиндричен TSI со 94 или 109 КС, како и 1,5-литарскиот турбо четирицилиндричен со 148 КС. Послабиот 1.0 TSI со 94 КС ќе биде во комбинација со стандарден петстепен менувач, додека помоќниот ќе нуди избор меѓу шестстепен мануелец или седумстепен DSG менувач.

Volkswagen Taigo

Цените за новиот Volkswagen Taigo се уште не се објавени, а Volkswagen ќе започне да прима нарачки во последниот квартал од годинава, додека првите испораки се очекуваат на почетокот од следната година.

Поврзани вести

Back to top button