fbpx

VW Golf R доби своја караванска изведба

Поставата на Volkswagen Golf повторно е проширена со додавањето на новиот Golf R во караванска изведба со нагласени перформанси

Volkswagen додаде уште една верзија во опсегот на Golf со претставувањето на моделот Golf R Wagon, односно Golf R Variant или Estate, назив кој варира зависно од пазарот. Исто како и хечбекот, така и караванската изведба на VW Golf R се напојува со 2,0-литарскиот турбо четирицилиндричен мотор кој ги испорачува истите 319 КС и 420 Nm максимален вртежен момент. Моќноста се испраќа преку сите четири тркала благодарение на седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка.

Од Volkswagen велат дека новиот Golf R караван од 0 до „стотка“ стигнува за 4,9 секунди, што е за 0,2 секунди побавно од хечбекот, а максималната брзина е 270 километри на час со достапниот R Performance пакет, или 250 километри на час без истиот. Пакетот додава и 19-инчни тркала, а исто така содржи и Nurburgring и Drift возачки режими.

Поголема практичност

Караванскиот Golf R е за 79 килограми потежок од хечбекот, но тоа е минимална жртва во однос на практичноста која ја нуди. Капацитетот на багажникот изнесува 611 литри, а со склопеин седишта нуди 1.642 литри. Исто така, има влечен капацитет од 1.900 килограми. Volkswagen направи и неколку промени на системот за потпирање со цел моделот да се справи со додадената тежина и различната дистрибуција на тежината во однос на хечбекот. Практичноста е нагласена и со закачалки за торби и мрежа во багажникот, каде се наоѓа и 12-ватна конекција и 230-волтен приклучок. VW исто така овозможи и „хендсфри“ пристап до задната врата, а тука се и посебните контроли за електрично извлекување и вовлекување на влечната кука.

Во споредба со претходната генерација, новиот VW Golf R караван е 349 милиметри подолг и нуди попростран ентериер. Кабината исто така пристигнува со истите нови карактеристики како и хечбекот, вклучително и синото амбиентално осветлување, тримот од вештачки карбон, спортски седишта, управувач со рамно дно и сини графики на инфозабавниот и дигиталниот инструмент екран.

Деталите околу цените не се соопштени, а стартот на продажбата е предвиден за средината на август во Германија, Велика Британија и Швајцарија, пред да пристигне и на останатите пазари.

Поврзани вести

Back to top button