fbpx

VW, Škoda и Cupra најавија нови урбани ЕВ за 2025

Volkswagen Групацијата со тизери најави три урбани електрични возила кои ќе бидат претставени во 2025 година од Volkswagen, Škoda и Cupra

Трите брендови на германскиот автомобилски конгломерат VW AG – Volkswagen, Škoda и Cupra се подготвуваат за лансирањето на целосно нови, урбани електрични автомобили кои ќе ја претставуваат влезната понуда во нивната гама. Трите модели ќе пристигнат во 2025 година, а ќе се произведуваат во Шпанија, каде Групацијата ќе гради нова фабрика по масивната инвестиција од 10 милијарди евра во регионот.

Овие влезни модели во ЕВ гамата на брендовите се претставени и најавени со едноставни цртежи. Сите три ќе бидат базирани на помалата верзија на MEB архитектурата, споделувајќи батерии и електромотори, а во согласност со тоа ќе имаат слични пропорции со различни дизајнерски идентитети. Според претходните најави, цените ќе стартуваат меѓу 20.000 и 25.000 евра.

Три слични модели со различни дизајнерски карактеристики

Предлогот на Volkswagen делува различно во однос на ID.Life концептот и изгледа како минијатурна верзија на ID.3, потврдувајќи ги претходните шпекулации за целосен редизајн. Моделот се одликува осветлена решетка и амблем, претопувајќи се со агресивниво стилизираните фарови. Останатите карактеристики кои можат да се изведат од овие тизер цртежи се заоблените површини и севкупните пропорции кои изгледаат како суб-компактен хечбек.

VW Škoda Cupra

Кога станува збор за моделот на Cupra, од цртежите може да се забележи дека станува збор за урбан кросовер, кој беше најавен од Seat минатата година. Моделот има спортска става, иако е помалку радикален од UrbanRebel концептот. Забележлива е различната боја на покривот и нагласените задни рамена, додека клиренсот е зголемен благодарение на што добива поавантуристички изглед.

На крајот, пристапот на Škoda исто така делува како кросовер, но како што може да се очекува од чешкиот бренд, моделот ќе биде повеќе фокусиран на практичноста. Возилото делува дека има коцкасти сводови над тркалата со пластични заштити и поедноставни површини, во согласност со новиот дизајнерски идентитет на Škoda.

Како што најави извршниот директор на чешката марка, Томас Шафер, новиот електричен автомобил ќе се разликува од своите „роднини“, инкорпорирајќи притоа уникатни карактеристики.

VW со најголема инвестиција во историјата на Шпанија

Покрај престојните модели, VW Групацијата најави и дека ќе инвестира 10 милијарди евра во земјата како дел од Future: Fast Forward проектот. Оваа инвестиција е опишана како најголемата индустриска инвестиција во Шпанија и поголема од првичните планови.

Триото електрични возила од Volkswagen, Škoda и Cupra ќе се произведуваат во новите производствени линии во фабриките во Марторел и Памплона. Уште поважно, новата фабрика за батерии ќе биде изградена во Сахунто, со годишен производствен капацитет од 40 GWh. Изградбата ќе започне во првиот квартал од 2023 година, а првите батерии ќе бидат произведени во 2026, креирајќи повеќе од 3.000 работни позиции до 2030. Фабриката исто така ќе биде и карбон-неутрална, користејќи зелена енергија од новата соларна фарма која ќе биде изградена во непосредна близина.

Volkswagen Групацијата планира да изгради шест фабрики за батерии во Европа до 2030, со тоа што погоните во Скелефтеа, Шведска (2023), Салцгитер, Германија (2025) и Сахунто, Шпанија (2026) се веќе потврдени).

Поврзани вести

Back to top button