Xiaomi го претстави својот прв електричен SUV YU7

Xiaomi YU7 е нов електричен SUV со до 681 КС, 770 км автономија и напредни технологии и нуди луксуз, брзина и стил во едно пакување

По успешниот старт на електричниот седан SU7, Xiaomi влегува во SUV сегментот со новиот YU7, кој официјално беше претставен во Кина. Станува збор за втор модел на технолошкиот гигант и прв SUV во неговото портфолио, со дизајн, перформанси и технологија кои го позиционираат како сериозен конкурент во премиум EV сегментот.

Xiaomi YU7

Агресивен дизајн и врвна аеродинамика

YU7 се издвојува со „shark nose“ преден дел, „водени капки“ фарови и најголемата алуминиумска хауба со едно отворање во индустријата. Благодарение на 10 активни аеродинамични канали, 19 оптимизирани отвори и активна маска, моделот постигнува впечатлив коефициент на отпор од само 0,245.

Меѓу визуелните акценти се вклучени рачки за врати кои се рамни со каросеријата, панорамски стаклен покрив, LED „halo“ светла и два заден спојлера. YU7 е достапен во три впечатливи бои: Emerald Green, Titanium Silver и Lava Orange.

Xiaomi YU7

Просторен, технолошки напреден ентериер

Внатрешноста е минималистичка, но исполнета со технологии. Централно место зазема 16.1-инчен инфотејнмент екран, а преку целата ширина на шофершајбната се протега HyperVision Panoramic Display од 43,3 инчи, сличен на оној кај BMW.

Патниците ќе уживаат во гравитациски седишта обложени со Nappa кожа, електрично прилагодливи со масажа и задни седишта со навалување до 135°. Тука се и двоен систем за задна забава, безжично полнење на телефони, амбиентално осветлување и меко обработени површини.

Багажниот простор изнесува 678 литри, кој може да се прошири до 1.758 литри со преклопување на седиштата. Дополнително, предниот багажник (frunk) нуди уште 141 литар.

Три верзии со импресивни перформанси

Xiaomi ќе понуди три различни верзии на својот електричен SUV. На почетокот на понудата се наоѓа YU7 Base кој доаѓа со 316 КС (235 kW) и 528 Nm вртежен момент, а забрзувањето од 0-100 км/ч го достигнува за 5.9 секунди. Моделот доаѓа со батерија од 96.3 kWh што нуди опсег до 835 километри. Над него е YU7 Pro кој нуди погон на сите тркала и моќност од 489 КС и 690 Nm вртежен момент, што овозможува забрзување до „стотка“ за 4,3 секунди. Подобрите перформанси значат и нешто помала автономија на движење од 760 километри, со оглед на тоа дека овој модел доаѓа со истата батерија како базичниот.

Xiaomi YU7

На врвот на понудата се наоѓа верзијата YU7 Max која располага со 681 КС и 866 Nm вртежен момент, над двојно повеќе коњски сили од базичниот модел и далеку поголем вртежен момент од Pro и Base. Оваа конфигурација забрзува до „стотка“ за 3,2 секунди, а доаѓа со батерија од 101,7 kWh што овозможува автономија на движење од 770 километри со едно полнење.

Сите верзии поддржуваат ултрабрзо полнење: 10-80% за само 12 минути, или до 620 км автономија за 15 минути.

Xiaomi YU7

Подвозје, безбедност и автономни системи

Моделот има двојни попречни рачки напред и петлинков заден систем со воздушни амортизери и пет нивоа на прилагодување на висината (до 222 милиметри клиренс). Вклучени се и континуирана контрола на амортизацијата, како и четириклипни Brembo сопирачки.

YU7 користи LiDAR, 4D радар, 11 камери и 12 ултразвучни сензори за напредни ADAS системи за автономно возење и безбедност.

Достапност и цена

Иако официјалната цена ќе биде објавена во јули, извршниот директор на Xiaomi, Леи Џун, изјави дека YU7 ќе биде поскап за 8.300–9.700 долари од Tesla Model Y, кој чини 263.500 јуани (околу 35.000 евра) на кинескиот пазар.

Поврзани вести

Back to top button