fbpx

WM Sport GT базиран на легендарниот Jaguar E-Type со 400 КС

Малата британска фирма Woodham Mortimer го претстави својот WM Sport GT, адаптирана и модифицирана верзија на легендарниот Jaguar E-Type

Компанијата Woodham Mortimer е позната по тоа што се занимава со реставрација и подготовка на автомобили за тркачките патеки, а овојпат се пофалија со својот нов проект кој го доби името WM Sport GT, автомобил кој е базиран на иконскиот Jaguar E-Type од шеесетите години на минатиот век.

Оригиналниот модел е технолошки и механички унапреден со современи компоненти, како и безбедносни системи, додека стилските интервенции на надворешноста и внатрешноста се минимални со цел да се зачува спектакуларната естетика која е карактеристична за овој автомобил, но и за останатите модели од тој период.

WM Sport GT

Сепак, WM Sport GT според некои свои детали се разликува од оригиналниот модел. Имено, каросеријата доживеа благо проширување, а хромираните браници се нешто поинакви во однос на вистинскиот Jaguar E-Type. Ентериерот е обложен во кожа и алкантара, додека седиштата и управувачот се специјално изработени за овој автомобил. Но, најважно е да се спомене дека најголемата промена на овој автомобил се наоѓа под хаубата.

Со тоа, WM Sport GT наместо оригиналниот шестцилиндричен мотор кој се наоѓаше кај оригиналниот Jaguar, доби нов, 4,7-литарски агрегат наменет за тркачки возила кој произведува огромни 400 КС, а моќта на моторот се пренесува на задните тркала со помош на петстепениот мануелен менувач развиен од страна на инженерите на компанијата Woodham Mortimer. WM Sport GT доби и унапреден систем на кочење, односно масивни вентилирачки дискови кои се грижат за безбедно запирање на автомобилот.

Доколку сакате да станете сопственик на еден ваков автомобил, тоа задоволство ќе ве чини помеѓу 330 и 350 илјади фунти, зависно од дополнителните опции кои се на располагање.

Поврзани вести

Back to top button